Шарлиз Терон одушеви во машки костум од Диор откако зборуваше за моментот кога мајка ѝ го уби татко ѝ
Шарлиз Терон деновиве привлекува внимание не само со впечатливиот моден избор, туку и со искреното сведоштво за еден од најтешките моменти во животот кога мајка ѝ го уби татко ѝ во самоодбрана.
На премиерата на филмот „Apex“ во Њујорк, 50-годишната оскаровка се појави во смел и софистициран костум од Dior, кој веднаш стана тема на разговор. Станува збор за креација од машката колекција есен 2026 на познатиот моден бренд.
Но, она што го направи изгледот на Шарлиз посебно впечатлив беше нејзината одлука да не носи ниту кошула ниту градник под сакото.
Сепак, зад гламурот Терон крие една не толку гламурозна лична приказна. Во неодамнешно интервју, Терон се наврати на трауматичната ноќ кога имала само 15 години, а нејзината мајка Герда го застрелала татко ѝ во самоодбрана.
Актерката, која е родена во Јужноафриканската Република, отворено зборуваше за семејното насилство со кое живееле, опишувајќи како нејзиниот татко, под дејство на алкохол, пукал кон нивниот дом и јасно им се заканувал дека ќе ги убие.
„Упадна во куќата. Пукаше низ челичните врати за да влезе, јасно ставајќи до знаење дека ќе нè убие“ – рекла Шарлиз.
Исплашена за нивните животи, мајка ѝ Герда отишла до сефот и зела пиштол, па истрчала во собата на Шарлиз за да се засолнат.
„Двете ја држевме вратата со телата затоа што немаше брава. А тој се повлече и почна да пука низ вратата. И најлудото е што ниту еден куршум не нè погоди“ – споделила таа.
Дури кога татко ѝ се вратил кон сефот за да земе уште оружје, Герда излегла од собата и возвратила со оган кон него и неговиот брат, кој исто така го поттикнувал насилството.
„Брат му трчаше низ ходникот, а таа испука еден куршум кој се одби седум пати и го погоди во раката. Тоа се работи кои не можеш да ги објасниш. Потоа тргна по татко ми, кој во тој момент го отвораше сефот за да земе повеќе оружје, и го застрела“ – раскажала Шарлиз.
По фаталниот настан, мајка ѝ веќе следниот ден ја испратила на училиште, решена заедно да продолжат напред.
И токму тоа го направиле. Само една година подоцна, Шарлиз се пресели во Италија за да работи како модел. Подоцна изгради успешна кариера во САД како актерка и продуцентка, а стана и мајка на ќерките Џексон (13) и Огуст (10).
Денес, филмската ѕвезда е посветена на подигнување на свеста против родово базираното насилство и ја споделува својата приказна со надеж дека ќе им помогне на другите.
„Мислам дека за овие работи треба да се зборува, затоа што тоа им помага на луѓето да не се чувствуваат сами. Кога ни се случи ова, мислев дека сме единствени. Денес веќе не сум прогонувана од тие спомени“ – рекла Терон.
