„Поминувавме многу време гушнати, ѝ кажував да не се плаши“: Маја Стојчевски за огромната загуба и животот по смртта на малата ќерка Јоана
Како изгледа кога животот ќе те стави на најтешкиот можен тест, а ти од него ќе излезеш не како жртва, туку како победник кој води и други луѓе кон светлината? Одговорот на ова прашање се крие во животната приказна на Маја Стојчевски, која е неспорен доказ за огромната моќ на мајчинската љубов. 41-годишната скопјанка, која работи како тренер за лична трансформација и дисциплина, ни пренесува тешки лекции научени од лично искуство.
Пред 11 години, патот ја води од Скопје во Германија, во потрага по подобар здравствен систем за нејзината ќерка Јоана, која е родена како дете со посебни потреби. По шест години исполнети со безгранична љубов, трпение и секојдневна борба, Јоана во 2020 година физички го напушта овој свет, но остава мисија која целосно ја буди нејзината мајка.
Така денес, Маја е мајка и на двегодишниот Ноа, сопруга и менторка која преку својот концепт крстен токму по покојната ќерка (Јоанина мисија) спасува стотици жени пред, како што самата вели, животот да ги „спушти на колена“.
За Фемина, во емотивно и неверојатно мотивирачко интервју, храбрата жена зборува за мајчинството, за тоа како изгледа животот со дете со посебни потреби, но и животот по една незамислива загуба.
Дали имаше уредна прва бременост? Како се соочи со информацијата дека Јоана е бебе со посебни потреби?
Во 2014 година со радост се подготвувавме да станеме родители и не само што имав уредна бременост, туку и сите останати коцки ни беа подредени: завршен факултет, работа, брак, дете на пат - сите работи од листата беа штиклирани. Сѐ одеше по план. Освен што некој или нешто понекогаш замешува прсти и се реализираат некои други планови.
Јоана беше многу мало бебе кога дознавме дека ќе биде со посебни потреби и веднаш одлучивме да се преселиме во Германија за да ѝ обезбедиме подобро здравство. Физички и од страна гледано бевме активни, растрчани, се информиравме, се пробивавме низ системот со документација, преводи, преселба, термини, болници, а внатрешно бев како погодена од гром. 11 години подоцна, на сето ова не гледам како трагедија или тешкотија. Денес, сето тоа го гледам како благослов, затоа што неверојатни нешта се изродија од целото тоа патување.
Раскажи ни за животот со неа, како изгледаше вашето секојдневие? Од кого имаше најголема поддршка?
Јоана имаше неверојатна енергија, тоа дете беше светлост
Од денешна перспектива и сама си се восхитувам како се справивме со сето тоа, а тогаш не размислував многу, само доаѓав од една до друга активност/обврска/момент.
Јоана имаше неверојатна енергија, тоа дете беше светлост, преубава, со сини очи, често насмеана. Физичките и менталните предизвици со кои се соочуваше беа сериозни, но сепак наоѓаше начин да комуницираме, да покаже дека сака гушкање или има друга потреба. Кога сѐ ќе се земе предвид, бескрајно ми е мило што ни дојде во животот и што сум нејзина мајка. Само родители на дете со посебни потреби разбираат какво е секојдневието во таква животна ситуација, но преголемата љубов што ја имавме за неа, а и таа за нас, ни пружаше и огромна награда секој ден. Нашата фамилија беше постојано околу нас и нѐ поддржуваше, особено мајка ми која многу ни помогна околу чувањето на Јоана.
Дали знаеше што те очекува? Колку предизвик носи да се расте дете со посебни потреби?
Не знаев што ме очекува, како ќе се развива, што ќе може, а што не и колку ќе ѝ биде животниот век. Како што воопшто во животот никој не знае што носи утрешниот ден, така и во нашата ситуација, не можев да знам и предвидам што ќе биде кога ќе биде. Ама вистина е тоа дека во најтешките животни моменти Господ ти дава некоја сила и кога си внатре во тоа некако издржуваш, наоѓаш смисла и ти доаѓа храброст да се соочиш и да издржиш.
Ниту една работа на светов не е потполно добра или потполно лоша. Колку и да ми е тешко и жал, колку и да е голема тагата по Јоана која 6 години го благослови овој свет со своето присуство, сепак нашето патување ни донесе и многу радост.
