Се омажи Ема Робертс: Синчето ја однесе до олтарот, тетка ѝ Џулија Робертс меѓу гостите
Ема Робертс и актерот Коди Џон официјално стапија во брак. Двојката, која беше во врска 4 години, се заколна на вечна љубов на интимна церемонија одржана на семејниот имот на младоженецот во Сан Вали, Ајдахо.
Меѓу гостите беше и тетката на Ема, славната актерка Џулија Робертс, а невестата до олтарот пристигна држејќи го за рака својот син Родс.
За својот посебен ден, 35-годишната актерка избра уникатен модел на венчаница, инспириран од винтиџ естетиката. Креацијата била создадена специјално за неа од дизајнерката Моник Лулие. Станува збор за свилен шифон во нежна нијанса, со корсет, висок шлиц, впечатлив превез и чипкан детаљ кој може да се носи како лента за коса. Всушност, убавината на венчаницата е што може да се трансформира во пет различни изгледи.
„Некако сакав да изгледам како дух – малку како античка кукла-дух“ - изјави Ема за Vogue за време на последната проба на венчаницата.
Таа тогаш призна дека подготовките за вистинската свадба кај неа предизвикале и мала трема.
„Веќе сум се мажела во филм и тогаш пробував венчаници, што е навистина чудно. Но, сега е ‘она вистинското’“ - додаде Робертс.
Изработката на венчаницата траела дури девет месеци со речиси 1.000 часа работа. Кога првпат го облече комплетниот стајлинг, Ема не го криеше своето воодушевување: „Се чувствувам како самовила“.
Едно од најголемите изненадувања е тоа што, откако ќе се извади чипканиот шал, се открива венчаница со голи раменици. Нејзините пријателки биле убедени дека свршеникот Коди ќе заплаче штом ќе ја види.
„Нему не би му било важно ни ако дојдам во фармерки. Но, од ова дефинитивно ќе остане без зборови“ - низ смеа изјавила невестата.
За забавата по свадбата, актерката избра уште посмел изглед – црн дводелен винтиџ фустан со корсет.
„Ми се допаѓа идејата да носам црно на забавата по свадбата. Сакаме да направиме нешто малку неочекувано. Изгледа како да е старо сто години, а истовремено и современо. Ќе биде многу забавно“ – рече Робертс.
Ема и Коди Џон се свршија во јули 2024 година. Актерката е мајка на синот Родс, кого го доби во 2020 година од претходната врска со актерот Гарет Хедлунд.