• Маркетинг
  • 🔥 Новости
  • ♏ Хороскоп
  • 🌙 Соновник
  • 💬 Форум
  • Новости
  • Категории
    • Убавина и мода
    • Љубов и секс
    • Диети и фитнес
    • Рецепти
    • Здравје
    • Семејство
    • Дом и градина
    • Кариера
    • Забава
    • Колумни
  • Хороскоп
  • Соновник
  • Форум
  • Маркетинг
  • Импресум
  • Услови за користење
  • Приватност
  • RSS
Шоу-бизнис

„Порано сакав на сите да им се допаднам, денес ми е поважно да бидам искрена со себе“: Интервју со Мартија Станојковиќ

18 март 2026, 11:15
  • cподели
Мартија Станојковиќ

Од првото телевизиско појавување па сè до денес, Мартија Станојковиќ растеше пред очите на јавноста, а уште поважно, растеше со јасна свест за тоа што значи да се биде вистинска артистка на сцена.

Нејзиниот пат започна рано, кога на само 11 години го освои Балканот преку музичкото шоу „Пинкови ѕвездички“. Но, наместо да остане заробена во имиџот на „детски талент“, талентираната кумановчанка со текот на годините изгради сопствен идентитет, глас и став. А денес е млада уметница која знае што сака, каде оди и како сака да биде слушната.

Со искуство од големи регионални сцени, меѓународни натпревари и студиска работа надвор од Балканот, Мартија зборува искрено за светот зад сцената, за потребата од дисциплина и стратегија, за притисоците на јавноста, но и за моментите на сомнежи кои секоја млада жена ги носи со себе кога расте под лупата на јавноста. 

Додека работи на својот прв студиски албум и влегува во нова креативна фаза, 21-годишната шармантна пејачка за Фемина открива една поинаква страна.

Мартија Станојковиќ
Од мало девојче со голем сон до изградена млада артистка... Кога ќе се свртиш наназад, кој момент најмногу ти докажа дека си на вистинскиот пат?

И во добри и во лоши периоди, јас секогаш размислувам за музика и сцена

Јас сум дете растено на сцена, ништо никогаш не ме привлекувало толку силно како сцената. Кога ќе се свртам наназад, има многу мали моменти кои на некој начин ми даваа потврда дека тоа што го работам е правилно. Но, знам дека е мојот вистински животен пат, затоа што и во добри и во лоши периоди, јас секогаш размислувам за музика и сцена. Тоа е единствената работа што ми го задржува целото внимание и посветеност.

Што знае Мартија денес што не го знаеше како дете кое првпат застана на сцена?

Има многу работи што ги откривам со искуството, но едно нешто особено: сцената изгледа спонтано и природно, но всушност зад неа стои огромна организација. Не знаев дека 99% од работите мора да бидат внимателно испланирани, со големи тимови и стратегија, за да може пораката и емоцијата од песната, настапот или спотот вистински да стигнат до публиката.

Низ годините помина низ големи сцени и силна медиумска изложеност. Што најмногу се промени во тебе како личност, а што остана исто и покрај сè?

Сè уште имам трема пред настап

Научив да поставувам граници и да не примам сè лично. Порано сакав на сите да им се допаднам, а денес ми е поважно да се заштитам и да бидам искрена со себе. Она што остана исто е љубовта кон мојата професија, сè уште имам трема пред настап и ја чувствувам истата возбуда.

Мартија Станојковиќ
„Пинкови ѕвездички“ беше првата голема регионална сцена за тебе. Кој момент од тоа искуство ти е најдлабоко врежан и зошто?

Најмногу ја паметам поддршката од публиката и силата што ја чувствуваш од нив за да продолжиш напред. Но, искрено, од натпреварот најсилно ми останаа моментите зад сцената, дружењето со другите натпреварувачи и познанствата што ги создадов тогаш. Благодарна сум за секој миг.

Учество на Детската Евровизија е сон за многу млади артисти. Што ти остана како највредна лекција од тој настан?