Таа е мојата учителка која ме научи на трпение, безусловна љубов, ми покажа каде морам да се менувам, како да преземам одговорност за својот живот, како да изградам конзистентност, дисциплина, добри навики и уверувања кои ми служат. Ми покажа кој е мојот прав пат и како да живеам по својата мисија, а не по логички смислена иднина (дека така треба и така сите прават 😊). Заради неа се трансформирав целосно, работев на себе и почнав да ширам сосема поинаква енергија која луѓето ја препознаваа и самите доаѓаа да ме прашаат дали може да работиме заедно и да им помогнам да променат нешто во своите животи.
Велиш дека поради нејзиното лекување се селите во Германија? Колку тоа ви го промени животот, што се случуваше таму?
Тоа беше голема промена, ама воедно и возбудлива авантура. Кога пристигнавме таму со Јоана беше доцна навечер и сопругот нè пречека на аеродром. Утрото кога се разбудив, излегов надвор пред вратата и неколку минути ја впивав со очи околината и се почувствував на право место во право време. Знаев дека правилен избор сме направиле. Не само што најдовме сѐ што ни требаше здравствено околу Јоана, дури и повеќе од што претпоставуваме. Но, исто така и јас и сопругот пораснавме, учевме јазик од нула, одевме на курсеви, учевме како функционира општеството, недвижностите, функционирањето по институции. Паралелно си го пробивавме патот тука и градевме нови пријателства и контакти и исто така ја носевме Јоана на секакви прегледи и испитувања.
Од оваа перспектива, ми се останати убавите работи: првпат кога го истражувавме нашиот град, првпат кога отидовме на излет, првпат кога сме откриле некои паркови, кога ни доаѓаа пријатели и роднини на посета од Македонија и прошетките. Менувањето на држава и заминувањето од својата земја навистина менува перспектива и твојот „мајндсет“ повеќе никогаш не е ист.
Кои ти беа најтешките, а кои најубавите мигови како мајка во растењето на Јоана? Какво девојче беше, по што најмногу сакаш да ја паметиш?
Најтешко ми беше кога не можев ништо да направам за да ѝ помогнам
Најтешко ми беше кога не можев ништо да направам за да ѝ помогнам околу сите здравствени предизвици. Најубавите мигови ми беа кога увидував колку таа всушност разбира и знае, и како некако си е свесна за светот околу неа. Знаев која храна ѝ се допаѓа, кои песни, јасно ни покажуваше колку сака да е надвор и низ парковите, се шетавме со саати и саати. Колку беше стрплива, на почетокот немавме кола и година и пол функциониравме со јавен превоз. Толку многу спомени имам од излегувања со неа, што заради прегледи, што заради прошетки. Јас и таа и количката одиме на автобус, па фаќаме трамвај, па на враќање - се враќаме со воз, се движиме, бркаме некоја работа. Таа или ќе си заспие, или си гледа, си разгледува, смирена и задоволна. Колку пати одевме со кола до Словенија или Прага заради некои прегледи, неколку пати и со воз до Словенија, ама таа беше патник и пол. :) Често беше насмеана и постојано се гушкавме. Тоа од неа и најмногу ми фали.
Дали би сакала да споделиш какви беа вашите последни заеднички мигови? Како го прифати тоа дека ја нема?
Знаевме дека се ближи крајот и докторите предложија да си биде дома, опкружена со семејна љубов
Нема сите да го разберат ова што ќе го кажам но, последните мигови со неа беа прекрасни и таа си замина на преубав начин. На смртта не гледам ниту како крај, ниту како загуба, ниту како нешто страшно. Напротив, за мене е тоа присуство, конекција и енергија што останува тука.
Ние веќе неколку месеци знаевме дека се ближи крајот и докторите предложија детето да си биде дома, опкружена со семејна љубов во последните месеци од животот. Уште ми е надреално како опремија една од собите во нашиот стан со болнички кревет, апарат за дишење и многу други инструменти што ѝ беа потребни и медицински сестри се менуваа во три смени кај нас дома, за да ја негуваат, а често доаѓаа и доктори да интервенираат кога требаше. Преблагодарна сум што тие последни седум месеци си беше со нас дома.
