„Постот не е диета, без Крст нема Воскресение, а без Воскресение – верата е празна“: Отец Пимен за постите и верата
Владиката Пимен е духовник кој природно ја спојува традицијата на Црквата со чувството за времето во кое живееме. Како епископ на Европската епархија на Македонската православна црква – Охридска архиепископија, тој се наметна како глас на смиреност, разум и духовна будност, особено меѓу македонската дијаспора.
Меѓу верниците е сакан затоа што зборува разбирливо, без поучување и со чувство за реалниот живот, оставајќи впечаток на Отец што пред сè слуша и разбира. Во јавноста е препознаен како духовник кој не бега од современите теми, но и како архиереј кој цврсто стои на темелите на православното предание. Таа рамнотежа, меѓу строгоста на верата и топлината на пристапот, е клучот поради кој многумина во него гледаат не само епископ, туку и искрен духовен водач.
Со почетокот на Велигденските (Воскресенските) пости, кои траат 49 дена – шест недели плус Страстната седмица, повторно се отворија бројни прашања меѓу верниците: што значи вистински да се пости, дали постот е само воздржување од одредена храна, колку е важен духовниот аспект, како да се пости во услови на брзо секојдневие или здравствени ограничувања. Токму поради тие дилеми, за Фемина, отец Пимен детално и јасно објаснува што претставуваат постите, како правилно да се разберат, кога и зошто се ублажуваат правилата, како да се пристапи со расудување, но и зошто суштината секогаш останува во внатрешното преображение, а не во формалното придржување до правилата.
Оче Пимен, Велигденските пости важат за најдолги и најстроги во православната традиција. Која е нивната суштинска духовна цел – дали постот е пред сè воздржување од храна или процес на внатрешно преображение?
Православната Црква практикува четири повеќедневни пости – Велигденскиот, Воскресенскиот, како прв и најсуштински кој трае 49 дена, односно 6 недели и дополнително Страсната седмица (седмицата во која Христос излегува на Своите доброволни страдања од љубов кон своето создание), Божиќниот кој трае 6 седмици, Богородичниот кој трае 14 дена и Петровденскиот пост, кој во зависност од тоа кога се слави Воскресението Христово, може да трае од десетина дена до цели 6 седмици.
Во однос на строгоста на постењето постојат 2 типика, 2 правила на пост. Првиот е оној кој предвидува од понеделник до петок да се пости на растителна храна приготвена без масло, или како што народски го користиме терминот „на вода“, а во викендите се ублажува на готвено на масло. Вториот пропишува понеделник, вторник и четврток да бидат на масло, среда и петок на вода, а викендите се разрешува на риба. Велигденскиот и Богородичниот пост се по првиот, построгиот типик, додека пак Божиќниот и Апостолскиот пост се по вториот поблаг типик.
Светите отци нѐ учат дека без Крст нема Воскресение. А пак без Воскресение празна би била Верата наша.
И како што споменавте, постот во кој зачекоривме деновиве е најстариот, најсуштинскиот и најдолгиот од сите четири наброени пости. Велам најсуштински, бидејќи, во овој пост сострадуваме со Христа Бога, кој како жртва се принесува себеси за нас, но истовремено преку Крстот и гробот Христов се радуваме на Воскресението Негово. Тагата ни преминува во радост. Светите отци нѐ учат дека без Крст нема Воскресение. А пак без Воскресение празна би била Верата наша. Би се свела само на измачување со воздржание во овој живот, без награда на Небесата во вечноста.
Постот не смее да биде само воздржување од одредена храна, туку суштинско преумување на човекот преку кое ќе ги согледа своите прегрешенија кои го оддалечуваат од Бога
Затоа секој пост, а особено Воскресенскиот пост, не смее да биде само воздржување од одредена храна, или пак, некој вид современа диета за детокс на организмот, туку суштинско преумување на човекот преку кое ќе ги согледа своите прегрешенија кои го оддалечуваат од Бога, па потоа преку покајание ќе ги исповеда своите недела, за така преумен да се измири со себе си, со ближните и на крај со Господа Бога Создателот наш, но и Создателот на сите ветени блага во вечноста, приготвени за сите нас кои сме се потрудиле, секој според дадената можност и сила, преку постот да ја покажеме нашата согласност Господ Бог, по нашата слободна волја да ни се приближи и да се всели и да делува во нас. Без наша согласност, по дарот на даруваната ни слобода од Него, Господ Бог никогаш нема да ни се наметне на сила. Затоа е важно преку оваа наша решеност да се обидеме да истраеме во подвигот на постот, да ја покажеме таа наша согласност за Божјата интервенција во нашите животи.
Во современиот начин на живот, кога темпото е брзо, а искушенијата се бројни, како верниците правилно да го разберат и практикуваат постот, без да го сведат само на „диета без месо"?
