• Маркетинг
  • 🔥 Новости
  • ♏ Хороскоп
  • 🌙 Соновник
  • 💬 Форум
  • Новости
  • Категории
    • Убавина и мода
    • Љубов и секс
    • Диети и фитнес
    • Рецепти
    • Здравје
    • Семејство
    • Дом и градина
    • Кариера
    • Забава
    • Колумни
  • Хороскоп
  • Соновник
  • Форум
  • Маркетинг
  • Импресум
  • Услови за користење
  • Приватност
  • RSS
Занимливости

„Почнавме со македонски ора, продолживме со ексју хитови, а завршивме со рок“: Свадбата од соништата на Нина и Нино Карас во Скопје

11 ноември 2026, 00:00
  • cподели

Нина и Нино Карас се млад брачен пар од Скопје кој успешно ги спојува љубовта, заедничките амбиции и претприемачкиот дух. Заедно ја градат приказната на Brummell, бренд создаден во Македонија, со кој го развиле првото елегантно мотоциклистичко сако, а денес нивните производи се носат во повеќе од 37 земји во светот.

Нина и Нино Карас

Нивниот професионален пат ги однел и преку океанот, па сега живеат на релација Македонија – Америка, каде што продолжуваат да ја развиваат кариерата и да остваруваат нови соништа. Покрај професионалните предизвици и деловни успеси, нивното динамично секојдневие го исполнуваат меѓусебната поддршка и желбата да патуваат и заедно да ги создаваат најубавите животни спомени.

Од запознавањето во скопскиот ноќен клуб Хавана и романтичното запросување во Лас Вегас до незаборавната свадба во Скопје... за Фемина, Нина открива како изгледа да се гради заеднички живот и успешен бизнис со партнерот, како ја замислувале венчавката од соништата и зошто најубавите моменти се оние кои ги создаваш со личноста која ти е најголема потпора.

Двајцата сте млади и успешни во своите професии. Колку труд, посветеност и откажувања стојат зад успехот кој го имате денес? Како успевате да ги усогласите професионалните амбиции со приватниот живот?

Многу! 😊 Зад сето ова стојат години работа, посветеност, многу непроспиени ноќи и откажувања. Кога градиш сопствен бизнис, особено од самиот почеток, работното време практично не постои. Има убави моменти, но и многу предизвици за кои ретко се зборува. Сепак, најубаво е што сме заедно во сето тоа, се поддржуваме и заедно се радуваме на секој успех.

Дали отсекогаш сте се гледале себеси во странство или животот ве однел таму поинаку од она што сте го замислувале? Што ви недостига од Македонија, а што најмногу го цените во животот што го имате денес?

Да, отсекогаш сум сакала да живеам и надвор од Македонија и среќна сум што ми се оствари таа желба. Сепак, најмногу ни недостигаат семејствата, со кои сме многу блиски, пријателите, дружењата и, секако, храната! 😊 Во Америка, пак, најмногу ги ценам можностите што ги нуди, динамичниот начин на живот и новите искуства.

Да се вратиме на почетокот... како се запознавте? Кој го направи првиот чекор и каков беше вашиот прв впечаток еден за друг?

Се запознавме сосема случајно во ноќниот клуб „Хавана“. Нино ме забележал и ми пријде, така што тој го направи првиот чекор. Ми остави убав впечаток уште на почетокот, а набрзо потоа излеговме и на првиот дејт.

Што беше она коешто најмногу ве привлече еден кај друг? Дали имате сосема различни карактери или, напротив, многу сличности коишто ве поврзуваат?

Секако, физичката привлечност беше првото нешто, но кај Нино ме привлекоа и неговата самодоверба, амбициозност и вниманието што ми го посветуваше. Се сеќавам дека на првиот дејт разговаравме со часови, без воопшто да забележиме како поминува времето. Уште тогаш почувствувавме дека сме на иста бранова должина, имаме слична енергија, амбиции и поглед на животот. Секако, не сме исти во сè, но мислам дека баш затоа толку добро се надополнуваме.

