Се откажа од славата, се пресели во Шпанија и има три деца: Што прави Амбер Херд по губењето на судскиот спор против Џони Деп
По бурниот период исполнет со судски драми и медиумски притисок, животот на Амбер Херд денес изгледа сосема поинаку од некогашниот холивудски гламур.
40-годишната актерка, која важеше за една од најбараните ѕвезди, се повлече од јавниот живот и направи радикален пресврт по судскиот спор со поранешниот сопруг Џони Деп во 2022 година.
По драматичните случувања по тужбата за клевета, ѕвездата од „Aquaman“ одлучи да го напушти САД и да започне нов живот во Шпанија, каде денес живее далеку од медиумската врева.
Наместо црвени теписи, гламурозни забави и холивудски премиери, таа сега води мирен, повлечен живот, фокусирана на трите деца и личниот развој. Според извори блиски до актерката, токму стресот од судењето бил клучната причина за ваквата одлука.
Херд денес е мајка на ќерката Уна Пејџ и близнаците Агнес и Оушн, кои ги доби во 2025 година. Деновиве, таа беше фотографирана на прошетка со нив.
Амбер често истакнува дека мајчинството ѝ е најголемиот приоритет и дека конечно има можност целосно да се посвети на децата. Во ретките јавни објави, таа споделува моменти од семејниот живот, нагласувајќи дека токму тоа ѝ носи вистинска среќа и исполнетост.
Во Мадрид, Херд успеа целосно да се интегрира во локалната заедница. Таа сега зборува шпански, ги избегнува медиумите и живее релативно анонимно, нешто што во САД било речиси невозможно.
Соседите ја опишуваат како тивка и повлечена личност и често е забележувана како ја носи ќерката на училиште и се шета низ населбата без никакво обезбедување или внимание.
Иако ретко зборува за минатото, Амбер призна дека судскиот процес оставил длабоки последици. Во еден документарец изјави дека повеќе не сака да биде гласна во јавноста и дека претпочита приватност.