„Сакам да научам како се прави ракија од нечиј дедо“: Американката Аспен за преселбата во Штип и зошто се заљуби во македонскиот „мерак“
Од Аризона до Штип, патот на Аспен Симс е сè, само не обичен. Позитивната Американка дојде во Македонија како соло-патувач, а денес веќе живее тука, сука зелник, прави ајвар и ужива во долгите кафе-муабети.
Во интервју за Фемина, Аспен ни открива како се снаоѓа со македонскиот јазик, како реагирало нејзиното семејство на преселбата и зошто нашата земја за неа е совршено недопрен скапоцен камен.
Родена си и порасна во Аризона. Како започна твојата приказна со Македонија? Кога за првпат пристигна тука и кој беше пресудниот момент кога реши дека сакаш да живееш тука?
Започна со неуспех. Со години планирав патување низ Европа и секој пат плановите ми пропаѓаа. Низ сето тоа, некако наидов на Балканот и на крајот едноставно се одлучив и тргнав. Моите пријатели Македонци, кои ги запознав во Америка преку програмата „Work and Travel“, ме убедуваа да дојдам што побрзо, па така и направив.
Македонија ми донесе мир каков што немав искусено никогаш претходно
Првпат пристигнав во Македонија во октомври 2025 година. Пресвртниот момент беше мојот внатрешен мир. Инаку живеам со исклучително брзо темпо и ме сметаат за „воркохолик“. Македонија не само што ме забави, туку ми донесе и мир каков што немав искусено никогаш претходно, па затоа сакам да го искусам тоа уште повеќе.
Што прво забележа кога слета тука? Дали реалноста се совпадна со она што го очекуваше?
Првото нешто беше уште додека авионот леташе над Македонија и сфатив дека Америка има многу повеќе светла во споредба со тука.
Што се однесува до очекувањата, искрено ги немав, освен тоа да се забавувам, да јадам многу и веројатно да зјапаат во мене. Немам големи очекувања, особено кога патувам. Едноставно сакам да ги доживувам нештата и да уживам во моментот, што и го направив. Патувањето е многу позабавно кога не се обидуваш да го направиш да биде нешто одредено, туку едноставно уживаш во она што има да го понуди.
Дали веќе стекна блиски пријателства тука и колку тие ти помогнаа да се чувствуваш како дома?
Многу ги сакам и ценам сите пријатели во Македонија
Да, навистина сум благодарна за сите мои пријатели. Повеќето од нив живеат во Штип, но имам пријатели и во Скопје, Прилеп, Струмица, Битола, Велес и Охрид. Оваа транзиција ќе беше многу потешка без нив. Од самото пристигнување тука, па сè до наоѓање куќа, купување автомобил, учење на јазикот - сè. Едно од нештата на кои работев за да ги подобрам во мојот живот е мојата заедница и тоа да бидам помалку индивидуалист.
Како соло патувач и хипер-независна жена, сфатив дека тоа не е нешто што сакам да го правам или да бидам до крајот на животот. Иако немам проблем да ги правам работите сама, искрено сакам да ги споделувам искуствата со моите сакани. Тука, во Македонија, моите пријатели ме вклучија во толку многу нешта, ми се придружија во моите авантури и ми помогнаа да се растам и да се отворам. Многу ги сакам и ги ценам сите.
Каква беше реакцијата на твоето семејство и пријателите кога им кажа дека се селиш во Македонија? Дали беа премногу изненадени од твојот избор?
Не беа изненадени, бидејќи тоа е сосема во мој стил. Сепак, секако дека имаа премногу прашања. Моето семејство и пријателите ја поддржуваат мојата одлука, па дури и оние кои на почетокот беа колебливи, на крајот прифатија. Дури побарав и благослов од баба ми, а таа ми рече: „Па што ме прашуваш мене? Зошто би те запрела? Оди си, живеј си го животот и види го светот и за мене, бејби“. Плачев... многу. Семејството ми значи толку многу, па тоа што се чувствувам како дома овде, толку далеку, искрено ме натера да се чувствувам виновна. Ќе ме посетуваат често, па нема да биде толку страшно, а и јас ќе патувам назад за Америка.
Полека се оддалечуваш од брзиот американски живот. Која е најголемата разлика во начинот на кој луѓето го поминуваат денот во Аризона и тука? Дали веќе ја прифати нашата култура на долго пиење кафе?