Дали имавте посебно запросување и како изгледаше тој момент? Дали беше изненадување?

По еден доста напорен период со работа, одлучивме да одиме на неколку дена во Лас Вегас, едно од нашите омилени места. Јас мислев дека одиме на уште едно забавно патување, но Нино имал сосема поинаков план. 😊

Вториот ден од патувањето, беше нашата годишнина и Нино имаше резервирано вечера во ресторанот Eiffel Tower, каде што нè чекаше маса со прекрасен поглед кон фонтаната на Bellagio. Целата вечер беше прекрасна, а јас не ни насетував што ме очекува. Токму при крајот Нино ме изненади со запросување. Во еден момент сите во ресторанот се свртеа кон нас, станаа и почнаа да аплаудираат, а потоа ни донесоа и колачи со честитки. Сè беше толку убаво и неочекувано, навистина како сцена од филм!

Дури подоцна Нино ми раскажа колку бил нервозен цело време и низ што сè поминал за да го скрие прстенот и да не го откријам изненадувањето. А јас, пак, не забележав апсолутно ништо!

 

Каде се одржа свадбата, дали беше традиционална, колку гости имавте...?

Свадбата ја правевме во хотелот Holiday Inn во Скопје, со околу 200 гости. Не беше многу традиционална, но беше баш онаква каква што ја посакувавме – весела, опуштена и со многу добра музика! Се играше и пееше цела вечер, а најубаво ни беше што ги гледавме сите наши најблиски собрани на едно место, среќни и расположени.

Интересно е што бендот ни кажа дека ова им била една од најпредизвикувачките свадби досега, и поради различните жанрови и поради изборот на песни. Почнавме со македонски ора, продолживме со ексју хитови, а завршивме со рок – од „Свадба е голема“ до Ace of Spades и Killing in the Name. 😊 Имаше буквално за сечиј вкус!

Посебно ни значеше што имавме и гости кои допатуваа специјално од Америка. Толку им се допаднаа Македонија, луѓето и целата забава што веќе планираат повторно да дојдат! Навистина ни беше мило што сите си поминаа толку убаво и што заедно создадовме спомени што долго ќе ги паметиме.

Кога почнавте да ја замислувате свадбата, каква прослава посакувавте? Дали уште од почеток имавте јасна визија или идеите се менуваа додека ги планиравте деталите?

Уште од почеток знаевме дека сакаме свадбата да биде вистинска забава, со многу музика, играње и добро расположение, бидејќи и ние сме такви. Секако, некои детали се менуваа додека ја организиравме, но идејата ни остана иста. На крајот, сè испадна уште поубаво отколку што очекувавме и навистина не можевме да посакаме подобра вечер!

Колку време ви беше потребно за да ја организирате свадбата и кој од вас двајца беше повеќе вклучен во подготовките? Дали лесно се договаравте или имавте различни желби и идеи?

Со организацијата почнавме во февруари, така што имавме неколку месеци за подготовките. Секако, јас бев малку повеќе вклучена во деталите, но и двајцата активно учествувавме. Бидејќи водиме заеднички бизнис и сме навикнати секојдневно да носиме одлуки заедно, договарањето воопшто не ни беше проблем. За среќа, имаме многу сличен вкус и идеи, па лесно се согласувавме околу повеќето работи.

Декорациите често се еден од највпечатливите делови на свадбата. Каков стил избравте, кои бои и детали доминираа и која беше инспирацијата зад целокупниот изглед? Дали сами ги осмислувавте деталите или соработувавте со професионалци?

Уште од почетокот имавме јасна замисла за декорацијата. Сакавме да биде елегантна, романтична и со многу внимание посветено на деталите, но без претерување. Избравме нежни крем и шампањ нијанси, цветни аранжмани, високи свеќи и суптилни златни детали, кои му дадоа посебна топлина на просторот.

Секој детаљ го осмислувавме заедно, а за реализацијата се погрижи тим од професионалци. Посебно ми беше убаво што во сето тоа имаше нешто наше, бидејќи навистина вложивме многу љубов и внимание во секој избор. А кога на денот на свадбата ја видовме салата целосно подготвена, чувството беше прекрасно. Сè изгледаше уште поубаво отколку што си замислувавме!

