Од здраво бебенце до тешка дијагноза по прележани морбили: Србинка со апел за ММР вакцинација
Анастасија Љутиќ е мајка од Србија која на социјалните мрежи отворено ја споделува долгогодишната борба на нејзиниот син Немања со ССПЕ и постојано апелира до родителите да ја сфатат сериозно важноста на вакцинацијата против морбили.
Нејзиниот апел произлегува од лично искуство. Немања, како шестмесечно бебе, за време на престој во болница бил изложен на вирусот на морбили и ја прележал инфекцијата. Во тој момент, според раскажувањето на неговата мајка, болеста поминала со температура и осип и ништо не укажувало на трагичниот развој на настаните кој следувал подоцна.
Дури две години подоцна, кај дотогаш здравото и разиграно дете, почнале да се појавуваат првите промени. Немања, кој одел и во градинка, почнал да ја губи рамнотежата, да има вкочанетост во вратот и сè потешко да стои и седи. Потоа се појавиле и грчеви, а состојбата постепено напредувала.
Во четвртата фаза, според мајката, тој веќе бил целосно неподвижен, со спазми во целото тело, без свест и без препознавање на околината.
По низа испитувања, лекарите утврдиле дека станува збор за субакутен склерозирачки паненцефалитис, познат како ССПЕ, ретка, тешка и прогресивна невролошка болест која може да се појави години по прележана инфекција со вирусот на морбили.
„Прележа мали сипаници, ама нема да му биде ништо... Ги изгуби сите функции. Чекајте детето да проговори и прооди, па тогаш вакцинирајте. Може, но дотогаш ризикувате од други компликации кои не прашуваат за возраст. На пример, борба за живот. Малите сипаници не се опасна детска болест... но постојат последици кои остануваат до крајот на животот. Родителите мислат дека тоа им се случува само на другите деца, додека не му се случи на вашето. ССПЕ не избира. Затоа малите сипаници се спречуваат, не се прележуваат“ - пишува Анастасија во едно од своите видеа.
Во описот на објавата таа упатува и директен апел до оние кои не ги вакцинираат своите деца да не ја претвораат нејзината приказна во расправа, туку да ја сфатат како сведоштво за родителите кои допрва носат одлуки за здравјето на своите деца.
„Само една напомена: антиваксери, ве молам не коментирајте ниту под оваа, ниту под која било наредна објава. Ниту едно видео не е наменето за вас, така што ова не е тема за дискусија. Вашето мислење е небитно, не е побарано. Родителите кои имаат мало бебе, како и луѓето кои допрва треба да станат родители, треба да го видат ова и токму ним им е наменето – за што подобро да се информираат.“
На видеото се огласи и докторката Мирјана Јанковиќ, која го памети Немања од периодот кога бил нејзин пациент. Таа во својот коментар ја потврдува приказната за неговото заболување и опишува како изгледал пред да се појават тешките последици.
„Добро ги паметам неговите живи очи, насмевката и густите трепки 🌼 Го оперирав, постоперативното закрепнување помина совршено, го испратив од одделението и набргу дознав дека заболел од полесна форма на морбили...
Но, една година подоцна започна хоророт. Благодарение на неверојатно пожртвуваната мајка, тој ја доби сета можна нега и достапниот палијативен третман во Европа... Но, и понатаму трпи трајни и неизлечиви последици од паненцефалитисот.
Поради сплет на несреќни околности, кратко време престојувал во иста соба со девојче кое не било вакцинирано, а се наоѓало во продромалниот стадиум на морбили...
Оваа приказна треба внимателно да ја слушнат сите храбри и самоуверени родители – антиваксери, кои со своите непромислени одлуки ја кројат судбината не само на своите деца...🥺“
Семејството постојано се обидува да му помогне на деветгодишното момче на различни начини, вклучително и со терапии со матични клетки. Денес, како што раскажува неговата мајка, за нив е голем успех тоа што по сите години тој повторно воспоставува контакт со очите.
Токму поради своето искуство, Анастасија продолжува да зборува за вакцинацијата и ризиците од морбили, особено во период кога дел од родителите ја одложуваат ММР вакцината.
Во еден од своите постови таа се осврнува и на аргументите дека вакцинацијата е исклучиво прашање на личен избор:
„Моето тело, мој избор.“
„Јас најдобро знам што е добро за моето дете.“
„Се водам според мојата интуиција.“
Ова се реченици кои често ги слушаме кога се зборува за вакцинацијата.
И да, родителската интуиција е важна, но интуицијата не е исто што и медицината.
Ниту еден родител само со интуиција не може да процени како ќе се однесува вирусот, какви компликации може да предизвика или колку деца ќе завршат со трајни последици или ќе го загубат животот.
Ако интуицијата беше доволна, немаше да ви бидат потребни лекари, наука, антибиотици, операции и вакцини.
Правото на личен избор важи кога последиците од таа одлука ги сносите исклучиво вие.
Можете да избирате како ќе се храни вашето дете, како ќе се школува, дали ќе се занимава со некој спорт итн...
Меѓутоа, кога станува збор за заразни болести, таа одлука не влијае само на вас.
Малите сипаници не се прашање на личен начин на живот.
Тие се пренесуваат на бебиња кои се премногу мали за да ја примат вакцината, на лица со ослабен имунитет и на оние кои од здравствени причини не можат да бидат заштитени.
Затоа вакцинацијата не е само личен избор. Таа е и општествена одговорност.
Слободата на личниот избор на еден човек завршува таму каде што започнува загрозувањето на другиот.
А вирусот не го прашува родителот дали верува во науката, интуицијата или интернетот.“
ССПЕ е позната како ретка, но многу тешка компликација поврзана со претходна инфекција со вирусот на морбили. Ризикот е особено голем кај децата кои ќе заболат од морбили на многу мала возраст.
@mortisha.adams7 Ovo je video koji najbolje prikazuje tok bolesti i koliko se sve brzo odvijalo…. Niko nas boje upozorio na moguce posledice malih boginja, zato uvek govorim- roditelji informisite se! #maleboginje #morbili ♬ Emotional Cinematic Sad Violin and Piano - ISAo