„Почнав да плачам уште пред тој да клекне, прстенот бил изработен специјално за мене“: Адриана за филмскиот предлог за брак во Амалфи
Со многу емоции, Адриана Цепевска го изговори судбоносното „ДА“ на едно од најромантичните места во светот – крајбрежјето на Амалфи. Во амбиент кој го одзема здивот, во престижниот хотел Caruso во Равело, нејзиниот партнер Виктор ја изненади со предлог за брак кој засекогаш ќе одѕвонува во нивните сеќавања.
Запросувањето било планирано до најситен детаљ, па дури и уникатниот прстен, кој бил изработен специјално за неа, со денови патувал во нејзината чанта скриен во кутија за часовници, без таа воопшто да се посомнева. Иако женската интуиција често знае да ги открие изненадувањата, Адриана до последен момент не знаела што ја очекува зад преубавата тераса со поглед на заливот.
За Фемина, Адриана евоцира спомени од моментот кога солзите-радосници потекле уште пред Виктор да клекне на колено, открива како нивното искрено пријателство прераснало во безусловна љубов и ја споделува нејзината најважна лекција за врските.
Амалфи е едно од најромантичните места на светот. Какво е чувството токму таму да го изговориш судбоносното „ДА“?
Секако дека погледот кон крајбрежјето на Амалфи беше неверојатен. Музиката создаваше совршена атмосфера и правеше да се чувствуваш како да си во бајка. По запросувањето, имавме приватна вечера подготвена од шеф кој таа вечер беше ангажиран само за нас, а менито беше осмислено денови однапред, во договор со него и прилагодено според моите омилени вкусови.
Но, она што најмногу ме трогна не беше самата локација, фотографиите или совршено организираната вечера. Искрено, ќе бев подеднакво среќна и да ме запросеше на кое било друго место.
Она што навистина ми значеше беше кога сфатив колку време, внимание и љубов вложил во целиот момент. Со недели планирал, комуницирал со хотелот, внимавал на секој детаљ и ги паметел работите што јас сум ги спомнувала дека ми се допаѓаат кај други запросувања, само за да ме направи мене среќна.
Во тој момент сфатив дека не се работи само за едно запросување, туку за човек кој навистина слуша, памети и се труди да ги направи среќни луѓето што ги сака.
Во таа вечер не се вљубив повеќе во Виктор – само уште еднаш се потсетив зошто го избрав токму него.
Запросувањето беше само најубавиот доказ за нешто што јас веќе одамна го знаев.
Како изгледаше денот пред самото запросување? Дали имаше некои смешни моменти или „знаци“ кои сугерираа дека партнерот е повозбуден од вообичаено?
Сега кога се навраќам наназад, сфаќам дека имало многу мали знаци. Во моментот не ги забележував, но подоцна сè доби смисла.
Виктор воопшто не делуваше нервозно, но обрнуваше огромно внимание на секој детаљ од одморот и постојано внимаваше дали сè ми е по мерак. Беше можеби малку понежен од вообичаено, но мислев дека тоа е сосема нормално бидејќи сме на одмор и двајцата сме поопуштени.
Најинтересно е што прстенот всушност цело време бил со мене, а јас воопшто не сум била свесна за тоа. Виктор смислил навистина интересен план. Прстенот бил сокриен во мала патна кутија за часовници. Ми кажал дека не сака да ги остава часовниците во хотелската соба бидејќи му се вредни и дека ќе ги носиме со нас. Бидејќи јас носев голема ташна, таа кутија цело време беше кај мене.
Дали женската интуиција ти потскажуваше дека во хотелот Caruso има специјално изненадување за тебе или до последен момент не се посомнева?
Искрено, до последен момент немав никаква претстава дека ќе се случи таму.
Секако, кога сте во сериозна врска, понекогаш помислувате дека тој момент можеби е блиску, но не очекував дека ќе се случи токму тогаш и токму таму.
Знаев дека имаме резервација за вечера во хотелот Caruso, но тоа ми изгледаше како уште едно прекрасно искуство за време на нашето патување.
Дури кога се симнав по скалилата и го видов воодушевувачкиот поглед, масата подготвена за двајца и целата атмосфера, ми стана јасно што ќе се случи. Се свртев кон него додека се симнував и му реков: „Виктор, што е ова?“
Во тој момент веќе бев преплавена од емоции.
Кога стигнав до терасата, почнав да плачам уште пред тој да клекне. Толку силно ме погоди целиот момент што не можев да ги задржам солзите.
Потоа следуваше прашањето кое ќе го паметам цел живот – дали сакам да бидам негова жена.
Одговорот беше едно големо и искрено „да“.
Тогаш сфатив и дека зад скалите се кријат фотограф и снимател кои го овековечиле целиот момент. Тоа беше уште едно прекрасно изненадување, бидејќи отсекогаш сум сакала да имаме спомен од таков ден.
