• Маркетинг
  • 🔥 Новости
  • ♏ Хороскоп
  • 🌙 Соновник
  • 💬 Форум
  • Новости
  • Категории
    • Убавина и мода
    • Љубов и секс
    • Диети и фитнес
    • Рецепти
    • Здравје
    • Семејство
    • Дом и градина
    • Кариера
    • Забава
    • Колумни
  • Хороскоп
  • Соновник
  • Форум
  • Маркетинг
  • Импресум
  • Услови за користење
  • Приватност
  • RSS

„Пишуваме писма за Дедо Мраз, за Бадник сè подготвуваме со децата“: Празнично со Сара Мејс

26 декември 2025, 13:00
  • cподели

Празниците имаат моќ да нè вратат таму каде што е најубаво – дома, кај трепкањето на светилките, мирисот на домашна кујна и детската возбуда што не може да се глуми. За Сара Мејс, празничните денови не се само календарска одредница, туку чувство, ритуал и љубов што се живее. Како сопруга на познатиот водител Димитар Атанасовски, мајка на Илина и Кирил, но и како уметница со исклучителен музички талент, познатата пејачка и харфистка празниците ги доживува длабоко и семејно.

Во ова празнично интервју за Фемина, таа нè пушта во својот дом и својата интимна магија, каде традицијата се негува, детската радост е најважна, а музиката и топлината одат рака под рака.

Сара Мејс со семејството
Празниците секогаш носат посебна емоција. Како изгледаат овие денови во вашиот дом, кога семејството е на едно место?

Ова се моите омилени празници, омилена топлина и атмосфера, каде сè околу нас трепка… Омилени моменти ми се детската возбуда на 1-ви јануари кога децата трчаат да видат што им донел Дедо Мраз. Потоа, еден од најголемите христијански празници, Божиќ… Бадник, месењето лепче и приготвувањето на целата посна трпеза заедно со децата, коледарите истиот ден порано, подготвувањето на коледарските дарови еден ден претходно… мирисот на домашна кујна, чајче и греано вино низ целиот декември, божиќните семејни филмчиња… Децата на распуст и време за целото семејство заедно.

Илина и Кирил, децата на Сара Мејс и Димитар Атанасовски
Илина и Кирил се сигурно главните „виновници“ за празничната магија. Дали веруваат во Дедо Мраз и како изгледа тој возбудлив момент за нив – пишување писма, посакување желби?

Писма се пишуваат обавезно, тоа го правиме дури некаде на почеток на декември, имаме дома еден украс „поштенското сандаче на Дедо Мраз“ и таму ги оставаат писмата. Еден ден подоцна, Дедо Мраз секако ги собира (се смее), а за возбудата во нивните очи на први јануари пред да си ги видат подароците, вреди да се живее.

Што најчесто им подарувате на децата за Нова година – играчки, книги или подароци со порака и колку ви е важно преку нив да пренесете вистински вредности?

Важно ни е да ги израдуваме, да им извлечеме насмевка на лицата и возбуда околу целиот момент што Дедо Мраз дошол преку оџак за да ги награди дека биле умни и дека треба да продолжат така. Порака им оставаме секогаш и им ја читаме, најчесто е мотивирачка и пофална, а подароците се најчесто она што тие си го посакале, а тоа досега секој пат било играчка.

Сара Мејс со семејството
Сара Мејс со семејството
Имате ли ваша семејна празнична традиција што ја негувате од година во година, нешто што празниците кај вас ги прави поинакви и препознатливи?

Како поминуваат годините, забележувам дека правиме секвенци со неколку работи во декември. Тоа се путер колачиња, костени, за Нова Година класик – кифлички со руска, но целата убавина е во тоа да ги правите заедно со децата. На Бадник секогаш подготвуваме сè сами и заедно со децата и некако целиот ден е празник за душата. Коледарчиња испраќаме, коледарчиња чекаме, потоа се приготвува лепче, гравче, риба - од почеток до крај. Не се тоа некои поинакви работи и не би ги ни поминувала поинаку искрено… бесценети моменти.

Сара Мејс со семејството
Сара Мејс со семејството
Како е украсен вашиот дом годинава? Дали доминира класичната празнична атмосфера или секоја година внесувате нешто ново? Кој всушност е најмногу „задолжен“ за украсување по дома?

