„Победата ми покажа дека мајчинството не става точка на кариерата“: Вероника Консевиќ за бронзата во Таранто
Само 11 месеци по породувањето, Вероника Консевиќ повторно застана на душекот и се врати дома со бронзен медал за Македонија.
27-годишната македонска борачка го освои третото место на Медитеранските игри во Таранто, Италија, каде имаше најголема поддршка од синот Давид кој слатко ја бодреше од трибините и беше првиот кој ја прегрна по големото спортско достигнување.
Нејзиниот пат до овој значаен медал започнува далеку од нашата земја, во украинскиот град Токмак, во кој уште на 9-годишна возраст првпат се сретнала со борењето.
Денес, Скопје го нарекува свој дом, а веќе 3-та година по ред настапува за македонската репрезентација, под водство на тренерот Магомед Ибрагимов, човекот кој на Македонија ѝ го донесе првиот олимписки медал.
За Фемина, посветената спортистка открива како изгледало враќањето на борењето само два месеци по породувањето, како успевала да ги усогласи мајчинството и професионалниот спорт, колку ѝ значи поддршката од сопругот Тарас и семејството, но и зошто бронзениот медал во Таранто за неа значи многу повеќе од спортски резултат.
Како започна вашата љубов кон борењето и како воопшто дојдовте да живеете во Македонија?
Со борење започнав да се занимавам на 9 години. На тренинзите ме покани мојот прв тренер. Живеевме во иста зграда: јас на деветтиот кат, а тој на третиот. Го познавав уште од најмала возраст. Еден ден тој виде во мене едно активно девојче и ми предложи да се обидам со борење.
Се согласив. Само два месеци подоцна ги имав моите први натпревари, на кои го освоив првото место. По таа победа сфатив дека сакам сериозно да се занимавам со спорт. Почнав уште повеќе да тренирам, а моите резултати постепено стануваа сè подобри.
Во 2022 година, стапив во контакт со Магомед Ибрагимхалилович Ибрагимов, кој ми предложи да настапувам за репрезентацијата на Македонија. Ја прифатив неговата понуда и од тој момент започна едно ново поглавје во мојата спортска кариера. Денес, тренирам под негово раководство и многу сум благодарна за довербата и поддршката што ми ја дава.
Како изгледаше вашиот почеток во Македонија? Дали беше тешко да се навикнете на нова земја, јазик и средина, и кога почувствувавте дека Македонија станува ваш дом?
За Македонија започнав да настапувам во 2023 година. Македонија ме прими многу топло и денес тука се чувствувам како дома. Тоа го почувствував речиси веднаш по моето пристигнување - видов како луѓето се однесуваат кон мене. Овде луѓето се многу гостопримливи, добри и отворени, а тоа за мене е многу важно.
Кога ја дознавте убавата вест дека ќе станете мајка, како се промени вашиот живот и како изгледаше периодот во кој моравте да направите пауза од професионалниот спорт?
За бременоста дознав во декември 2024 година. Бев неверојатно среќна кога ја дознав оваа прекрасна вест. Секако, бременоста целосно ми го промени животот, но не сакав целосно да се откажам од спортот.
Во текот на целата бременост тренирав и се трудев да ја одржувам мојата физичка форма. Кон крајот на бременоста, оптоварувањата, секако, беа минимални - главно се занимавав со физичка подготовка. Не правев спаринг.
По породувањето, кога одлучивте дека сакате повторно да се вратите на борењето? Дали уште во бременоста си замислувавте дека повторно ќе се натпреварувате на највисоко ниво?
Уште пред породувањето знаев дека сакам да се вратам во спортот. За мене тоа беше само прашање на време - колку брзо ќе успеам да се опоравам по породувањето и повторно да ја вратам мојата физичка форма.
Како изгледаше враќањето на тренинзите по породувањето? Колку време и труд ви беа потребни повторно да ја вратите силата, кондицијата и формата?
Заочнав да тренирам релативно брзо. Кога мојот син имаше два месеци, постепено започнав со физичка подготовка. А веќе четири месеци по породувањето повторно се вратив на душекот.
Првите недели навистина беа многу тешки. Телото сè уште се опоравуваше, а оптоварувањата по толку долга пауза се чувствуваа сосема поинаку. Но, секоја недела гледав дека мојата форма постепено се враќа.
Што беше најтешко во тој период – физичкиот напор, недостатокот на време, грижата за бебето или психолошкиот притисок повторно да бидете на нивото на кое сте биле пред бременоста?
