• Маркетинг
  • 🔥 Новости
  • ♏ Хороскоп
  • 🌙 Соновник
  • 💬 Форум
  • Новости
  • Категории
    • Убавина и мода
    • Љубов и секс
    • Диети и фитнес
    • Рецепти
    • Здравје
    • Семејство
    • Дом и градина
    • Кариера
    • Забава
    • Колумни
  • Хороскоп
  • Соновник
  • Форум
  • Маркетинг
  • Импресум
  • Услови за користење
  • Приватност
  • RSS
Актуелно

„Полесно ми е со две деца отколку со едно, си ги намалив очекувањата на нула и добив олеснување“: Софија Спасов за предизвиците на мајчинството

17 февруари 2026, 13:35
  • cподели
Софија Спасов со семејството

Софија Спасов е мајка на Гаиа и Зои, две мали девојчиња кои растат во дом исполнет со љубов, животни, игра и свесно родителство.

По професија графички и UI/UX дизајнер, денес со насмевка вели дека е „24/7 мајка“, целосно посветена на семејството и на создавање топла и стимулативна средина за децата. Во нивниот дом во Скопје, кој го делат со куче и маче, секој агол е претворен во мало детско катче, а секој ден е нова лекција за емпатија и грижа кон живиот свет.

Пред мајчинството, Софија која е во брак со Јаков Спасов, син на познатиот актер и пејач Драган Спасов - Дац, била страстен патник. Неуморната авантуристка има посетено повеќе од 30 земји низ светот, од Танзанија и Замбија до Филипините. Сега, кога физички е „стационирана“ дома, се чини како патувањата само да ја смениле формата, односно станале внатрешни и поврзани со растењето на Гаиа и Зои, кои ги воспитува на свој, автентичен начин, надвор од шаблоните и наметнатите очекувања.

Од лична потреба, но и од желба да помогне, Софија е и основачка на second-hand продавница за детска облека и опрема Штрк.мк, преку која им излегува во пресрет на многу мајки со квалитетни производи по поволни цени, промовирајќи одржливост и солидарност. Од неодамна, таа е и авторка на прирачник за прва помош, практичен и неопходен водич кој секој родител би требало да го има, бидејќи е настанат од стравот од реални ситуации кои ја поттикнале да се едуцира.

На социјалните мрежи, Софија без филтри за разубавување го споделува своето реално секојдневие: заморот, радостите, дилемите, но и малите победи. Токму таа искреност ја прави блиска и препознатлива, а зад неа стои заедница од мајки кои ја следат, поддржуваат и во неа препознаваат глас што не суди, туку вистински ги разбира.

Софија Спасов со ќерките

Во мајчинско интервју за Фемина, Софија раскажува за своето мало семејство, за предизвиците, стравовите и силата што не знаела дека ја има, како и за вербата дека најважното воспитување започнува од примерот кој го даваме секој ден. Таа е жена која постојано учи, се преиспитува и греши, но останува доследна на едно: да израсне деца кои ќе бидат добри луѓе, дури и кога ќе стане најтешко.

Се вели дека секоја мајка има свој пат. По што се водиш ти во воспитувањето на Гаиа и Зои, кои вредностите ти се неприкосновени?

Сакам да сфатат дека подеднакво лесно или тешко е да си добар или лош човек

Нешто за кое немам апсолутно никаков компромис е тие да сфатат дека подеднакво лесно – или тешко – е да си добар или лош човек. И дека во секоја ситуација постои избор. За мене е многу важно тие уште од мали да научат дека добрината не е нешто што доаѓа само кога е лесно, туку избор што се прави и кога е тешко.

Животот ќе им носи секакви предизвици, луѓе и ситуации, но она што навистина ме интересира како мајка е како ќе се носат со сето тоа – како ќе се однесуваат кон другите и какви луѓе ќе останат кога никој не гледа.