Смислата на постот подразбира поголема грижа за душата, отколку за телото
Доволно е за почеток само да се разбере дека постот се разликува од една обична диета без месо. Самиот организам на човекот и од таквото воздржание би имал некои бенефити, но смислата на постот подразбира поголема грижа за душата, отколку за телото. Во ова време на еден динамичен живот, полн со искушенија, но и со нови трендови на исхрана, многу е олеснет и збогатен изборот на посна храна, како во маркетите, така и во рестораните. Благодарение на асортиманот на веганска храна, денес изборот е навистина голем. Но, побогатиот и олеснет избор на храна, ако ја промашиме смислата на постот, само би нѐ оддалечил од Бога, наместо да нѐ приближи.
Ако се задржиме само на посниот режим на исхрана, а верата ја оставиме некаде далеку зад нас, значи ли тоа дека сите вегани би се населиле утре во Царството Небесно само поради постојаната употреба на посна храна, или пак сите оние кои имаат пречки да постат, кои немаат услови или едноставно си наоѓаат изговори да не постат, би ја промашиле вечноста и заедницата со Бога?
Колку е важно постот да биде усогласен со духовник и дали секој верник треба да има личен благослов за начинот на постење?
Погрешно е да влеземе со помисла дека ќе постиме за здравје, а притоа од неразумност да го истрошиме организмот и да си наштетиме на здравјето
Сериозно е важно и значајно постот да биде усогласен со духовник. Еве и зошто. Како што споменав погоре, црквата ги има утврдено правилата на постот и го објавува најстрогиот облик, оној кој во денешно време изгледа престрог дури и за монасите во манастирите. Но црквата, преку тој контакт со духовниците, снисходи со најмалиот и најслабиот брат меѓу нас. Па така, преку разговорот во кој од духовниот отец бараме благослов за постот, ние меѓусебно се запознаваме. Во тој разговор или исповед, духовниот отец ќе дознае за нас во какви услови живееме и работиме, имаме ли можност при тешка и напорна работа да се држиме до целото правило на постот или треба да се ублажи. Дали здравјето или возраста ни дозволува да го земеме правилото на целиот подвиг на постот на грб. Дали почетник и човек што практикува пост со години исто може да влечат во тој подвиг.
Благословот всушност е само начин постот да се прилагоди на секоја личност според неговата волја и сила. Апсолутно е погрешно да влеземе со помисла дека ќе постиме за здравје, а притоа од неразумност до толку да го истрошиме организмот со што би си наштетиле на сопственото здравје.
Многумина прашуваат за деновите „со масло“ и „без масло“. Може ли да објасните што симболизира таа разлика и дали суштината е во видот на храната или во духот со кој пристапуваме кон постот? Што ако ненамерно згрешиме во исхраната?
Среда и петок секогаш се построги во тек на постите, а надвор од постите се скоро секогаш посни денови како денови на тага
Спомнавме што подразбираме како начин на подготвување на посната храна под термините „со масло” и „на вода”, но симболиката на тоа кога се јаде без или со масло приготвена храна е во тоа што каноните на црквата ни налагаат во викендите, кога го славиме седмиот ден од создавањето на светот кого Господ Бог го дал за одмор и за Негово славење, преку благодарење за сите и за сѐ (саботата) и неделата како ден во кој го славиме Воскресението Христово, не се сметаат за посни денови, бидејќи се денови на радост. Но, поради континуитетот на постот, овие денови, се поблаги во храната за да се разликуваат од другите денови и се разрешува на масло, дури е и задолжително во овие пости, а во Божиќните на пример и на риба. Или пак, ако се падне некој поголем светителски празник во текот на овие пости или пак празник на локален светител поврзан со нашата Црква, исто така се ублажува постот за да се потенцира големината на празникот или заслугата на локалниот светител за нас како МПЦ-ОА.
За разлика од овие денови во кои ублажуваме пост, среда и петок секогаш се построги во тек на постите, а надвор од постите се скоро секогаш посни денови како денови на тага. Средата како ден во кој е договорено предавството на Христа Бога, а петокот како ден во кој е распнат Христос, нашиот Спасител.
И да, често наидуваме како духовници на тоа прашање: „А што ако згрешам ненамерно?“. За да биде одговорот поразбирлив за оној што прашува, често одговараме преку прашање: „А што ако одиш и ненамерно се сопнеш и паднеш? Зарем го прекинуваш патот или само стануваш, ја истресуваш прашината и продолжуваш?“ Затоа што секогаш одговорот на нашето прашање е дека се продолжува со одењето, логично е и одговорот на првото прашање да е: „Да се помолиш за прошка на ненамерната грешка и продолжуваш со постот“.
Како да се постават верниците кои имаат здравствени проблеми, млади луѓе или семејства со деца – дали правилата се исти за сите или Црквата покажува пастирска флексибилност? Како Црквата ги применува правилата на постот во вакви околности без да се наруши неговата суштина?
