Приказната зад празничната магија: Скопскиот локал „Breadway“ освојува со атрактивни декорации
Тешко е некој да помине низ центарот на нашиот главен град, а да не го забележи „Breadway Taste Gallery“, местото кое секоја сезона го менува својот изглед со нова и нова тематска приказна.
Овој декември блеска во празнично новогодишно руво. Мало црвено камионче со природна елка, огромна панделка на врата и џиновски лампиони се само дел од впечатливите украси што веднаш го крадат вниманието на минувачите, кои веднаш се местат за фотографирање. На понудата пак има најразлични вкусни десерти и топли пијалаци за целосно надополнување на зимскиот дух.
Без претерување и без вештачки ефект, скопскиот локал ја следи идејата дека декорацијата не треба само да го „украсува“ просторот, туку да создаде чувство: мирис што потсетува на празници, боја што носи носталгија или детаљ што ја додава онаа непланирана топлина.
Тимот кој стои зад оваа уникатна убавина, за Фемина открива од каде започнува инспирацијата, колку организација бара ваквиот процес и што, според нив, ја создава таа разлика што гостите ја чувствуваат веднаш кога ќе влезат таму. Нивниот пристап кон празничната декорација не е натрупаност, туку континуитет на приказна што ја градат од сезона во сезона.
„Breadway Taste Gallery“ секоја сезона изненадува со нова, внимателно осмислена декорација. Каде започнува идејата?
Идејата обично започнува многу пред да се појави првиот украс — со еден мал, но јасен момент на инспирација. Тоа може да биде боја што случајно ќе ја забележиме, вкус што нè потсетува на одредено време од годината, музика автентична за тој одреден период, или пак некогаш некоја реакција од гостите што открива што им недостасува.
Од тој прв впечаток, почнува да се гради целата приказна. Емоцијата е прва — какво чувство сакаме гостите да го понесат кога влегуваат. Потоа, темата сама се склопува околу таа емоција.
И конечно, деталите доаѓаат како логично продолжение: текстури, материјали, светло, мириси и вкусови.
Всушност, сè започнува со еден единствен миг што не „закачува“, а потоа сезоната само ја дообојува приказната.
Колку време и организација се потребни за да се реализира ваква новогодишна атмосфера и кои се најголемите предизвици низ процесот?
Секоја сезона соработуваме и со некој домашен мал бизнис
Ние организацијата и логистиката практично ја започнуваме многу порано, односно речиси една година однапред. Оваа сезона веќе знаеме како ќе бидеме декорирани следната година и веднаш започнуваме со припреми и нарачки. Со оглед на тоа дека кај нас и во околината или нема премногу избор и достапност на материјали, тоа е неопходно за да изгледа така како што сме го замислиле.
Морам да напоменам дека освен тоа што повеќето од материјалите ги набавуваме од надвор, исто така, секоја сезона соработуваме и со некој домашен мал бизнис, за да дадеме наш автентичен печат на целата приказна, а и да ги поддржиме локалните рачни производители.
Вашата декорација секогаш остава впечаток дека зад себе има многу рачна работа и детална посветеност. Колку труд и тимска координација стојат зад конечниот изглед?
Во процесот се вклучува буквално целиот тим на „Breadway“, а од голема помош е нашето семејство. Веројатно и тоа е причината што секоја сезона нашите декорации имаат посебен дух. Направено е од срце и со посебно внимание на сите детали, за секој оној што ќе одвои дел од своето време да седне на појадок и да се напие кафе, да се почувствува буквално како да дошол кај нас дома на гости и да ја почувствува топлината и љубовта со која сѐ е направено.
Што сметате дека ве прави посебни во празничниот период?
Не е „украсено“ за да биде украсено, туку секој агол има идеја, некој личен печат
Она што најчесто го издвојува е атмосферата што не се купува, туку се создава. Во празничниот период, токму тоа е разликата што гостите ја чувствуваат веднаш кога ќе влезат.
Не е „украсено“ за да биде украсено, туку секој агол има идеја, некој личен печат, рачно направен детаљ, нешто што не се повторува на друго место. Гостите чувствуваат кога нешто е правено со душа.
Празниците кај нас често се сведуваат на светилки и обоени излози, но ретко кој локал успева да создаде чувство на дом односно вкус, мирис, звук и амбиент кој ги потсетува на нешто убаво и познато. Десертите кои мирисаат на дома, топол и вкусен појадок со семејството, одбележување на важни моменти. Гостите кај нас не доаѓаат само на пијалак или храна, туку да бидат дел од оваа атмосфера. Тоа чувство на припадност е најреткото нешто што локал може да го понуди.
Даница Караташова Илиоска / Femina.mk