„Нашата најголема љубов и гордост“: Синот на Елизабета Ѓоргиевска и Стево Пендаровски најдобро дипломиран студент на ФЕИТ
Поранешниот претседател Стево Пендаровски и професорката Елизабета Ѓоргиевска имаат со што да се гордеат. Нивниот син Огнен е прогласен за најдобар дипломиран студент на Факултетот за електротехника и информациски технологии (ФЕИТ) во Скопје за академската 2024/2025 година.
По повод одбележувањето на 77-годишнината од основањето на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ и големиот празник 24 Мај, Денот на светите Кирил и Методиј, УКИМ традиционално ги додели наградите за најуспешните студенти кои покажаа извонредни резултати за време на студиите.
Големиот успех не ја остави рамнодушна поранешната прва дама Елизабета, која на социјалните мрежи емотивно реагираше на признанието на својот син.
Споделувајќи ја веста за успехот на Огнен, таа напиша: „Нашата најголема љубов и гордост“.
Од матичниот факултет на Огнен со гордост ја споделија убавата вест:
„Со особена чест и задоволство, добитник на признанието од Факултет за електротехника и информациски технологии е нашиот колега Огнен Пендаровски. Му честитаме за овој голем успех и му посакуваме уште многу професионални и лични достигнувања во иднина!“ – стои во соопштението од ФЕИТ.