• Маркетинг
  • 🔥 Новости
  • ♏ Хороскоп
  • 🌙 Соновник
  • 💬 Форум
  • Новости
  • Категории
    • Убавина и мода
    • Љубов и секс
    • Диети и фитнес
    • Рецепти
    • Здравје
    • Семејство
    • Дом и градина
    • Кариера
    • Забава
    • Колумни
  • Хороскоп
  • Соновник
  • Форум
  • Маркетинг
  • Импресум
  • Услови за користење
  • Приватност
  • RSS
Животни стории

Од подиумот на „Танц со ѕвездите“ до менаџерскиот врв во Њујорк: Македонката Наде за животот и кариерата

21 јули 2026, 10:20
  • cподели

Македонската јавност ја запозна Наде Миленкова Пејчиновска со незаборавните настапи во шоуто „Танц со ѕвездите“, каде на сцената танцуваше со Васил Зафирчев и Франц од „Нокаут“.

Пред повеќе од 10 години, талентираната битолчанка реши да ја напушти нашата земја и започна кариера во светски познатата франшиза „Arthur Murray“ во Рим, продолжи со цела деценија менаџерски успеси во Лондон и Манчестер, за денес, да ја круниса својата напорна работа како извршен директор во седиштето на компанијата во Њујорк.

Во инспиративно интервју за Фемина, таа нè води зад кулисите на нејзиниот пат до успехот. Разговараме за преминот од танцовиот подиум во менаџерски води, за адаптацијата во градот кој никогаш не спие и за тоа како се кршат предрасудите со многу труд и истрајност. Но, пред сè, таа ни открива како е да се има вистински партнер во животот и зошто, покрај сите светски метрополи, нејзиното срце сè уште најсилно чука за мирот во една стара македонска селска куќа.

Македонската јавност ве запозна преку шоуто „Танц со ѕвездите“, но во еден момент решивте да направите голем чекор и да ја напуштите Македонија.
Колку беше тешко да се спакуваат куферите, да се остави сигурноста?


Искрено, никогаш не сум имала аспирации да живеам во странство. Дури признавам дека имав и одредени предрасуди кон луѓето што заминуваат да работат надвор од Македонија. Но, очигледно судбината имаше поинаков план за мене. Во 2014 година добив понуда да работам како танцов инструктор во Arthur Murray во Рим, Италија. Не размислував долго, сè се случи за само една недела. Ги спакував куферите и заминав.

Тогаш имав само 24 години. Кога си млад, полесно се осмелуваш да направиш големи и храбри чекори, без премногу двоумење и страв од непознатото. Денес сум исклучително благодарна што ја прифатив таа можност, бидејќи токму таа одлука ми го промени животот и ми ги отвори вратите кон една успешна меѓународна кариера.


Дали во тие моменти воопшто сонувавте дека патот ќе ве одведе до менаџерските
врвови во Њујорк, или едноставно се препуштивте на предизвикот?

Искрено, ни на крај памет не ми беше дека еден ден ќе завршам во Њујорк, а уште помалку дека ќе бидам на менаџерска позиција. Секогаш сум била амбициозна, но никогаш не сум правела прецизни долгорочни планови каде точно сакам да стигнам, бидејќи животот многупати покажал дека не секогаш сè оди според планот. Наместо тоа, напорно работев, ја користев секоја можност што ќе ми се укажеше и му се препуштав на текот на животот. 

Не верувам дека мојот успех е резултат на среќа, иако често ми велат: „Блазе си ти, имаш голема среќа.“ Јас сметам дека среќата доаѓа кога ќе се спојат напорната работа, пасијата и истрајноста.

Постојат две поговорки во кои силно верувам: „Мрдни, за Господ да ти помогне“ и „Ако се сака, сè се може.“ Токму тие најдобро го опишуваат мојот животен пат.


Вашата успешна приказна во светски познатата франшиза „Arthur
Murray“ започнува токму во Рим, каде што работевте како инструктор по танц. Како изгледаше тој почеток во „вечниот град“ и каков печат остави италијанскиот начин на живот врз вашите понатамошни кариерни чекори?

Италија за мене не беше само прва работна дестинација, туку место во кое буквално се вљубив. И денес сметам дека е една од најубавите држави во светот, во секој можен поглед – од културата и храната, до луѓето и начинот на живот. Италијанците ми се посебна слабост.

