„Сѐ на светов би дала ќерка ми да може да растура“: Психологот Елена Џебр со моќна порака за родителите кои се нервираат поради нередот дома
Расфрлани играчки, трошки насекаде, валкани рачиња кои не знаат за пауза... хаос каде и да се свртите. Ова се обични сцени од секојдневието на родителите со мали деца кое често им создаваат фрустрации.
Но, што ако нередот кој нас нè нервира некој друг копнее да го гледа?
Психологот Елена Џебр сподели разговор кој ја расплакал и ја поттикнал засекогаш да го промени начинот на кој гледа на хаосот во домот.
„Сѐ на светов би дала ќерка ми да може да ги отвора фиоките и да растура. Сѐ“ - ѝ рекла една мајка, говорејќи за нејзината ќеркичка која се соочувала со здравствен проблем.
Таа реченица ја трогнала Елена и години подоцна, сè уште ја потсетува на она што е навистина важно.
Прочитајте ја нејзината порака:
„Ако сè е приоритет, ништо не е приоритет.
Домот секогаш ќе има нешто за средување.
Животот нема бесконечно време за живеење.Пред мене седеше мајка на две деца со која работев пред повеќе години, додека бев бремена со второто дете. Нејзината помала ќерка имаше здравствен проблем. Во еден момент, додека зборувавме, ми рече:
„Елена, сѐ на светов би дала ќерка ми да може да ги отвора фиоките и да растура. Сѐ. Да ја видам како посегнува со малите рачиња. Како отвора фиока. Како љубопитно пребарува низ неа. Како вади едно по едно нешто и го остава на подот. Да може да растура.“Потоа ми рече:
„Син ми толку ме нервираше кога растураше. Постојано одев по него и собирав. А сега? Сега ќерка ми не може.“Се расплака таа. И мене ми дојдоа солзи. Тоа беше еден од оние моменти во мојата работа што не остануваат само во собата. Она што ми го кажуваше жената пред мене, ме погоди и лично. Тој разговор ме најде сред бременост и веројатно затоа влезе уште подлабоко во мене. Се сетив на сите оние мали работи поради кои знаеме да се нервираме:
отворена фиока.
играчки на цел под.
валкани раце.
трошки.
облека фрлена каде што не треба.
нешто кое штотуку сум го средила,
повторно растурено.Истите работи за кои некој друг би дал сѐ да ги гледа секој ден.
Не мислам дека од тој ден магично престанав да сакам ред. Напротив. Сакам чист дом. Сакам средено. И денес голем дел од денот ќе ме видиш како собирам, бришам, местам, враќам работи на место. Но нешто во значењето што му го дознав на нередот, почна да се менува. Веќе не сакам домот да биде под контрола, а јас да не сум.
Порано можеше да ме видиш и со четка за заби како чистам некој ќош. Мислев дека решението е да станам уште поорганизирана. Да стигнам повеќе. Да имам подобар систем. Да не оставам ништо за после.
Дури подоцна сфатив дека не ми требаше уште подобра организација. Требаше да научам да не планирам како животот како да нема живот во него.
Мислам дека третото дете конечно ме научи на она што тој разговор ми го покажа години претходно. Не можев повеќе да одам зад секое дете и веднаш да ја враќам реалноста во првобитна состојба. Нешто секогаш беше на под. Нешто чекаше. Нешто остануваше недовршено. Морам да научам да разликувам што навистина мора сега, а што само сум навикната да го правам веднаш.
Пред некој ден, штотуку вратени од одмор, куферите уште отворени, куп алишта што чекаат перење, куќата далеку од средена, ги гледав како седат сред купот чевли што сами го направиле. Порано веројатно веднаш ќе ги извадев. Ќе ги соберев чевлите. Ќе брзав да им ги мијам рацете. Да ги пресоблечам. Да ги вратам работите. Да средувам додека тие повторно растураат зад мене.
Безбедни се? Да.
Среќни се? Да.
Мора ли ова да се среди баш сега? Не.Порано редот ми „кажуваше“ кога смеам да одморам. Денес јас одлучувам. Не чекам веќе куќата да ми даде „дозвола“ да седнам. Не чекам последната играчка да биде на место за да почувствувам дека денот бил добар.
Следниот пат кога ќе видиш отворена фиока, играчки на подот или мали раце што повторно го растураат она кое штотуку си го средила, застани само една секунда. Погледни ги рачињата. Пред тебе има дете кое може да посегне. Да отвори. Да истражува. Да биде љубопитно. Да го допира светот.
Ќе средиш. Само не мора секогаш веднаш.Работите за средување никогаш нема да завршат. Овој живот ќе помине.
Затоа не сакам секое нешто што бара мое внимание автоматски да го добие.
Не мора сè да биде на свое место.
Важно ми е јас да останам на своето - местото од кое одлучувам што навистина е важно.“