Поминувавме многу време гушнати и двете се подготвувавме на некој начин
Поминувавме многу време гушнати и двете се подготвувавме на некој начин. Јас ѝ кажував дека разбирам дека нејзината душа сака да си замине... Да не се грижи за нас. Дека јас нема да ѝ отежнувам и да ја молам да остане или да ѝ правам било каков енергетски терет. Ѝ кажував да не се плаши, дека точно ќе знае што треба да прави, каде да оди, дека некој сигурно ќе ја чека и дека енергетски јас и таа нема ниту секунда да бидеме разделени.
Јас ја чувствувам постојано во мене и околу мене. Тоа дете не отиде никаде
Си замина една вечер во моите раце и со мирен израз на лицето и тоа ми прави огромна радост и олеснување што немаше никаква болка, гушење или некој напад.
Знам дека ова многу нема да го разберат, но јас ја чувствувам постојано во мене и околу мене. Тоа дете не отиде никаде.
Како продолжува животот по загуба на дете? Велиш дека Јоана ти остави мисија која те разбуди? Што се случува после нејзината смрт со тебе?
Од првиот ден многу свесно поминував низ тагата
Од првиот ден многу свесно поминував низ тагата, разбирав дека е процес низ кој морав да поминам. Користев секоја помош што некој ми ја понуди - на пример, прифатив неколку сесии со „советник за тага“. Не ни знаев дека такво нешто постои, но докторот на Јоана ме упати дека ми следува такво нешто и се сретнував со жена која има професија да им помага на семејствата да се соочат со смрт на блиска личност.
Си земав време за себе и направив пауза од работата со моите клиентки и четири месеци се посветив на себе, на враќање на балансот, многу читав и слушав подкасти и комуницирав со Јоана во медитации и низ разни знаци кои ќе ги видев во текот на денот.
Некаде после четири месеци почувствував огромна желба и повик да продолжам да работам со многуте жени.
Знаев дека поминав нешто непремостливо и успеав да најдам прифаќање за нешто што е неприфатливо и дека имам нешто големо да им дадам на луѓето.
Нашето патување ми ја постави трасата да бидам и работам ова што сум денес
Нашето патување не само што ме разбуди да работам на себе, да поставувам храбри цели и дека можам да си ги остварам сите соништа, туку и ми ја постави трасата да бидам и работам ова што сум денес.
Јоана дојде со мисија да ми помогне да пронајдам вредности во себе кои не знаев дека ги имам и да им помогнам на многу жени кои се наоѓаат во секакви животни ситуации. Затоа и мојот програм во кој работам со моите жени носи големо име: Јоанина мисија.
Кога по втор пат стануваш мајка, како се одлучуваш на тој чекор? Имаш ли некои стравови, како оди бременоста? Раскажи ни нешто за синчето.
Нашиот син Ноа многу нѐ радува секој ден
Ни требаше време да се одлучиме повторно да станеме родители и имаше од една страна голем страв, а од друга страна, некоја верба дека сѐ ќе биде добро. Докторот на Јоана со кој останавме во контакт со голем ентузијазам и посветеност направи еден триаголник меѓу него, главната докторка на генетскиот оддел и мојот гинеколог, каде тројцата се советуваа, па ме упатуваа мене низ целиот процес. Нашиот син Ноа се роди пред две години и многу нѐ радува секој ден.
И тој има питома природа како сестра му и навистина деновите се преполни со преубави моменти. Сега имаме благослов да го искусиме родителството без здравствени стресови, а со многу исполнетост, смеа, убави спомени и по некоја ноќ со прекини во спиење. 😊 Ноа оди во градинка, голем гурман е и нѐ забавува по цел ден.
Сега твојата сила им помага и на многу мајки преку советувања да го пронајдат својот пат... објасни ни нешто повеќе за тоа.
Сите имаме повеќе сила во нас отколку што мислиме, само треба понекогаш некој да нѐ потсети на тоа.
Им покажувам на жените како да излезат од заглавеност
Моите жени се паметни, свесни, интелигентни, но се заглавени во одложување, прокрастинирање, немање дисциплина, а ни време за себе и „overthinking“. Јас знам дека секоја од нив кога би се нашла во толку безизлезна ситуација како мојот случај со Јоана, дека секоја ќе успее тоа да го надмине и притоа да изгради делови од својот карактер што сега се заспани. Но, лично се залагам да им помогнам тоа да го направат пред да ги спушти животот на колена. Им покажувам како да излезат од заглавеност низ програм кој го направив самата.