Најтешко беше да се усогласи сè - мајчинството, тренинзите, опоравувањето и секојдневниот живот. Постојано немав доволно време. Преку ден бев со детето, а навечер требаше да тренирам.
Како успевавте да ги усогласите тренинзите и подготовките со секојдневните обврски како мајка? Колку голема поддршка ви беа сопругот и семејството?
Често го носевме нашиот син со нас на тренинзите. Додека јас тренирав, тој остануваше во салата со мојот сопруг. Токму благодарение на поддршката од моето семејство успеав да го поминам овој период.
Мојот сопруг секогаш веруваше во мене и ме поддржуваше. Моето семејство е мојата најголема мотивација.
Кога започнаа подготовките за Медитеранските игри во Таранто, дали верувавте дека можете да стигнете до медал? Како изгледаа последните недели пред заминувањето?
Првата фаза беше посветена на физичката подготовка - требаше повторно да ја вратам силата, издржливоста и целокупната физичка форма.
Во втората фаза се фокусиравме на техниката и тактиката. Многу работев на деталите, се обидував повторно да го почувствувам душекот и постепено да се приближам до мојата најдобра форма.
Третата фаза беше директната подготовка за самото натпреварување во Македонија, заедно со мојот тренер Магомед Ибрагимхалилович.
Имав добра подготовка и верував дека можам да освојам медал за Македонија.
На Игрите отпатувавте со вашето 11-месечно бебе. Како изгледаше целото искуство... да се грижите за синчето, а истовремено да се сконцентрирате на толку важен спортски настап?
Секако, не беше лесно. Но, на самото натпреварување моето семејство беше покрај мене. Синот, сопругот и мајка ми дојдоа да ме поддржат. Тоа за мене беше многу важно. Знаев дека се блиску до мене и тоа ми даваше дополнителна сила.
Во борбата за бронза победивте со 7:5. Што ви поминуваше низ глава во тие моменти и што почувствувавте кога сфативте дека сте освоиле медал за Македонија?
Кога победив, бев преплавена со емоции. Бев неверојатно среќна и горда затоа што успеав да освојам медал за Македонија. Но, најмногу од сè сакав веднаш по победата да го прегрнам мојот син. Тоа чувство е тешко да се опише со зборови.
Колку вашето бебе ви беше мотивација во Таранто? Дали можете да го опишете моментот кога по освоениот медал го зедовте во прегратка?
Денес мојата најголема мотивација е мојот син. Токму тој ми дава сила да продолжам напред, да работам на себе и да не се откажувам дури и во најтешките моменти. Сакам тој во мене да гледа пример за човек кој не се плаши да сонува, да работи и да ги надминува тешкотиите. Мојот син е мојот мал талисман.
Многу долго се борев за овој медал. Затоа тој за мене значи многу повеќе од само спортски резултат.
Од девојче кое пораснало во Украина, преку новиот живот во Македонија, до мајка која само 11 месеци по породувањето освојува медал... кога ќе погледнете наназад, на што сте најгорди и која е вашата следна голема цел?
Кога ќе погледнам наназад, најмногу се гордеам со тоа што не застанав, дури и тогаш кога мојот живот целосно се промени.
Преселбата во Македонија, новата животна етапа, мајчинството, опоравувањето по породувањето и враќањето во врвниот спорт - секоја од овие етапи за мене беше посебен предизвик.
Медалот освоен 11 месеци по породувањето за мене не е само резултат. Таа е доказ дека понекогаш сме многу посилни отколку што самите мислиме.
Многу сум горда што успеав да ги поврзам мајчинството и спортот, повторно да се вратам на душекот и повторно да верувам во себе. Оваа победа ми покажа дека мајчинството не става точка на кариерата на една спортистка. Напротив - може да стане нов извор на сила и мотивација.
И не сакам да застанам на овој медал. Мојата следна голема цел е да станувам уште посилна, да се усовршувам како спортистка и да се борам за уште поголеми победи.
Во исто време, сакам да останам добра мајка и со својот пример да му покажам на мојот син дека големите соништа можат да се остварат дури и тогаш кога животот целосно ќе се промени. Сакам еден ден тој да погледне во мене и да разбере: „Ништо не е невозможно ако навистина веруваш во себе и си подготвен да работиш за својот сон“.
Даница Караташова Илиоска / Femina.mk