Како си растат децава, така се повеќе китиме сите заедно. Кирил до душа откитува, а ние тројца китиме. Обично Димитар кити околу каминот, јас и Илина елката, останатите украси јас и Димитар… и на крај Кирил преместува сè по негово (се смее).

Инаку не сум од тие домаќинки што мораат секоја година да ја променат бојата на лампионите на пример или украсите. Воопшто. Знам да надополниме јас или Димитар со нови украси и лампиони секако, или да престанеме да употребуваме украси кои се оштетени и стари, но комплетно менување не…. Црвено-златно ни е некоја класика.

Илина и Кирил, децата на Сара Мејс и Димитар Атанасовски
Каде и како ќе ја дочекате Новата година, по пижами или на забава?

Ооо едвај чекам да си ги облечам пижамите 🤣. Последните три концерти со девојките ни се на 28-ми, 29-ти и 30-ти во низа… Така да, може да ме замислите со каква блажена насмевка ќе си облечам пижамки и ќе си се сместам на софа.

Во вакви моменти човек често застанува и се навраќа на важните работи. Што празниците ве потсетуваат вас, како жена и мајка?

Дека без разлика колку работа, концерти или обврски човек има, првата и најважна улога е да поминуваш време со оние кои ги сакаш најмногу.

Како успевате да ја одржите рамнотежата помеѓу кариерата, семејството и времето за себе, особено во овој динамичен период од годината?

Да бидам искрена, не е лесно воопшто. А, ако бидам скроз искрена, „време за себе“ е научна фантастика во овој период од годината за мене. Така компензирам за да најдам време за кариерата и семејството. Во исто време сум посветена на девојките (на Ана, Теа и Кали), односно на квартетот, на пробите со нив, пробите со оркестарот. Редовниот репертоар во распоредот на Македонска опера и балет, како харфистка во оркестарот, тековните дневни обврски, и најважната, најблагословената и најголемата мисија која нема работно време и пауза, односно на служба си нон-стоп, а тоа е да бидеш родител.

Sarah Mace and Тhe Girlzz
Sarah Mace and Тhe Girlzz
Нодамна ги израдувате фановите со новата празнична песна на проектот „Sarah Mace and Тhe Girlzz“ насловена како „Нека трепка“. Ве очекува и концерт со Божиќни песни во Македонска Филхармонија. Колку Сара како мала се радуваше на празничната магија и колку би била горда на она што сте денес? Дали можеби дел од таа Сара и таа празнична еуфорија и топлина е инспирација за ова што се случува на музички план?

Со нетрпение чекаме да се дружиме и пееме со нашата публика на 29 декември во Македонската филхармонија. Концертот ќе започне во 20 часот и ќе понуди незаборавни 90 минути, каде столчињата во салата речиси ќе се претворат во санки и патувањето ќе вклучува незаборавни спомени.

Дефинитивно малата Сара и нејзината голема љубов кон празничната еуфорија се претворила во оваа Сара сега, која сака да стане дел од самата празнична еуфорија.

Sarah Mace and Тhe Girlzz
Sarah Mace and Тhe Girlzz
Со каква порака и желба ја дочекувате Новата година – за себе, за семејството и за сите што ве следат и ве поддржуваат?

Да сме здрави, да имаме спокој во душата и да бидеме таму каде што ни припаѓа срцето.

Сара Мејс со семејството

Даница Караташова Илиоска / Femina.mk
 

Tags
Сара Мејс
Нова година 2025

Најнови

  • Блејк Лајвли во дамски празничен стајлинг на забава

    Fri, 12/26/2025 - 13:22
  • Сара Мејс со семејството

    „Пишуваме писма за Дедо Мраз, за Бадник сè подготвуваме со децата“: Празнично со Сара Мејс

    Fri, 12/26/2025 - 13:00
  • Романтична приказна во „Пепелашка“ стил: Трејлерот за новата сезона на хит-серијата „Bridgerton“

    Fri, 12/26/2025 - 12:18
  • Маркетинг
  • Импресум
  • Услови за користење
  • Приватност
  • RSS

© 2025 Femina.mk. Сите права задржани

Содржините на Femina.mk се заштитени со Законот за авторски права.
За секоја форма на користење на делови од овој веб сајт или цели статии за комерцијални цели, потребна е писмена согласност од Femina.mk.