Искрено, не би зборувала општо за луѓето во Аризона, но за мене лично, мојата дневна рутина премногу се промени. Не чувствувам притисок да брзам, имам подобар распоред за спиење и многу повеќе време за моите хобија и интереси. Толку е ослободувачки да можеш да одвоиш време за себе и да разговараш во кафуле по 4 часа со пријателите, а притоа да не чувствуваш вина дека одмараш или дека заостануваш ако постојано не брзаш и не работиш.
На социјалните мрежи гледаме дека активно учиш македонски јазик. Колкав предизвик е тоа за некој кој зборува англиски? Кој збор или фраза ти е најтешка за изговор, а која ти е омилена и зошто?
Мојот омилен збор во моментов е „мерак“
Мислaм дека ќе беше многу поголем предизвик доколку ова ми беше втор јазик. Со оглед на тоа што македонскиот има кирилично писмо, изговорот знае да биде тежок. Јас зборувам јапонски и корејски, па за среќа, учењето јазици со специфични знаци и карактери не ми е новост. Сепак, недостигот на самогласки и споените согласки една по друга, плус промените на тонот при зборување, знаат прилично да ми го „врзат“ јазикот. Неколку такви се: врнежливо, сопственик, оштетување, четиристотини и многу други. Сами по себе не се толку тешки, но кога зборувам, а јас природно зборувам брзо, во цела реченица настанува хаос.
Мојот омилен збор во моментов е „Мерак“, поради неговото значење и поради тоа што нема совршен превод, го прави уште попосебен во културолошка смисла.
Дали некогаш си се нашла во комична ситуација поради погрешно изговорен македонски збор?
Шетав во центарот на Скопје, покажав со прст и тивко си реков себеси: „Ох види, Александар Македонски“ (Alexander the Great), а луѓето околу мене слушнале „Ох види, Александар Гркот“ (Alexander the Greek)... Никогаш повеќе нема да зборувам тивко... Особено не кога го изговарам неговото име, ахахаха. Беше смешно и сите се насмевме кога конечно ми објаснија што всушност кажав, но за момент помислив дека ќе ме избркаат од Македонија! Се шегувам, се шегувам, донекаде...
Дали имаш некоја интересна или незаборавна приказна што најдобро ја отсликува гостопримливоста на Македонците?
Имам толку многу! Родителите ќе го прочитаат ова и ќе ми се јават веднаш по интервјуто, но еј, барем сум жива за да ја раскажам приказната! Нема да откривам премногу детали, туку само накратко.
Влегов во погрешен автобус, но благодарна сум што толку многу луѓе беа подготвени да ми помогнат
Тргнав сама за Охрид со автобус, кој се расипа по околу еден час возење. Нè префрлија во друг автобус, но јас влегов во погрешен. По некое време, забележав дека автобусот оди во спротивна насока, па на следната станица прашав еден господин каде оди овој автобус. Му се обратив на македонски, но потоа не можев да разберам сè што ми кажуваше поради дијалектот. Луѓето околу нас забележаа, се собра група и сите помогнаа да ја решиме ситуацијата. Не стигнав до Охрид, но ми помогнаа да се вратам дома. Немаше автобуси што одеа во мојата насока, но тие свртеа неколку телефони и прашаа дали некој од возачите на другите автобуси би можел да направи отстапување од рутата за мене. Додека чекавме, ми понудија храна, кафе, цигара, а некои дури побараа и да се сликаме (бев средена). Ми ги носеа куферите, ми ги вратија парите за билетот (што мене не ми ни падна на памет да го побарам) и ми рекоа да не се откажувам од Македонија и дека ми оди одлично.
Благодарна сум што не останав заглавена на патот и што толку многу луѓе беа подготвени да ми помогнат.
Твојот профил открива голема страст кон готвењето. Кое македонско јадење ти е омилено и што научи да подготвуваш сама?
Моето омилено јадење често се менува бидејќи постојано пробувам нови македонски специјалитети. Неодамна пробав тресена пастрмка... оооуф. Ми беше срам од тоа колку брзо ја изедов. Дури и келнерот подзастана зачудено, па само се насмевме.
Научив да правам многу македонски јадења: ајвар, турлитава, зелник, полнети пиперки, сарма
Научив да правам многу македонски јадења: ајвар, турлитава, бурек, зелник, полнети пиперки, сарма, шопска салата, ќебапи, пастрмајлија, слатко од смокви и многу други. Навистина сакам да готвам со нечија баба и да го научам традиционалниот начин, а по можност и да научам како се прави ракија од нечиј дедо. Само го споделувам ова јавно, доколку има заинтересирани.