Гаиа и Зои
Често го споделуваш вашето секојдневие на социјалните мрежи и си исклучително посветена мајка. Како изгледа еден обичен ден со Гаиа и Зои во вашиот дом?

Уф, секој ден си е своја приказна и мислам дека секој што има две мали деца знае дека не постои точен план и програма. Сè што ќе испланираш наутро, до пладне веќе не важи.

Генерално стануваме сите во исто време (освен Јаков, ако некоја од нив спие подолго – тој верно прави друштво). Спремаме доручек, а Гаиа од ептен мала е вклучена во подготовката, така што веќе и вистински помага. Ги раниме сите животни дома, па некој од нас ќе ја прошета Кара со едно од децата.
Гаиа оди во градинка, а додека Зои спие, јас ОБАВЕЗНО вежбам – за ова нема компромис, затоа што знам колку ми значи и физички и психички.

Понатаму денот е комбинација од шетање надвор, малку работа, пазарање, средување, земање Гаиa од градинка, пак некаде надвор или дружење дома.
Викендите намерно ни се полни, ем да се видиме со драги луѓе, ем кога сме активни и заедно, времето поминува поубаво.

Семејството на Софија Спасов
Семејството на Софија Спасов
Семејството на Софија Спасов
Во време кога многумина воспитуваат со правила и стравови, ти делуваш како мајка која се води од доверба и слобода. Од каде доаѓа тој пристап?

На почетокот бев од памет извадена. Важно е отворено да зборуваме за мајчинството и предизвиците

Искрено, како и секоја жена што станува мајка за првпат, и јас на почетокот бев од памет извадена. Се изгубив во правила, совети, стандарди и туѓи искуства, до точка кога повеќе не знаев што навистина чувствувам јас и што му треба на моето дете.

Еден ден само си реков: „доста е“. Почнав да се слушам себеси и моето дете. Сфатив дека секоја мајка, секое дете и секое семејство се уникатни и дека не постои едно универзално правило како е да си совршен родител.

Стравовите на почетокот се нормални, сите ги имаме, но проблемот е кога ќе ни ја одземат довербата во себе. Затоа, сметам дека многу е важно отворено да зборуваме за мајчинството и предизвиците, затоа што знае да биде многу осамено, а кога ќе споделиме – сфаќаме дека не сме сами.

Сметам дека воспитувањето е најдобро преку пример. Ако сакам Гаиa и Зои да имаат доверба во мене, морам да им покажам дека и јас имам доверба во себе. Истото важи и за слободата.

Зои и Гаиа
Гаиa и Зои растат опкружени со кучиња и мачиња. Колку е важно за тебе децата да растат со животни?

Преку животните, децата учат емпатија, грижа и одговорност

Верувам дека односот кон животните и природата многу кажува за тоа каков човек си. Преку тој однос, уште од најмали учиме дека не сме сами и дека живееме како дел од една заедница, каде што сè што правиме има влијание врз другите. И јас и Јаков сме израснати со животни и отсекогаш сме имале огромна почит кон нив – од најмала мравка, па натаму. Затоа сум пресреќна што и нашите деца растат со животни.

Преку нив учат емпатија, грижа и одговорност – дека некој мора да се прошета, да се нахрани, да се почитува. Кога ја гледам Гаиa каква интеракција има со животните, само ме потсетува што значи чиста љубов и грижа, без услови.

Семејството на Софија Спасов
Семејството на Софија Спасов
Мајка си на дечиња кои се разлика само две години и два месеци. Како изгледа овој период за тебе, без идеализирање?

Со две деца, си ги намалив очекувањата на нула и тоа ми донесе огромно олеснување

Искрено, на некој начин ми е полесно со две деца отколку што ми беше со едно. Можеби звучи чудно, но со доаѓањето на второто дете, многу работи ми станаа појасни и полесни. Со две деца си ги намалив очекувањата на нула – хаха – и тоа ми донесе огромно олеснување.

