Помина точно една година од црната ноќ која засекогаш ја обви Македонија во тага. Времето можеби немилосрдно одминува, но денот кога пламените јазици во дискотеката „Пулс“ безмилосно згаснаа 63 млади животи, засекогаш ќе остане запаметен како еден од најмрачните мигови во кои животот во нашата земја за миг запре.
За јавноста, ова е ден на колективно сеќавање и почит, но за родителите и најблиските на настраданите, е уште едно болно потсетување на кошмарот кој трајно ги промени нивните судбини. Болката на мајките кои ги надживеале своите деца е немерлива и остава празнина која ниту едно утре не може да ја пополни.
Стојка Антова, мајката на прерано загинатата Ивона, се огласи со порака која буквално ја кине душата. Нејзините зборови изразуваат непреболена тага по изгубената младост, невестинскиот фустан и неостварените планови и силен повик за правда кој одекнува во името на сите згаснати чеда.
Ја пренесуваме нејзината трогателна исповед:
Денес, ќерко моја… повторно ќе дојдеме кај тебе. Но овој пат нема да бидеме само ние. Ќе дојдат и роднини, пријатели, другари, комшии… Сите што те сакаа, сите што те паметат.
А кажи ми чедо… зарем таму требаше да се собираме? Нели се договоривме поинаку? Прво на твојата дипломска… па на свадба… па да се радуваме на твојот живот.
А наместо тоа… за само неколку минути во тоа проклето диско ни го скршија животот засекогаш.
Ти отиде на забава… насмеана, дотерана, среќна… полна со живот и планови.
А тебе ни те вратија… во ковчег.
Кажи ми чедо… како мајка да продолжи да живее после тоа?
Знаеш ли колку ни е тешко, чедо мое? Секој ден без тебе е сè потежок. Премногу недостасуваш. Ние веќе не сме ние без тебе.
Како мајка да оди на гробот на своето единствено дете?
Зарем не требаше да биде обратно? Ти да ни палиш свеќи нам… а не ние на тебе. Ти требаше да живееш. А ние, ако требаше, да бевме на твоето место… па ти да ни доаѓаш.
Ти требаше да живееш. Да се радуваш. Да создадеш семејство. Да ја живееш младоста.
А ние… ако требаше… ќе го дадевме и животот само ти да останеше жива.
Денес правиме помен – една година без тебе. Една година како дишеме, а не живееме. Ни сама не знам како сум сè уште жива… како постојам на овој свет без тебе. Ова не е живот, ова е мачење.
Година во која дишеме… но не живееме.
Година полна со солзи, празнина и болка која не може да се опише со зборови.
Ни сама не знам како сè уште постојам на овој свет. Бидејќи живот без тебе – не е живот.
Од зрно грашок те растевме. Со љубов, со мака, со жртви.
Колку ноќи непреспиени… колку грижи… колку труд.
Само да пораснеш во човек. И порасна.
Во прекрасна, добра, воспитана душа. Во дете што помага на сите. Во дете што никогаш не одминува човек без „добар ден“. Во другар каков ретко се раѓа.
И токму такво дете… ни го убија.
Ни го зедоа најмилото. Ни го зедоа целиот живот.
Но, слушни ме чедо мое…
Нема да се откажеме. Ќе се бориме до последниот здив за правдата. Секој што има вина за твоето убиство ќе одговара пред законот.
Нека немаат мир ни спокој – како што ние немаме откако те нема Секој што мисли дека ќе се сокрие од вистината – се лаже.
Правдата ќе излезе на виделина. За тебе. За сите невини деца.
А ти, ангелу на мајка… почивај во мир.
Нека Бог ти ги отвори царските порти и нека те чува меѓу ангелите.
Недостасуваш секоја секунда. Недостасуваш со секој здив.
Со повеќе настани се одбележува годишнината од трагедијата во Кочани, меѓу кои и Меморијалниот планинарски марш „Ивона Антова и 63 ангели“. Повеќе од 1.000 планинари од Македонија и странство, предводени од родителите на Ивона, Тошо и Стојка Антови, учествуваа во спомен и чест на младата планинарка и 63 млади лица кои трагично ги загубија животите во пожарот во клубот „Пулс“ во Кочани.
„Од срце Ви благодариме на сите за вашата присутност, за вашата добрина, за секој чекор што денес го направивте со нас. Вашата поддршка и љубов ни значат многу во овие тешки моменти.
Верувам дека нашето Ивонче и другите ангелчиња денес од небото нè гледаат и се пресреќни што толку многу добри луѓе чекореа заедно со нив, со љубов, со солзи и со спомени во срцата. Нека нивната светлина вечно живее во сите нас“ - порача Стојка Антова.