Кое место во Македонија досега те оставило без здив? Дали повеќе ги сакаш планините или езерата?
Всушност, не ги ни знам имињата на повеќето места што ми го одзедоа здивот, бидејќи обично бев тргната некаде и ако видев нешто убаво, едноставно ја менував насоката и одев во „споредна мисија“. Сепак, се сеќавам кога првпат дојдов во Македонија, отидов сама на Матка и таму имаше максимум 20 луѓе. Беше толку лековито и прекрасно, навистина бев восхитена, бидејќи ме потсети на тоа како се чувствувам во Седона, Аризона. Ми требаше целата моја сила за да не влезам да пливам, бидејќи немав облека за пресоблекување, инаку ќе си пловев како дрвце на мирна река, хаха.
Ја обожавам природата, па затоа секогаш кога ќе видам отворено поле, тревни ридови, планини, животни, водопади или езера, веднаш трчам во таа насока.
Се заљуби во Македонија, дали би сакала да го пронајдеш Вистинскиот за тебе токму тука?
Ако се случи, ќе се случи. Господ знае која сум и што сакам кај еден партнер, па кога ќе биде вистинското време, ќе ми го испрати мојот човек. Дотогаш, ќе продолжам да се заљубувам во нови глетки, храна и искуства, додека истовремено ги зајакнувам врските и конекциите со луѓето кои ги сакам сега.
Што е она што ние не го гледаме, а ти како странец го обожаваш кај нашиот народ и држава?
Македонија е „скриен скапоцен камен“
Достапноста што ја има, а во исто време и тоа што земјата е „скриен скапоцен камен“. Македонија е толку добро лоцирана што е лесно да се патува на нови места, но исто така има толку многу достапни нешта во самата земја. Можам да пристапам до градскиот живот, селскиот живот, планините, големите езера, ридовите, водопадите, шумите, старите градови, полињата итн. и тоа многу лесно, за минимум 40 минути возење.
Другата работа околу тоа што е скриен скапоцен камен е дека голем дел од убавината на Македонија изгледа недопрена. Таа е сè уште приземјена земја, со приземјени луѓе и има свој сопствен карактер. Македонија не е „заостаната“, таа едноставно си се движи во свое сопствено време и јас го обожавам тоа - има некое свое „ваби-саби“ (убавина во несовршеноста).
Што научи за себе откако го напушти животот во САД и започна ново поглавје овде?
Дека тоа што се потиснував и се правев помала самата себе ми штетеше повеќе отколку едноставно слободно да бидам тоа што сум. Знам дека тоа звучи очигледно, но има различни нивоа. Постојано премногу размислував и избегнував потенцијални конфликти, бидејќи да се биде црна жена носи многу притисок и постојано мораш да одржуваш одредена „слика“ за да го „заштитиш“ начинот на кој луѓето гледаат на целата твоја раса и пол. Беше исцрпувачки, па затоа едноставно се потиснував, надевајќи се дека ќе се изгубам во толпата и нема да морам да се грижам за тоа. Иако тоа ми помогна во некои области од животот, ми наштети во многу повеќе.
Често им велам на луѓето: „На луѓето нема да им се допаѓаш и ќе имаат мислење без разлика што и да правиш, затоа подобро прави го она што го сакаш и биди среќен со себе, бидејќи тоа ќе ги привлече луѓето кои те сакаат токму поради тоа што си“. На почетокот го практикував тоа што го зборував, а потоа се изгубив во сето тоа, како што и ни се случува на нас луѓето додека навигираме низ животот. Македонија ми помогна да се разбудам, да се вратам на вистинскиот пат, ми даде време да си посветам внимание себеси и да се вратам на онаа што сум, без никакви ограничувања и со неколку надградби.
Македонија ми помогна да се разбудам, да се вратам на вистинскиот пат, ми даде време да си посветам внимание себеси
Како ја замислуваш твојата иднина тука? Дали „The Traveling Apron“ планира некој поголем проект поврзан со македонската кујна?
Се гледам себеси како живеам во природа, во мојот дом кој е како засолниште, со моја мини-фарма, кучиња и други животни, градејќи го животот за кој сонуваше моjата помлада јас, опкружена со луѓето кои ги ценам. Ќе продолжам да патувам низ светот, да пробувам нови кујни и да учам. Што се однесува до „Thee Traveling Apron“, не сакам да зборувам за работите пред да станат официјални, но да. Неколку наговестувања се: фузија, интимно, традиционално, со многу вкусови, зелено, сезонско, забавно и единствено по својот вид.