Принцезата Кетрин прегрна расплакана мајка која го заврши лекувањето од рак, исто како неа
Принцезата Кетрин имаше емотивна средба со мајка која го заврши циклусот на хемотерапии за лекување на рак на дојка.
44-годишната припадничка на британското кралско семејство присуствуваше на моментот кога 30-годишната Клер Лоренте победнички заѕвони на ѕвончето во специјализираниот онколошки центар The Christie NHS Foundation Trust во Манчестер.
Клер со солзи во очите ја сподели својата приказна со принцезата, која ја прегрна и ѝ честиташе за храброста и истрајноста.
„Браво, навистина успеа. Какво долго и тешко патување“ – ѝ рече Кетрин на Клер, охрабрувајќи ја да го заѕвони ѕвончето и да го прослави овој важен момент.
Кетрин одлично разбира низ што минуваат пациентите, бидејќи и самата се соочи со рак и на почетокот на 2025 година објави дека болеста е во ремисија.
Принцезата од Велс не го заборави ниту семејството на пациентката. Таа го прегрна и нејзиниот партнер Пабло и му порача дека борбата не е тешка само за пациентот, туку и за најблиските.
„Знам колку е тешко и за семејството и за саканите. Моите деца и моите родители поминаа низ тоа заедно со мене“ – призна Кетрин, осврнувајќи се на влијанието кое болеста го имала врз семејството.
Особено трогателен бил моментот кога таа му се обратила на малото дете на Клер со зборовите: „Зар не е мама храбра?“
Кетрин разговараше и со други пациенти кои се лекуваат од рак, како и со луѓе кои учествуваат во уметнички и терапевтски програми кои им помагаат полесно да се справат со стресот, стравот и неизвесноста кои ги носи болеста.
„Дијагнозата со рак го засега секој дел од животот, во умот, телото и длабоките делови од нас“ – стои во пораката на Кетрин на Instagram.