Последната желба на Дијана била да подари 1.000 книги, ќе стопли илјада срца на настан во Скопје
Хартијата има моќ да чува многу повеќе од зборови, таа чува души. Денес, Скопје ќе сведочи за еден несекојдневен чин на човечност, кој ја надминува границата на физичкото заминување, претворајќи ја тагата во најубаво споделување.
Горд син ќе ѝ ја исполни последната желба на мајка си, подарувајќи ја нејзината колекција од 1.000 книги. Имено, последната желба на Дијана била нејзините книги да не останат затворени и да добијат нов дом. Па така, во просторот „КОМБО“, денес на 6 јуни, од 12 до 19 часот, љубителите на убавиот збор ќе имаат можност да си изберат четиво од нејзината обемна колекција.
„Немаше ден кога некому не му подаруваше книга, не им подаруваше дел од својата душа“ – вели низ емоции синот Дамјан, кој за саканата мајка пишува:
„Дијана, жената која безброј луѓе ја препознаваа од далеку по нејзината насмевка, топол збор и спремност секогаш да помогне на пријател, непознат, куче, маче, гулаб...Жена која цел живот го живееше според мотото "важно е и храбро да му дадеш и помогнеш на човек, а не да му одземеш!"
Страствена читателка на книги од мала возраст, кога била во неволја прибежиштето го наоѓала во библиотека, со желба да има своја колекција. Тој сон и се исполни неколкупати, но сепак мораше да стреми кон него секојдневно, бидејќи немаше ден кога некому не му подаруваше книга, не им подаруваше дел од својата душа. Силен борец за достоинствени права за сите, заштитник на најранливите членови на нашата заедница, а особено на животните.
Жена која остави траен белег во своето време на планетава.“ ❤️