Вежбите и темите што ги работиме низ тримесечен процес не може да се најдат никаде на YouTube, во книги или било каде, бидејќи самата ги создадов. Веќе осум години посветено и секојдневно работам на себе, применувам многу вежби и алати за личен развој и увидов што од тоа не функционира. А она што дава резултати го спакував во 13 лекции и затоа програмот трае три месеци каде обработуваме секоја од темите низ седум дена. Моите жени го обожаваат тој концепт, бидејќи за нив тоа значи временски да се посветат само десетина минути дневно, а добиваат огромни резултати.
Толку сум сигурна во ефектот на мојот програм и што тоа ќе им донесе на моите жени што имам и гаранција за поврат на пари, ако тоа не се случи до крајот на нашето работење.
Дали се каеш да одлуки од минатото… Дали мислиш дека ако би имала шанса, би направила нешто поинаку?
Воопшто не и фала му на Господ за тоа. Каењето е едно тешко и неубаво чувство и секој ден живеам на таков начин што донесувам одлуки и правам акции, често и надвор од мојата комфор зона, кои придонесуваат да немам каење за ништо од моето минато или сегашноста.
Научив да поставувам здрави граници и да се сакам себе си на вистински начин
Знам која сум, кои се моите вредности и каде сум тргнала. Научив да поставувам здрави граници и да се сакам себе си на вистински начин. Се однесувам во склад со моите цели и она што сакам да го постигнам, а тоа не е секогаш лесно и и понатаму ми го гради карактерот од ден во ден. Многу посветено инвестирам и самата во својот личен развој и работам со ментори скоро без престан во овие осум години, па така дисциплината ми е во ред, акцијата ми е доследна, а резултатите во мојот личен живот ме радуваат и поради тоа сум благодарна што не чувствувам каење, ниту ќе го почувствувам до крaјот на мојот живот.
Тажни ми се ситуациите во кои 70 и 80-годишни жени викаат: „Еее, требаше тогаш вака или така“. Од тоа имам многу научено за како не треба. Се надевам и останатите го имаат освестено ова и прават избори денес, што ќе им донесат благосостојба утре.
Што би ги советувала сите родители кои загубиле дете, но и на оние кои постојано го носат тој страв во себе… што ако утре нешто се случи? Што би им кажала на родителите кои имаат деца со посебни потреби?
Да не дозволат тоа искуство да ги дефинира. Да се фокусираат на работите што можат да ги контролираат и да се фокусираат на својот раст, така сигурно ќе се чувствуваат исполнето. Секому низ животот му доаѓаат ситуации што не ги бира и што не може да ги контролира. За некого е тоа тешка болест, загуба, финансиски колапс или природна непогода. За некои родители тоа е дете со посебни потреби или загуба на детето. Да имаат верба дека постои благослов во секоја ситуација и да го бараат и тие својот во нивната ситуација.
Како, според тебе, треба да изгледа една мајка за да биде вистински пример за своите деца?
Само ако мајката е среќна се среќни и децата и сите останати во домот
Само ако мајката е среќна се среќни и децата и сите останати во домот. Кога една жена знае како да се грижи за себе и своите потреби, исто како што се грижи за потребите на сите други, тогаш е помалку исцрпена, уморна и без енергија.
Исто така, кога би била фокусирана на својот карактер, однесувања и навики, нема да има потреба воопшто да интервенира во однесувањето на своите деца. Тие гледаат и учат на нејзин пример.
Кое е мотото кое те води низ животот?
Секој предизвик те носи кон раст
Не знам дали би го нарекла мото, но е нешто во што длабоко верувам, а тоа дека секој предизвик те носи кон раст и во секоја животна ситуација човек може да се издигне и доживее раст и напредок.
Колку и да ти е тешко, што и да се случува во моментов во твојот живот, постои излез, постои и спас, и сигурно постои решение. И кои и да се твоите соништа и цели, сигурно можеш да ги оствариш. Не се откажувај.
Даница Караташова Илиоска / Femina.mk