„Санторини ми беше сон“: Верица од Струмица се омажи во спектакуларна венчаница инспирирана од „Gossip Girl“ во Грција
За Верица Китанова, свадбата на Санторини била остварување на сон кој го носела со себе уште од тинејџерските денови. На само 16 години, откако првпат видела свадба на овој прекрасен грчки остров, си замислила дека токму таму ќе го каже судбоносното „ДА“ ако некогаш се омажи.
Години подоцна, со својот избраник, Британецот со кого дели хармонична љубовна приказна, струмичанката ја реализираше својата замисла до последен детаљ.
На карпа над морето, со волшебното зајдисонце на Санторини, убавата русокоса и нејзиниот сопруг го започнаа заедничкиот живот, опкружени со 83 гости кои допатуваа дотаму за да бидат дел од нивниот посебен ден. Иако прославата била исполнета со медитеранска атмосфера и светски музички хитови, во неа имало и силен македонски белег. Кумовите биле Македонци, односно кумата е нејзина најдобра другарка уште од детството. Така, меѓу раскошната декорација, морето и музиката, на Санторини се заиграло и македонско народно оро.
Од прекрасните венчаници инспирирани од нејзините омилени модни и филмски ликови, преку гламурозната декорација и музиката во живо, па сè до шампањската кула, огнометот и забавата до доцна во ноќта... секој сегмент бил осмислен со многу внимание.
За Фемина, Китанова раскажа како изгледал денот од нејзина перспектива, што се случувало зад совршените фотографии и кој момент од целата свадбена еуфорија ќе го памети засекогаш.
Како дојде до одлуката токму Санторини да биде местото каде што ќе го кажете судбоносното „да“?
Санторини ми беше сон уште од тинејџерските години. Имав 16 години кога првпат видов свадба таму и тогаш буквално си реков: „Ако некогаш се мажам, сакам да биде тука“. Отсекогаш ме привлекуваше тој контраст – белата архитектура, карпите, морето и зајдисонцето. Сакав моментот кога ќе го кажеме „да“ да биде на карпа свртена кон морето, токму во „sunset“, и на крај навистина така изгледаше.
Како ја замислувавте свадбата уште пред да почнете со организацијата, дали имавте јасна визија или сè се создаваше постепено?
Јас имав многу јасна визија уште пред да почне организацијата. Отсекогаш сум била опседната со мода, детали и визуелна естетика, а како девојче израснав со „Gossip Girl“ и „Sex and the City“. Го сакав драматичниот „bridal“ момент на Серена, божурите на Блер, Manolo Blahnik поради Кери Бредшо… сите тие ситни референци со години ми беа некаде во глава. Не сакав буквално да пресликам нешто, туку да создадам своја верзија од тој свет – романтична, женствена, малку драматична и многу лична.
Свадбата изгледаше навистина раскошно... колку време траеја подготовките, кои детали ви беа особено важни и на што посветивте најмногу внимание?
Подготовките траеја долго, затоа што јас сум човек кој забележува буквално сè. Не ми беше доволно само локацијата да биде убава. Ми беа важни музиката во точниот момент, цвеќето, светлото, поставеноста на масите, менијата, распоредот за седење, школките, начинот на кој ќе изгледаат фотографиите, па дури и како ќе тече енергијата од вечерата кон забавата. Дел од графичките детали ги правев сама на програми.
Главната помош во организацијата ми беше Марија Сила од „Tie the Knot“, која помогна сите тие идеи да се претворат во реалност на Санторини.
Раскажете ни за венчаниците, како ги избравте моделите и дали од самиот почеток знаевте дека сакате токму таков изглед?
За главната венчаница знаев што сакам многу пред да знам кога ќе се мажам. Со години ја сакав венчаницата на Серена ван вер Вудсен од „Gossip Girl“. „Emili Exclusive Design“ ја претвори идејата во реалност – 120 m 100% свила се боеше и обработуваше, а корсетот беше моделиран со гипс за да се добие скулптуралната форма.