Опиши ни ги првите секунди откако го виде прстенот. Која беше првата мисла која ти помина низ глава пред да го изговориш гласното „ДА“?
Во моментот кога сфатив што се случува, низ глава ми поминаа милион заеднички моменти. Бев толку возбудена што речиси и не размислував на ништо друго. Едвај најдов сила да кажам „да“, бидејќи плачев од среќа.
Всушност, прстенот го погледнав дури откако кажав „да“ и се изгушкавме. Тогаш сфатив дека воопшто не сум го видела и му реков: „Леле, јас сега првпат го гледам прстенот.“
Беше целосно по мој вкус и не би променила апсолутно ништо. Подоцна дознав дека Виктор имал посебни барања кои дизајнерот ги исполнил и дека прстенот бил изработен специјално за мене.
Италијанскиот шарм и филмската атмосфера на крајбрежјето се инспирација за многу љубовни приказни. Дали самиот амбиент направи да се чувствуваш како протагонистка во некој безвременски романтичен филм?
Апсолутно.
Уште додека шетавме низ Равело пред да стигнеме во хотелот, посведочивме на три различни свадби. Си помислив колку мора да се среќни луѓето што имаат можност токму таму да го прослават својот најважен ден, без воопшто да знам дека и мене ме чека нешто толку посебно.
Од самиот момент кога влеговме во хотелот го почувствувавме шармот на Равело во едно сосема поинакво светло. Погледот кон морето, облаците и заливот на Амалфи, прекрасниот хотел и целата атмосфера изгледаа нереално.
Но она што навистина го направи запросувањето магично беше организацијата на Виктор и тимот на хотелот.
Кога пристигнавме во хотелот Caruso, персоналот веќе беше запознаен со целиот план и сè функционираше совршено.
Како изгледаа моментите по запросувањето? Дали веднаш им соопштивте на најблиските или одлучивте таа слатка тајна да ја задржите само за вас барем уште некој час?
По запросувањето, имавме фотосесија во прекрасните градини на хотелот, место каде што многу познати личности ги организирале своите свадби.
Подоцна седнавме на нашата приватна вечера. Во позадина свиреше тивка романтична музика, а за првпат по целиот шок останавме сами и почнавме да разговараме за сè што се случило.
Тогаш Виктор ми раскажа колку долго го планирал целиот момент, колку време посветил на организацијата и колку внимателно ги паметел сите работи што сум ги кажувала низ годините. Исто така, дознав дека и прстенот бил дизајниран токму според мојата замисла.
Тоа беше моментот кога вистински сфатив колку љубов, труд и внимание стојат зад целата вечер.
Но, можеби најубавиот дел беше кога почнавме да им се јавуваме на нашите најблиски. Да ја слушнеш нивната среќа, возбудата во нивните гласови и да почувствуваш колку искрено се радуваат за вас е чувство што тешко се опишува.
Во тие моменти, сфатив дека среќата навистина се множи кога ја делиш со луѓето што ги сакаш.
Како започна вашата љубовна приказна и колку време сте заедно?
Нашата приказна започна сосема природно, без никакви планови или очекувања.
Се знаеме многу години и порано се дружевме, но никогаш не бевме особено блиски. Летото 2024 година повторно се видовме сосема случајно во Грција, додека тој беше на момачко патување, а јас на одмор со другарките.
Таму нашите друштва се споија и станавме буквално неразделни. Следуваа секојдневни излегувања и долги разговори, но секогаш во друштво.
Во тој период, Виктор штотуку беше излезен од долга врска, а јас не бев отворена за нова љубовна приказна. Така станавме многу добри и искрени пријатели.
Со текот на времето, пријателството прерасна во нешто многу подлабоко. Сфативме дека сме буквално ист човек – само машка и женска верзија.
Денес, кога ќе погледнам наназад, сфаќам дека најубавиот дел не се големите моменти, туку сите оние мали секојдневни работи што нè донесоа до тука.
Иако не сме заедно многу долго, уште во првите неколку месеци и двајцата знаевме дека тоа е тоа. Никогаш претходно не сум знаела како човек може да биде сигурен дека сака да го помине целиот живот со некого, но ова беше токму тоа – кога знаеш, едноставно знаеш.
Гледајќи се сега како идна невеста, кој е највредниот совет за љубовта и партнерството кој би ѝ го дала на онаа Адриана од почетокот на вашата врска?
Би ѝ кажала да не брза и да верува во процесот.
Понекогаш тоа што го бараш е токму пред тебе, а не си свесна за тоа.
Би ѝ кажала дека најважно е да пронајде човек покрај кого може целосно да биде своја.
Денес знам дека најголемата среќа не е во совршените фотографии, прстенот или локацијата, туку во чувството дека имаш партнер кој навистина те слуша, те разбира и секој ден повторно избира да биде покрај тебе.