„Почивај во мир, ангелу македонски, и ти благодарам“: Перо Камиказа за првата средба со Тоше, сподели и необјавени фотографии
Деветнаесет години по заминувањето на Тоше Проески, спомените за неговата добрина, скромност и неверојатна музичка дарба сè уште живеат во срцата на оние коишто го познавале.
Петар Георгиевски – Камиказа сподели досега необјавени фотографии од македонската музичка легенда, но и емотивна приказна за нивната случајна средба кога Тоше имал 20-тина години, која се претворила во незаборавна вечер исполнета со музика, смеа и искрени емоции.
Еве го неговиот текст:
Сите големи имиња признаваа и признаваат само едно име: Македонија!!! Меѓу нив и Тоше ⭐️ Нека ти е вечна славата, благодарам што остави дела и мисли за навек! 🙏
ТОШЕ ПРОЕСКИ (НЕОБЈАВЕНА ФОТОГРАФИЈА ОД КОНЦЕРТОТ НА ТОШЕ BY KLS Events 2004 😎
За него се изнапишаа милиони убави зборови, од неговиот глас трепереа милиони срца, а од плачот по неговото заминување реки од солзи се направија. Од неговите алтaн зборови засекогаш ќе останат речениците „ВЕ САКАМ СИТЕ“ И „ЈАС НЕ ПОЗНАВАМ НИЕДНА ДРЖАВА СО ДРУГО ИМЕ СЕМ МОЈАТА: МАКЕДОНИЈА“
Оваа приказна ја чував во себе подолго време, но ајде, сега ѝ дојде времето на објава... Тоше живееше во сутерен во моето маало некое време и една случајна средба се претвори во празник за мојата фамилија.
Да тргнеме по ред...
Ми вели: „Вие сте Перо Камиказа“, со срамежлив глас (мислам дека тогаш имаше 20-тина години). А ја му викам: „Тој сум!“ 😃
„Во Битола собирав пари кога разбрав дека ќе свирите со Меморија во кино Партизан и ви бев на концерт... Сите песни ви ги знаев и со вас пеев од почеток до крај 😃, а ноќта долго не можев да заспијам од возбуда...“
Му викам: „Сакаш на по еден чај кај мене?“ 😃
А Тоше вика: „Имаш гитара дома?!“
„Како да не, одиме кај мене...“
Се качуваме дома кај мене, а децата, збунети во неверување, го гледаат нивниот омилен пејач кај нас дома. Ќерка ми се вцрвени целата, се збуни и му побара автограм 😃. Тоше ѝ се потпиша, ја бакна и гушна и направи лав муабет ко што знаеше само тој...
Седнавме, попрајвме муабет за сè и сешто и на крај дојде и гитарата... Почна да пее „Оган под ѕвездите“, па „Одам засекогаш“ и така сè во недоглед...
Бев збунет и до тој момент сметав дека само Поце знае да ја пренесе таа енергија на песните од Меморија... Но, чув една сосема нова димензија на песните кои сум ги напишал... Токму во тој момент сфатив дека некои од тие песни ќе станат бесмртни...
Тогаш му заблагодарив на Бога што ми ги пратил двајцата ангели да ми ја прераскажат мојата емоција (ПОЦЕ И ТОШЕ) и да ме направат горд на напишаното...
Долго во ноќта раскажувавме за сè и сешто и некаде во раните утрински часови се разделивме...
Децата заспаа по подот во собата, па сабајлето се чудеа дали било јаве или сон оваа средба со Тоше...
По некој ден ми се јавија за реализација на „Сто години Илинден“, за што цврсто сум убеден дека запнал токму Тоше нашата фирма да го работи овој проект во Крушево. Вредностите секогаш се препознавале едни со други 😃
Потоа работевме уште два-три концерти за него... Со неговата менаџерка за проектите што следеа не најдовме заеднички збор (нејќам да употребам погруби зборови) и така нашата соработка полека прекина. Но, Тоше остана да живее вечно во моето срце 😃
А песните на Меморија кои ги испеа кај нас дома да ги снимев со камера, сега ќе бев богат човек, бидејќи немаше да биде само на збор како сега... Место тоа, еве некои необјавени фотки...
Почивај во мир, ангелу македонски, и ти благодарам на незаборавните моменти поминати со тебе...
Ете, солзи ми навираат и затоа тука ќе прекинам...
Ве сакам сите, како што велеше Тоше...
Искрено ваш,
Петар Георгиевски – Камиказа