Организацијата на свадба знае да биде и возбудлива и стресна. Со кои предизвици се соочивте во подготовките и дали нешто не одеше според планот? Како се справувавте со непредвидените ситуации?

Искрено, мислевме дека сме почнале со организацијата навреме, бидејќи уште во февруари почнавме да планираме свадба за септември. Но, брзо сфативме дека некои парови веќе тогаш резервираат за 2027 година! 😊

Првиот предизвик беше локацијата. Сакавме свадбата да биде во сабота, но речиси сите места што ни се допаѓаа веќе беа резервирани. Тогаш мајка ми ни предложи да го погледнеме Holiday Inn, бидејќи салата била реновирана. Штом ја видовме салата во живо, веднаш знаевме дека тоа е вистинското место.

Потоа следуваше потрагата по бенд, а и тука повеќето веќе беа зафатени. За среќа, на крај најдовме одличен бенд кој целосно одговараше на нашиот музички вкус. Фотографот го договоривме само неколку недели пред свадбата, а диџејот ни откажа буквално неколку дена претходно поради преклопување на термини, па моравме брзо да најдеме замена.

Но, со Нино сме навикнати да работиме под притисок и да решаваме работи во „пет до дванаесет“, така што не паничевме премногу. Некако бевме сигурни дека сè ќе си дојде на свое место. И на крај, навистина сè испадна прекрасно!

Кој момент од свадбениот ден ви остана најсилно врежан во сеќавањето? Дали имаше момент кога ве совладаа емоциите и сфативте дека конечно се случува денот за кој толку долго сте сонувале?

Искрено, не знам што попрво да издвојам. Од венчавката во црква, влегувањето во салата и сите погледи вперени во нас, до првиот танц, танцувањето со нашите родители и возбудата на сестра ми. Најубаво ми беше што ги гледавме сите наши најблиски толку среќни и што заедно уживавме во секој момент. Целиот ден ни помина толку брзо што дури наредните денови, кога малку ни се смирија емоциите, почнавме да си ги прераскажуваме сите случувања и да ги собираме впечатоците. Навистина, за сите нас ова беше еден од најубавите денови досега!

Како ја замислувате вашата заедничка иднина и што би им порачале на младите парови кои сонуваат за голема љубов, успешна кариера и свадба од соништата?

Се надевам дека ќе продолжиме да растеме заедно, и приватно и професионално, да патуваме, да создаваме нови спомени и да ги остваруваме нашите заеднички планови. 😊

На младите парови би им порачала да веруваат еден во друг, да си бидат најголема поддршка и да не се плашат да сонуваат големи соништа. Не мора секогаш сè да биде совршено, најважно е да имате некој покрај себе со кого ќе се радувате на успесите и ќе ги надминувате сите предизвици. А свадбата од соништата? Најубава е кога е токму по ваша мерка, а не според туѓите очекувања.

Даница Караташова Илиоска / Femina.mk

Tags
Нина Карас
Нино Карас
свадба

Најнови

  • Нина и Нино Карас

    „Почнавме со македонски ора, продолживме со ексју хитови, а завршивме со рок“: Свадбата од соништата на Нина и Нино Карас во Скопје

    Wed, 11/11/2026 - 00:00
  • Празнична реклама за Кира

    Мало момче бара дом за напуштено куче во празнична реклама која ги разнежи љубителите на животни

    Tue, 11/10/2026 - 21:50
  • „Наше мало сонце“: Ќеркичката на Даниел Кајмакоски го прослави вториот роденден со торта со Том и Џери

    Tue, 11/10/2026 - 18:30
  • Маркетинг
  • Импресум
  • Услови за користење
  • Приватност
  • RSS

© 2026 Femina.mk. Сите права задржани

Содржините на Femina.mk се заштитени со Законот за авторски права.
За секоја форма на користење на делови од овој веб сајт или цели статии за комерцијални цели, потребна е писмена согласност од Femina.mk.