„Сакам да бидам автентична, свесна и без потреба од извинување“: Поранешната мисица Ивана од Струга за модата, креативноста и образованието
Некои животни патеки не се мерат со титули, туку со избори. Таква е и приказната на Ивана Стојановска, поранешна Мис на Македонија (2004), денес социолог во основно училиште во родната Струга, креативка и мајка на Лена.
Од модните писти до училницата, од јавната сцена до тивката секојдневна работа со деца, Ивана денес живее живот исполнет со смисла, баланс и личен раст. Стилот и естетиката по кои секогаш била препознатлива и натаму се дел од неа, но денес тие се надополнети со знаење, емпатија и свесност.
Во ова интервју за Фемина, разговараме за нејзината трансформација, за мајчинството, образованието, креативната работа со мерино волна и за тоа како изгледа еден „обичен“ ден во кој се спојуваат сите нејзини улоги. Разговор за една жена која не брза да се докаже, туку знае што сака и каде оди.
Од модните писти до секојдневието на мајчинството и образованието, како денес ја дефинирате Ивана? Што од поранешната моделка сè уште живее во вас?
Денес Ивана ја дефинирам како жена во постојан дијалог со себе. Улогите се менуваа, но суштината остана иста, љубопитноста, дисциплината и чувството за естетика, надградени со свесноста дека образованието е темел на личната слобода и внатрешната сила.
Од поранешната моделка сè уште живее исправениот став, свесноста за телото и просторот, но денес тие се поткрепени со знаење, критичко размислување и сигурноста на жена која знае што сака и каде оди. Храброста да се биде виден таков каков што си останува, но сега таа храброст има подлабока смисла – да се биде присутна, гласна и свесна, како силна жена што избира да расте и да влијае.
Секогаш сте препознатлива по стилот и естетиката. Како се менува односот кон модата со годините? Од каде црпите инспирација за стилот? Што е она што модно ве дефинира?
Со годините модата престана да биде докажување и стана разговор со себе. Денес ми е важно како се чувствувам во облеката, а не како изгледам за другите.
Инспирацијата ја наоѓам во уметноста, архитектурата, улиците на градовите, но и во секојдневните сцени, мајка со дете, стара жена со совршен капут. Модно ме дефинира едноставноста со став и детали што раскажуваат приказна.
Што според вас мора да се најде во гардероберот на секоја дама со вкус за мода?
Добро скроено палто, квалитетни чевли, едно „свое“ црно парче и нешто што нема практична функција, но има душа – шал, брош или стар накит со приказна.
Денес работите во основно училиште. Што ви донесе оваа професија на лично и човечко ниво и како ве промени работата со деца?
Работата во основно училиште како стручен соработник – социолог ми донесе длабоко разбирање за детскиот свет и за контекстот во кој тие растат. Преку секојдневниот контакт со децата, но и со родителите и наставниците, научив колку е важно да се слуша внимателно и да се гледа подлабоко од првичната слика. Децата не реагираат на формални улоги, туку на автентичност и емпатија, тие веднаш чувствуваат кога сте искрени.
Оваа професија ме направи почувствителна кон човечките приказни, но и поцврста во ставовите, затоа што секојдневно сте во позиција да поддржите, насочите и да бидете тивок столб на сигурност, а не само професионалец со титула.
Покрај тоа што сте мајка и социолог, вие сте и креативец кој создава рачни волнени беџови. Како се роди оваа идеја и што сакате да пренесете преку нив?
Беџовите ги доживувам како мали визуелни пораки
Идејата се роди тивко, од потреба за допир, за рачна работа и враќање кон природниот материјал – волната. Работејќи со волна, процесот стана речиси медитативен: бавно, трпеливо и со внимание кон секој детаљ.
Беџовите ги доживувам како мали визуелни пораки – суптилни, но јасни. Преку нив сакам да пренесам дека убавината не мора да биде гласна за да биде забележана, дека топлината, текстурата и искреноста на рачната изработка носат емоција што не може да се реплицира масовно.
Во време на брза мода и масовно производство, вие се свртувате кон рачна изработка. Дали тоа е избор од потреба, бунт или враќање кон себе?
Сè по малку. Но, најмногу враќање кон себе. Рачната изработка ме успорува и ме потсетува дека вредноста е во процесот, не само во резултатот.
Неодамна бевте во празнична Виена. Што најмногу ве инспирираше таму?
Виена е град во кој често патувам и кој ми е омилен во цела Европа. Посетата таму е секогаш посебна, бидејќи таму живее мојот брат со своето семејство, и тоа чувство на топлина и блискост го прави секој престој уште поубав. Атмосферата, празничните светла и музиката што ненаметливо се шири по улиците создаваат тивка магија. Но, она што навистина ме плени е архитектурата, нејзината елеганција, хармонија и внимание кон секој детаљ. Секогаш ме потсетува дека убавината не е само нешто што се гледа, туку и нешто што се чувствува и остава трајна инспирација.
Колку патувањата влијаат врз вашата креативност и погледот кон животот? Што секогаш носите дома од секое ново место, освен фотографии?
Патувањата ми ги поместуваат перспективите и ме потсетуваат колку светот е полн со различни приказни и емоции. Од секое ново место дома носам впечаток, боја, мирис, ритам, атмосфера, нешто што подоцна се претвора во инспирација за креативност, во нов поглед кон животот и начин да ги доловам тие моменти низ својата работа и секојдневие.
Како изгледа еден ваш „обичен“ ден, во кој се спојуваат мајчинството, работата во училиште и креативната работа?
Mалите паузи за себе ми овозможуваат вистинска смиреност и инспирација
Обичниот ден е динамичен и несовршен. Утринските брзања, работните задачи со учениците и обврските околу мојата ќерка Лена создаваат свој ритам, а креативната работа често доаѓа навечер, кога тишината конечно се појавува. Но, токму во таа мешавина ја наоѓам рамнотежата, секој момент носи своја вредност и радост, а малите паузи за себе ми овозможуваат вистинска смиреност и инспирација.
Која е Ивана денес, помеѓу сите улоги што ги живее – и што си посакувате за себе во периодот што доаѓа?
Ивана денес е жена што учи да не брза и да си верува. Помеѓу сите улоги што ги живеам, се трудам да останам присутна и верна на себе. Во периодот што доаѓа си посакувам повеќе мир и време за создавање, помалку страв од тишината и од паузите, и храброст со нежност да продолжам да бидам своја – автентична, свесна и без потреба од извинување.
Даница Караташова Илиоска / Femina.mk