Ја тргнав илузијата дека нешто мора: дека мора секогаш да има зготвен ручек, дека мора дома да биде совршено средено, дека мора да се стигне насекаде и дека јас морам сè да постигнам. Кога го тргнав тој притисок, мајчинството стана многу пореално и многу поподносливо.

Грчот и стравовите што ги имав со првото дете, скоро и да ги нема. Сега повеќе си верувам, повеќе верувам во децата и во процесот. Многу ми значи и тоа што Гаиa е исклучително питомо дете и прекрасно ја прифати Зои. Не ја доживеа како закана, туку како дел од нашиот свет, и тоа многу ми го олесни целиот период.

Секако дека има тешки моменти и денови кога двете плачат по мене во хор, кога ми требаат десет раце и уште малку трпение. Но, тие моменти се навистина ретки. А и тогаш не сум сама – тука е тато, кој знае да ја изменаџира ситуацијата и да нè врати во баланс. ♥️

Семејството на Софија Спасов
Семејството на Софија Спасов
Кој момент ти беше најтежок, а што најмногу те изненади?

Ме изненади колкава сила има женското тело - да родиш и по неколку денови да скокаш на кревет со првороденото

Најтешко ми беше тоа што не можев да бидам тука за Гаиa цело време како што бев претходно. Имав чувство како да ѝ одземам дел од мене што дотогаш ѝ припаѓаше целосно и тоа чувство на грижа на совест и беше многу реално и тешко.

А најмногу ме изненади моето тело. Колкава сила има женското тело и колку брзо учи да продолжи понатаму. Да родиш, да поминеш низ таа физичка и емотивна траума, и после само неколку денови да се најдеш како скокаш на кревет со првороденото, затоа што тоа му треба во моментот.

Сè уште ми е фасцинантно колку сме способни како жени – да нè боли, да сме уморни, а сепак да бидеме тука, целосно присутни.

Семејството на Софија Спасов
Како успеваш да им дадеш подеднакво внимание, а притоа да не се изгубиш себеси?

Откако станав мајка, не се чувствувам изгубено – напротив, се пронајдов во една нова верзија од себе. Се трудам што е можно повеќе работи да правиме заедно, а каде што не е можно – да објаснам. Гаиa веќе разбира кога вниманието треба малку повеќе да оди кон Зои. Важно ми е да знаат дека сум тука секогаш кога ќе им требам. Рецептот е едноставен: трпение, разбирање и еден тон на зборување.

Неодамна издаде прирачник за прва помош. Кој момент или искуство те натера да сфатиш дека ова е нешто кое секој родител треба да го има?

Никогаш нема да го заборавам стравот кога Гаиa имаше фебрилни конвулзии

Искрено, не беше еден момент, туку многу секојдневни ситуации – и мои и на децата на луѓето околу мене. Кога почнав со воведување храна кај Гаиa, првото нешто што направив беше да изгледам курс за задушување. Тогаш сфатив колку малку знаеме за нешта што можат да се случат во секојдневието, а колку е важно да бидеш подготвен.

Децата учат преку грешки, преку паѓање и станување и во тој процес на учење, за жал може да се повредат… Покрај сите паѓања, најстрашниот момент за мене беше кога, по висока температура, Гаиa имаше фебрилни конвулзии. Во тој момент, немав поим што се случува и како да реагирам, а тој страв никогаш нема да го заборавам.

Тогаш почнав активно да барам каде кај нас можам да земам обука за прва помош за деца. Така патот ме однесе до Елена, која е обучен парамедик со повеќе од 15 години искуство во итни ситуации и со која организиравме обука во живо. Од тие материјали, решивме да направиме прирачник, затоа што знам колку мајките немаат време, а знаењето им е неопходно. Затоа ја снимивме и обуката – за да им биде достапна тогаш кога ќе им треба.

Семејството на Софија Спасов
Колку те смени мајчинството во однос на одговорноста и подготвеноста, не само емотивно, туку и практично?