Рековме дека Црквата секогаш снисходи со најслабиот меѓу нас, токму поради таа пастирска флексибилност. Да не се повторувам за потребата од благослов (консултација) со духовен отец пред постот, туку порадо би се задржал на еден друг момент.
Телесниот пост има за цел да го измори телото и преку тоа да ги заузда страстите, како би можел да се челичи духот
Имено, постот има две компоненти. Телесен пост и духовен пост. Телесниот пост има за цел преку намалувањето на калоричноста на храната, но и на количината, да го измори телото и преку тоа да ги заузда страстите, како би можел да се челичи духот. И сега кога човек е болен, стар или изнемоштен, или пак, тешката физичка работа го истоштува, нема потреба дополнително со строгости да се дооптеретува телото. Во таков случај, постот се ублажува, но не и целосно да се прекине постот. Односно ќе биде максимално олеснет постот, но би се задржал некој поблаг облик на пост само без месо, на пример, во одредени денови за да се држи и покажува таа волја дека сепак барем малку, според силата и во тој момент се трудиме.
За духовниот пост, нема изговор дека не можеме барем еднаш дневно да се помолиме на Бога за нас, за нашите ближни, па дури и за нашите непријатели, и да ставиме катанец на нашите усти воздржувајќи се барем од лоши зборови, клетви и клевети. За воздржание од правење лоши дела, за старозаветно враќање око за око и заб за заб, да не зборувам.
Освен личната воздржаност, дали Велигденскиот пост треба да има и социјална димензија – прошка, милосрдие, помирување? Како постот да стане видлива љубов кон ближниот, а не само лична духовна дисциплина?
Светиот Исак Сириецот на едно место ќе спомне: „Во сецелото наше служење Бог ги сака и видливите начини на изразување богобојазливост“. Па така која е добивката, освен можеби некое симнато кило, ако во постот не покажеме плодови од дарот на Светиот Дух мир, љубов, простување, помагање…
Човечки е да ги исполнуваме заповедите Божји, без разлика дали сме верници
Ако не можеме да бидеме христијани, дај да бидеме барем луѓе. Зашто човечки е да ги исполнуваме заповедите Божји, без разлика дали сме верници, без разлика на која вера припаѓаме и дали воопшто сме верници, бидејќи тие не се заповеди (совети), запишани еднаш низ историјата на камените плочи дадени од Бога на Синајската Гора на светиот пророк Мојсеј, туку се заповеди кои се запишани на секое човечко срце. Тоа е моралниот закон кој живее во секој човек. И ако секој човек како совесно битие е повикан да се држи до овие морални норми, колку ли повеќе на тоа е повикан и обврзан христијанинот, особено оној христијанин кој преку подвигот на воздржанието во постите треба да ја покаже љубовта кон Бога, кон ближниот и секако кон непријателот и противникот. Зашто верата без дела е мртва.
По целиот овој подготвителен пат, како верниците вистински да го дочекаат Велигден? Кои се клучните духовни чекори во Страстната седмица за празникот да не остане само традиционален обичај, туку да стане лично доживување на радоста од Воскресението?
Ако постот не биде крунисан со причестување со Телото и Крвта Христови, и тоа не само на крајот од постот, туку според благословот од духовникот и секоја можна прилика, ако не веруваме во Воскреснатиот Христос, туку се убедуваме дека ете така за здравје, но не и за спасение сме испостиле и сме се причестиле, зад нас ќе имаме само седум неделно измачување и ништо друго. Што би рекол свети Јован Лествичник: „Неразумно сиромашниот монах трпи двојна штета, се разделува од сегашните добра, а се лишува и од идните“. И ова не важи само за монасите, туку и за секој еден човек кој се држи само до формата, а стои далеку од суштината на постот.
Верата во Воскресението е суштина на нашата вера, на нашето постоење на овој свет, на нашата надеж за живот вечен пред Престолот на Нашиот Бог Света Троица. Ако ја немаме таа вера, ако уште се користиме со она банално прашање: „Па кој се вратил од горе за да каже дали има нешто или не?“. Ако не веруваме дека Христос умрел и воскреснал за да ни ги отвори и нам Портите на рајот, едноставно немаме потреба ни од пост, ни од воздржание, ни од причестување, ни од радосниот христијански поздрав „Христос воскресна“, ни од одговорот дека „Христос навистина воскресна“. Не смее тоа да се сведе на излитена фраза, туку да биде суштина на православната вера преку Христа кој е Пат, Вистина и Живот.
За крај, би го споменал уште ова. Христос преку причестувањето не ни се дава поради нашата достојност стекната преку тоа што перфектно сме се држеле до правилата на постот, туку поради потребата за лечење на нашите слабости и за укрепување во верата и за попатнина кон животот вечен.
Даница Караташова Илиоска / Femina.mk