Кога запознавам Италијанци, често имам чувство како да запознавам Македонци. Веројатно затоа што го зборувам јазикот и добро ги познавам нивниот темперамент, смислата за хумор и менталитет. Затоа многу лесно се поврзувам со нив, а доказ за тоа е и фактот што мојата најдобра пријателка е Италијанка.

Bo Рим, всушност, започна сè. Тој град беше мојата вистинска отскочна даска. Таму ги научив сите правила, процедури и професионални стандарди на „Arthur Murray“, го совладав италијанскиот јазик и целосно ја впив италијанската култура и начинот на живот. Но, најважно од сè, Рим ме промени како личност. Таму созреав, станав поодговорна, подисциплинирана и посигурна во себе. Работните правила и високите стандарди на компанијата ме обликуваа не само како професионалец, туку и како човек. Искрено можам да кажам дека периодот во Рим ме направи подобра верзија од себе, во секоја смисла на зборот.


Од Рим, вашиот пат продолжува во Велика Британија, каде што поминавте дури 10
години, живеејќи во Манчестер и Лондон. Во меѓувреме бевте унапредена во менаџер и супервизор. Колку беше тежок тој премин од танцов подиум во менаџерски води?

Во Лондон првично побарав само трансфер за да продолжам да работам како инструктор по танц. Но, по интервјуто со сопственикот на студиото, добив понуда да станам менаџер и супервизор. Искрено, не ја прифатив веднаш. Се плашев бидејќи немав теоретска едукација за менаџмент, а одговорноста беше огромна. Arthur Murray не е обично танцово студио, туку престижен американски бренд кој датира од 1912 година и зад себе има повеќе од еден век традиција и исклучително високи стандарди.

Во тој период моj пријател ми даде совет што никогаш нема да го заборавам: „Секоја прилика во животот зграпчувај ја. И ако не успееш, не е крај на светот, барем ќе знаеш дека си се обидела.“ Тоа ми ја даде потребната храброст да ја прифатам понудата. Работев напорно, постигнав значителни резултати во продажбата, студиото почна да бележи нагорна линија, а јас истовремено и менаџирав и продолжив да танцувам со учениците.

Денес сум благодарна што ја прифатив таа понуда, бидејќи токму тоа искуство ме изгради како лидер.

Во Велика Британија поминавте цела деценија и стекнавте британско државјанство. Што е она што најмногу го засакавте во британската култура и начин на живот, а што ви паѓаше најтешко за прилагодување?

Кога се преселив во Лондон, најмногу ми недостигаше Рим и медитеранскиот начин на живот. Но, многу брзо се прилагодив и повторно се заљубив – овојпат во Велика Британија, која цели десет години беше мој дом. Денес сум горда што сум и британска државјанка.

Она што најмногу го засакав е британската култура, нивниот акцент, космополитскиот дух и можностите што ги нуди земјата. Лондон е еден од светските центри за музика, мода, уметност и иновации – град кој секогаш е чекор пред времето. Полон е со врвни ресторани, барови, театри, музички настани и културни случувања, па секогаш има нешто ново и инспиративно.

Манчестер, каде што исто така живеев, има поопуштен и потопол карактер од Лондон, но и тој постепено се развива и станува сè поблизок до големите светски градови. Она во што целосно се заљубив во Велика Британија е нејзината природа, прекрасниот countryside со пејзажи кои слободно можат да се натпреваруваат со убавината на Швајцарија.

Најтешко ми беше да се навикнам на времето. Не е лесно секое утро да се будиш со облаци, дожд и сиво небо. Сончевите денови се ретки, а тоа со текот на времето навистина влијае на расположението.


Денес сте на позицијата извршен директор во седиштето во Њујорк. Како се случи
овој трансфер и што точно опфаќа вашата нова улога на врвот на една ваква светска франшиза?

За да го надградам моето менаџерско искуство, во Лондон завршив напредна професионална програма по Leadership and Management преку Corndel, која траеше една и пол година. Во текот на програмата стекнав современи знаења и вештини за водење тимови, стратешко размислување и успешно управување со бизнис процеси.

Понудата да станам Executive Director дојде по две мои гостувања како coach на студенти – едното во Прага, Чешка, а другото во Њујорк. Тие искуства беа доказ за мојата посветеност и професионален развој, па веднаш започнав со процесот за Talent Visa, бидејќи знаев дека ова е голем чекор и едно од најзначајните достигнувања во мојата кариера.