Мајчинството ме натера многу повеќе да се грижам за себе, ама не на идеален начин, туку реално

Мајчинството ме натера многу повеќе да се грижам за себе, ама не на некој идеален или совршен начин, туку реално. Да внимавам на здравјето, да научам да го одморам телото и вистински да се запрашам како се чувствувам, затоа што сфатив дека кога јас не сум добро, ништо околу мене не функционира како што треба.

Имав еден момент кога некој ми рече: „Леле, Гаиa колку личи на тебе“, и тука ми се случи клик. Отсекогаш сум била многу самокритична и сум си наоѓала маани за сè и сешто, без многу причина. А кога сфатив дека ако Гаиa личи на мене, а таа е толку убава, со толку добро срце и толку позитивно „блесава“, тогаш тоа е можеби најголемиот комплимент што сум го добила јас како личност. Во тој момент, почнав малку поинаку да се гледам себеси. И тука ми стана јасно дека и тоа е дел од одговорноста како мајка – како зборувам за себе, како се гледам во огледало и како се однесувам кон сопственото тело, затоа што тие тоа го гледаат и го учат од мене, без јас воопшто да забележам.

Семејството на Софија Спасов
Семејството на Софија Спасов
Преку „Штрк.мк“ не само што им овозможуваш на мајките да продаваат и купуваат second-hand производи, туку и советуваш и охрабруваш мајки. Според твоето лично искуство, што најчесто им недостига на мајките денес – информации, поддршка или разбирање?

Како што кажав и претходно, и јас многу се изгубив на почетокот од количината на информации, совети и мислења со кои бев бомбардирана од сите страни.

Се сеќавам на една вечер додека доев, кога ѝ пишав на Марија и ѝ реков дека мора да создадеме некое место каде што информациите што се споделуваат ќе бидат поддржани од вистински експерти во своите области. Простор каде што ќе има соработки, но и сигурност, и каде што секоја мајка ќе може да се чувствува слободна.

Ако треба да одговорам искрено – мислам дека недостигаат сите три: и информации, и поддршка, и разбирање. Особено денес, со подемот на вештачката интелигенција и социјалните мрежи, каде што секој може да се претстави како „експерт“, без јасен филтер кој што е навистина релевантен. Во таква средина, многу е лесно мајките да се чувствуваат збунето, несигурно и неразбрано. Затоа, сметам дека е клучно да постојат заедници што носат проверени информации, но и човечка поддршка.

Дали си свесна колку твоите совети им значат на жените кои првпат стануваат мајки?

Со цело срце сакам ние да бидеме генерација на мајки што ќе израсне генерација на силни, разумни и добри деца

Можеби не сум целосно свесна, но искрено се надевам дека е така. Сè што правам досега го правам со многу, многу љубов, без никаква материјална заработка.

Со цело срце сакам ние да бидеме генерација на мајки што ќе израсне генерација на силни, разумни и добри деца. Деца кои ќе имаат емпатија, ќе знаат да мислат со своја глава и ќе го прават светот барем малку подобро место од оној што сме го наследиле ние.

Имаш многу тетоважи и автентичен стил. Дали си се соочила со коментари или осуди за твојот изглед кога си со децата?

За жал, негативни коментари секогаш ќе има. Но, доволно сум зрела и свесна да знам дека туѓото мислење за мене не ме дефинира. Искрено, премногу сум зафатена со тоа да си ги гледам децата, семејството, работата и најблиските, за да трошам енергија на туѓи осуди. На крајот, најважно ми е каква мајка сум пред моите деца, не како изгледам во туѓи очи.

Семејството на Софија Спасов
Како им објаснуваш на Гаиа и Зои дека надворешниот изглед не го дефинира човекот?

Никогаш не коментирам ничиј изглед пред децата

Сè уште се многу мали за да го сфатат тој концепт, но уште од сега внимавам на примерот што го гледаат. Никогаш не коментирам ничиј изглед пред нив – ниту позитивно, ниту негативно. На Гаиa ѝ кажувам дека е убава секогаш, не само кога е дотерана.

