Привремено е стопирано вакцинирањето со БСЖ на бебињата во Македонија по 4 пријави за инфекции на коските во Хрватска
Македонија привремено го стопира вакцинирањето на новороденчињата со БСЖ вакцина против туберкулоза. Одлуката беше донесена откако во Хрватска беше прекината примената на вакцината од истиот производител по четири пријави за сомнеж за остеомиелитис, ретка инфекција на коските.
Станува збор за БСЖ вакцината произведена од бугарската компанија „Бул Био НЦИПД“ од Софија. Од Министерството за здравство информираат дека по информациите од Хрватска веднаш била контактирана Агенцијата за лекови и медицински средства (МАЛМЕД) и биле побарани податоци за сериите вакцини кои се користат во нашата земја.
„Комисијата за имунизација донесе заклучок за времено одложување на имунизацијата со оваа вакцина до добивање комплетни информации во однос на сериите, нивниот квалитет и асоцираноста со појавата на несакани реакции. Потенцираме дека имунизацијата со оваа вакцина во нашата држава е задолжителна, имајќи предвид дека земјата е со висок ризик од туберкулоза“ – велат од Министерството за здравство.
Оттаму нагласуваат дека во Македонија во изминатата деценија е регистрирана само една пријава за сомнеж за несакана реакција по примена на БСЖ вакцина.
„Потенцираме дека во изминатите десет години до МАЛМЕД е пристигната само една пријава за сомнеж на несакана реакција од БСЖ вакцина (во август 2022 година), која се однесувала на појава на апцес на местото на апликација на вакцината, што како реакција е опишано во упатството за употреба на вакцината“ – стои во соопштението.
Одлуката во Македонија следува откако Хрватска ја прекина дистрибуцијата и примената на сите серии од БСЖ вакцината на овој производител како мерка на претпазливост, поради сомнеж за можна неисправност во квалитетот.
Хрватската агенција за лекови и медицински производи (HALMED) во текот на 2026 година примила четири пријави за сомнеж за остеомиелитис по примена на вакцината. За споредба, во периодот од 2005 до 2025 година била регистрирана само една пријава за сомнеж за истата несакана реакција по БСЖ вакцинација.
Остеомиелитисот по БСЖ вакцина е редок вид инфекција на коските предизвикана од ослабениот сој на бактеријата Mycobacterium bovis, која е присутна во вакцината и претставува позната несакана реакција од оваа вакцина.
Инфекцијата најчесто ги зафаќа долгите коски, односно коските на горните и долните екстремитети, градната коска или ребрата. Симптомите вклучуваат болка и оток, како и намалена подвижност на екстремитетот. Тие постепено се влошуваат и најчесто зафаќаат само една коска. Може да се појават од неколку месеци до неколку години по вакцинацијата, а најчесто по една година.
Со навремено поставување на дијагнозата и соодветно лекување доаѓа до целосно закрепнување. Во случај на појава на наведените симптоми, потребна е консултација со лекар.
Од Министерството за здравство посочуваат и дека во моментот на Институтот за ТБЦ има 95 пациенти со туберкулоза, од кои 83 се регистрирани годинава. Во Детската болница „Козле“ во 2025 година биле евидентирани 15 случаи, додека во 2026 година се регистрирани 12 нови случаи.