За православната венчавка сакав сосема поинаква енергија – нешто посуптилно, затворено и романтично, па избрав чипкана венчаница и долг вел со натпис „Until death do us part“, инспириран од Хејли Бибер. А третиот изглед беше намерно многу посекси и попровокативен, затоа што тогаш веќе сакав „bridal“ моментот да премине во „party“.
Како изгледаше денот на свадбата од ваш агол... од првото станување до моментот кога застанавте пред олтарот?
Искрено, денот помина пребрзо. Утрото беше полно со луѓе, шминка, фризура, фотографирање, детали, музика, но јас не се чувствував толку нервозно колку што мислев дека ќе бидам. Имав чувство дека конечно живеам нешто што сум го замислувала многу долго. Кога стигнав до моментот да тргнам кон олтарот, со виолина и виолончело и „Young and Beautiful“ во позадина, тогаш навистина ми стана реално што се случува.
Кој момент од целиот ден најмногу ќе го паметите и зошто?
Најмногу ќе ги паметам заветите. Можеш да испланираш буквално секој визуелен детаљ од свадбата, но не можеш да го испланираш чувството кога човекот до тебе ти зборува пред сите. Во моите завети му кажав: „Ти си мирот што не знаев колку ми е потребен“, а една од неговите реченици беше: „Ти си проблемот што сакам да го имам.“ Тој момент беше многу повеќе „ние“ од сè друго околу нас.
Каква атмосфера сакавте да создадете за гостите и дали свадбата беше токму онаква каква што ја замислувавте?
Сакав да биде елегантно, но никако круто. Сакав гостите прво да почувствуваат романтика и убавина, а потоа вечерта постепено да се претвори во вистинска забава.
Имавме „live“ виолина и виолончело, „live“ пејач за време на вечерата, а потоа DJ, „champagne tower“, огномет, балканска, грчка и интернационална музика. Имавме и македонски традиции, па дури и едно оро. Сакав луѓето да се чувствуваат како да се дел од искуство, а не само како да дошле на вечера. И да, мислам дека беше дури и поубаво од тоа што го замислував.
Како реагираа вашите најблиски кога им кажавте дека ќе се венчате на Санторини?
Првично имаше мешавина од возбуда и практични прашања – патување, хотели, летови, организација. Но, сите знаеја колку долго го сакам Санторини, па никој навистина не беше изненаден. На крај 83 гости допатуваа за нас и тоа навистина многу ни значеше.
Дали имаше некој неочекуван момент или мала случка зад сцената која гостите можеби не ја забележале, а вам ќе ви остане во сеќавање?
Имаше многу мали моменти зад сцената – пресоблекување во брзање, луѓе што трчаат со велот, последни корекции на шминката, проверување дали сите се спремни за следниот момент. Но, токму тоа ми е убаво сега кога гледам видеа – зад совршената фотографија секогаш има некој што трча, поправа нешто или се обидува да стигне на време. Тој хаос е дел од приказната.
Колку Санторини придонесе за целата атмосфера, дали местото навистина го направи денот посебен?
Апсолутно. Не мислам дека истата свадба би го имала истиот ефект на друго место. Светлината на Санторини, морето, белите карпи и зајдисонцето прават сè да изгледа речиси нереално. Дури и во моментите кога немаш никаква декорација пред себе, самата позадина веќе изгледа како сценографија.
Имавте ли посебен момент со сопругот, далеку од гостите и целата свадбена еуфорија, кој ви остана најмногу во срце?
Да, најубави ми беа оние кратки моменти кога бевме сами меѓу фотографирањата и програмата, кога буквално за неколку секунди само ќе се погледневме и ќе сфатевме: „Ова навистина е нашата свадба.“
Цел ден си опкружен со луѓе, музика и емоции, па тие тивки моменти стануваат многу посебни.
Кога денес ќе ги погледнете фотографиите и видеата, што прво ви поминува низ глава?
Дека сè помина неверојатно брзо. Гледам детали за кои сум размислувала со месеци, а на самиот ден едвај сум имала време да ги забележам. И ми е чудно што нешто што толку долго било во мојата глава сега постои како вистински спомен.
Како би ја опишале вашата свадба со три збора?
Единствена. Филмска. Безвременска.
Даница Караташова Илиоска / Femina.mk