Кога ќе пораснат, сакам да ги водам низ пример, а не низ празни лекции, затоа што верувам дека децата најмногу учат од тоа што го живееме.

Која особина ја имаш кај себе како мајка, а си ја наследила од твојата мајка?

Сфатив дека трпението не е нешто со кое се раѓаш, туку нешто што го учиш и го градиш секој ден

Дефинитивно трпението. Кога бев тинејџерка, искрено не можев да сфатам како мајка ми има толку трпение за сè – за мене, за моите реакции, за моите фази. Тогаш мислев дека едноставно е „таква“. Денес ми е сосема јасно од каде доаѓа тоа.

Со доаѓањето на Гаиa, а потоа и на Зои, сфатив дека трпението не е нешто со кое се раѓаш, туку нешто што го учиш и го градиш секој ден. Научив да успорам, да не реагирам веднаш и да си дозволам работите да течат со темпото на децата, а не со моето. Сфатив и дека успорувањето не е слабост, туку една од најважните особини што можеш да ги имаш како родител. Кога ќе застанеш, кога ќе слушнеш и кога ќе дадеш време, многу работи сами си доаѓаат на место – и кај децата, и кај тебе.

Семејството на Софија Спасов
Што најмногу те плаши како мајка, а што те исполнува со најголема гордост кога ги гледаш твоите деца?

Ме плаши помислата дека би можела, ненамерно, да направам нешто што ќе ги повреди моите деца. Ме плаши општеството во кое растат и светот во кој еден ден ќе излезат. А најголемата гордост ми е кога ги гледам такви какви што се. Особено Гаиа – начинот на кој се однесува со Зои, со Кара, со Ехо. Како ќе тргне да тргне полжав од сред пат за да не го згазне некој, како ќе скрши од храната што ја јаде и ќе ја остави на земја за мравките, како се радува на дождот, како се однесува со другите луѓе. Во тие мали моменти, знам дека нешто правиме како што треба.

Гаиа и Зои
Семејството на Софија Спасов
Ако Гаиa и Зои еден ден го читаат ова интервју, која порака би сакала да им ја оставиш, за тоа каква мајка си била?

Сè што сум изгубила е неспоредливо со она што сум го добила имајќи ги децата

Никој освен нив нема да знае каква мајка сум била. Но, се надевам дека ќе бидат горди што баш јас сум им била мајка. Сакам да знаат дека во сите можни паралелни универзуми, повторно би ги избрала нив да ми бидат ќерки. И дека никогаш не сум направила жртва – сè било свесен, љубовен избор. Сè што сум изгубила е неспоредливо со она што сум го добила имајќи ги нив.

Семејството на Софија Спасов
Семејството на Софија Спасов
Семејството на Софија Спасов

Даница Караташова Илиоска / Femina.mk

Tags
Софија Спасов

Најнови

  • Браво! Хор од Шведска одушеви со изведбата на македонскиот хит „Скопје“ од Леб и сол

    Tue, 02/17/2026 - 14:24
  • Софија Спасов со семејството

    „Полесно ми е со две деца отколку со едно, си ги намалив очекувањата на нула и добив олеснување“: Софија Спасов за предизвиците на мајчинството

    Tue, 02/17/2026 - 13:35
  • „Секогаш ја криев левата рака, но не треба“: Олимпијка родена без три прсти освои сребрен медал на ЗОИ

    Tue, 02/17/2026 - 10:38
  • Маркетинг
  • Импресум
  • Услови за користење
  • Приватност
  • RSS

© 2026 Femina.mk. Сите права задржани

Содржините на Femina.mk се заштитени со Законот за авторски права.
За секоја форма на користење на делови од овој веб сајт или цели статии за комерцијални цели, потребна е писмена согласност од Femina.mk.