„Постојано ни се заканува дека ќе нè убие“: Девојка од Куманово бара помош за заштита од насилниот татко кој е ментално болен и алкохоличар
„Не мора да биде фатално, не мора да бидеме убиени, силувани или ранети за некој да нè слушне.“
Ова е пораката на Меланија Цветковска од Куманово, која преку јавно обраќање бара итна помош од институциите за да го спаси своето семејство од пеколот во кој живеат секојдневно поради заканите на нејзиниот татко. Станува збор за семејна драма во која три жени и дете со церебрална парализа се заложници на насилно однесување, алкохолизам и нелекувана ментална болест на таткото.
Во последниот инцидент, мажот ѝ се заканил на сопругата дека ќе ја убие. По пријава, насилникот бил пренесен во психијатриското одделение во кумановската болница, но оттаму ќе биде наскоро пуштен, затоа што не можат да го хоспитализираат подолго од 48 часа.
И покрај тоа што опасноста е реална, а заканите за убиство се секојдневие, семејството се наоѓа во правен и системски ќорсокак. Тие се недоволно „видливи“ за полицијата бидејќи немало физички напад и „неприоритетни“ за психијатриските установи.
Очајна за помош, младата физиотерапевтка објави видео на Instagram во кое порача:
Денеска се обраќам како жртва на семејно насилство и како некој што бара ужасно голема помош од институциите. Барам да бидам слушната, не барам да бидам сожалувана, не барам да читам коментари, не барам да ме тапка никој по рамо, само сакам да бидам слушната од институциите и барам помош.
Живеам со родител кој константно е во алкохолизирана состојба со дијагноза на ментални растројства, којшто уште во 2019 година има лежено во психијатриска болница во Скопје. Во октомври оваа година има лежено во Бардовци и имаме обиди за уште многу пати да се хоспитализира меѓутоа неуспешно, со тоа што секогаш добиваме одговор дека нема место или дека не е доволно сериозна ситуацијата. Само ние знаеме колку е сериозна ситуацијата, затоа што никој не е во наша кожа. И не мора да биде фатално, не мора да бидеме убиени, силувани или ранети за некој да нè слушне.
Моето студио „LotusTouch“ наизглед изгледа совршено место и сите ме познаваат како мирна и смирена личност, но во подножјето на „LotusTouch“ никој не знае како функционира. Само Господ знае колку пати ми се треселе рацете, колку пати сум плачела додека сум ги работела моите клиенти. Само Господ знае колку пати меѓу термините телефонот ми бил во раце за да викнам полиција. Само Господ знае колку пати ми трепереле и рацете и срцето и сум била вознемирена со страв дека ќе ја убие мајка ми долу или баба ми. Ние сме три жени коишто живееме со човек којшто постојано ни се заканува дека ќе нè убие, којшто има обиди и за самоубиство и за убиство спрема нас.
Денеска повикавме полиција и ако ви кажам дека цел ден сме по сите институции, дека сите нè одбиваат и дека никој не сака да го прими во ниту една психијатриска установа и дека никој не се јавува на телефон, ни во Бардовци, ни во Демир Хисар, ни во ниедни други психијатриски установи. Дека не функционираат никакви врски и дури е жалосно да кажам дека ми се потребни врски за некој да биде сместен во ментална установа. Јас не знам во кој век живееме, меѓутоа ова лудило и оваа агонија мора да престане.
Имам брат со церебрална парализа, којшто живее со нас и којшто сите овие трауми ги има преживеано. Неговата здравствена состојба беше премногу лоша изминативе година дена, постојано сме по болници. Дури и во болниците, мојот татко, којшто не би сакала да го именувам како таков, постојано беше во алкохолизирана состојба. Има сведоци и дека на Интерно во Куманово викав обезбедување да го тргнат, меѓутоа...
Не знам што треба да се случи за нашиот глас да биде слушнат!
Јас во моментов барам помош. Кажете ми правно, како и каде да се обратам и каде една личност со такви ментални растројства, 24 часа под дејство на алкохол и којшто малтретира своја сопруга, своја мајка, своја ќерка и болно дете со церебрална парализа, не може да се смести во некоја психијатриска установа. Не спаѓаме под семејно насилство, не спаѓаме под кривична пријава, нема физички напад. Нема место во Бардовци, нема место во Демир Хисар, каде има место? Дајте ни помош.
Не барам некој да ми каже „па што не се отселите или зошто не се разведат“. Затоа што нема ниедна зграда добра инфраструктура и лифт за брат ми за димензијата на неговата инвалидска количка. Не дека не сме пробале, не дека не сме пробале да се разведат, затоа што своеволно не потпишува развод, своеволно не ја напушта куќата и ние немаме финансии и немаме начин да се тргнеме.
Барам помош или кој е одговорен ваква личност да се смести во некоја психијатриска установа или најдете ми зграда или сместување каде што брат ми ќе биде на сигурно, каде што брат ми ќе има пристап со инвалидски колички.Не сакам да стигнеме до степен каде што ќе има жртви и каде што ние ќе трепериме постојано за нашиот живот или да не можам да си ја извршувам работата само затоа што нема систем на којшто можам да се потпрам.
Се надевам дека оваа порака ќе стигне таму каде што треба да стигне и се надевам дека барем до понеделник ќе имаме одговор.
Во описот на видеото, Меланија појаснува:
„Видеото е снимено вчера и до денес сè уште нема одговор од ниту една институција. После 48h тој ќе биде пуштен дома утре а ние не сме на безбедно. Само сакаме да бидеме слушнати и да помогнеме вакви личности кои не се свесни дека имаат сериозни проблеми, а во исто време сериозно наштетуваат на свои блиски, да бидат сместени во соодветни институции и сите да бидат на безбедно.“