Дека тоа е „once in a lifetime“ можност. Таквите прилики се ретки и треба паметно да се искористат, затоа што можат многу да ти го променат патот.

Денес, како зрела уметница, каков музички правец те предизвикува најмногу и што подготвуваш на музички план во периодот што следи?

Сè на што работам во моментов води кон завршување на мојот прв албум. „Не барај ги ангелите“ е песна која исто така ќе биде дел од него.

Колку ти е важно да пишуваш или ко-креираш сопствена музика и дали чувствуваш дека сега имаш појасна визија за тоа која е „вистинската“ Мартија?

Дефинитивно, тоа е најубавиот, но и „најзахтевниот“ дел од создавањето музика. Вклучена сум во процесот на креирање и тоа ми е многу важно, затоа што сметам дека така публиката може вистински да ја почувствува пораката на песната и да се поврзе со неа. „Вистинската“ Мартија секогаш постои, но како што растеме ние како личности, така расте и музиката со нас.

Мартија Станојковиќ
Мартија Станојковиќ
Модата е дел од сценскиот идентитет. Како би го опишала твојот личен стил и колку тој се разликува од Мартија на сцена?

Ретко излегувам без шминка, тоа е навика што ја научив од мајка ми

Прилично е сличен, само што приватно е поопуштен. Сакам тренерки, широки и удобни парчиња, но ретко излегувам без шминка, тоа е навика што ја имам научено од мајка ми. На сцена е поизразено, но суштината е иста.

Мартија Станојковиќ
Мартија Станојковиќ
Во време кога естетските корекции се честа тема, како гледаш на притисокот за физичка „совршеност“ во естрадата? Дали сметаш дека природноста има своја сила?

Не ми се допаѓа што на социјалните мрежи често се пласираат нереални верзии од себе

Пред сè, сите сме луѓе и нормално е некогаш да не изгледаме совршено. Не ми се допаѓа што на социјалните мрежи често се пласираат нереални верзии од себе, затоа што тоа создава погрешни очекувања. Поддржувам грижа за себе, секој треба да се труди да се чувствува и изгледа подобро, но мислам дека е многу важно да се задржи природната автентичност.

Мартија Станојковиќ
Јавната сцена носи и критики и лоши коментари. Како научи да се справуваш со нив и дали некогаш некој коментар те погодил повеќе отколку што очекуваше?

Ако има конструктивна критика, можам да ја прифатам

Би излажала ако кажам дека ниту еден коментар не ме погодил. Но, со текот на времето, научив да не сфаќам сè лично. Ако има конструктивна критика, можам да ја прифатам и дури да ја применам, ако мислам дека е за мое добро. Не секој коментар е добронамерен.

Мартија Станојковиќ
Ако музиката не беше твојот животен повик, во која професија мислиш дека ќе се пронајдеше и зошто?

Сигурно нешто поврзано со уметност, можеби балерина, поради моите балетски почетоци.

Даница Караташова Илиоска / Femina.mk

Tags
Мартија Станојковиќ

Најнови

  • Песната „Дишам“ на ДААН

    „Дишам“ – новата песна на ДААН инспирирана од моментите на колективна тага и тишина која настана по трагичниот настан во Кочани

    Wed, 03/18/2026 - 11:58
  • Мартија Станојковиќ

    „Порано сакав на сите да им се допаднам, денес ми е поважно да бидам искрена со себе“: Интервју со Мартија Станојковиќ

    Wed, 03/18/2026 - 11:15
  • Не е „само женски проблем“, туку болка која се враќа секој месец... Силна порака за животот со ендометриоза

    Wed, 03/18/2026 - 10:53
  • Маркетинг
  • Импресум
  • Услови за користење
  • Приватност
  • RSS

© 2026 Femina.mk. Сите права задржани

Содржините на Femina.mk се заштитени со Законот за авторски права.
За секоја форма на користење на делови од овој веб сајт или цели статии за комерцијални цели, потребна е писмена согласност од Femina.mk.