Новата улога е огромен предизвик – секој ден носи различни ситуации и бара брзо прилагодување, лидерство и постојано донесување одлуки. Нема простор за комфор, бидејќи мојата одговорност е да градам успешен тим и да го развивам бизнисот. Работам на обука и развој на постоечки и нови инструктори, создавање силен тим и градење култура на успех. Како што вели и познатиот модел за развој на тимови, секој тим мора да помине низ фазите forming, storming, norming и performing за да достигне вистинска ефикасност. 

Мојата работа опфаќа многу аспекти – развој на продажбата на премиум пакети, организација, time management, координација на настани, комуникација со вработените и студентите, како и обезбедување на extraordinary customer service. Нашите клиенти се успешни и остварени луѓе кои очекуваат највисоко ниво на професионалност и квалитет.


Во Њујорк сте само два месеци. Како изгледа процесот на адаптација во градот кој
никогаш не спие? Дали веќе го фативте неговиот брз ритам или сè уште ви недостига европскиот мир?

Иако сум во Њујорк само два месеци, многу брзо се вклопив во неговиот ритам. Искрено, го сакам брзиот начин на живот, енергијата и динамиката на големите градови. Живеев во Рим, Манчестер и Лондон, па различните стилови на живот ми се добро познати.

Рим има поопуштена атмосфера и посебен медитерански шарм, но исто така е град со многу гужви поради туристите. Манчестер има порелаксиран карактер, додека Лондон и Њујорк се градови со неверојатна енергија и постојано движење. За мене е прекрасно чувството да се разбудиш во град кој никогаш не спие. И покрај големината и брзиот ритам, изненадувачки се чувствувам многу безбедно и удобно во Њујорк.


Имавте ретка можност да живеете и работите во три сосема различни култури:
Италија, Велика Британија и САД. Кои се најголемите разлики што ги забележувате во секојдневниот живот, менталитетот на луѓето и работната етика во овие три средини?

Имав привилегија да живеам и работам во три различни култури – Италија, Велика Британија и САД, и секоја од нив остави посебен белег врз мене.

Во Рим, животот е многу порелаксиран и луѓето повеќе уживаат во моментот. Италија има големи регионални разлики – северот е познат по поголема организираност и побрз ритам, додека југот има потопол, поспор и поопуштен начин на живот, со поголем акцент на дружењето и уживањето.

Велика Британија ми остави впечаток со својот систем, организација и почитување на правилата. Британците се исклучително учтиви и љубезни – зборовите „thank you“, „you are welcome“ и „sorry“ се дел од нивната секојдневна комуникација. Нивната култура на почитување кон другите се гледа и во најмалите гестови.

Њујорк, пак, има сосема поинаква енергија. Тоа е град на амбиција, натпревар и постојана желба за успех. За да успееш во Њујорк, мора да бидеш упорен, храбар и подготвен постојано да се развиваш.

Она што ми е интересно е дека, и покрај сите културни разлики, постои нешто што ги поврзува луѓето насекаде во светот – оговарањето и осудувањето. Порано мислев дека тоа е карактеристика само на нашиот Балкан, но сфатив дека луѓето насекаде во светот понекогаш имаат потреба да коментираат и да судат за туѓите животи. Тоа е дел од човечката природа.

Со годините научив повеќе да се фокусирам на себе, да не осудувам и да не трошам енергија на туѓи избори. Секој има свој пат и свој начин на живот. Се трудам да бидам личност која поддржува, мотивира и гледа позитивно на луѓето, наместо да осудува и да хејта.

Каде се чувствувавте најмногу „како дома“ и дали постои нешто од Рим и Лондон што би сакале да го пренесете во Њујорк?

Најмногу како дома се чувствував во Манчестер, затоа што таму создадовме вистинскаm стабилност. Во 2020 година, јас и мојот сопруг купивме сопствен дом, што за нас беше огромно достигнување и важен животен момент.

Највредното нешто што го носиме со нас од сите овие градови се луѓето. Насекаде стекнавме прекрасни пријателства и познанства за кои сме благодарни, бидејќи веруваме дека некои врски траат засекогаш.

Сега сме во процес Њујорк да стане наш нов дом. Секако, секоја промена бара време, прилагодување и адаптација, но верувам дека со текот на времето и овој град ќе добие посебно место во нашите срца.


Македонската јавност сè уште добро ве памети од шоуто „Танц со ѕвездите“, каде
што во 2013 година танцувавте со Васил Зафирчев, а во 2014 со Владимир Крстевски-Франц од „Нокаут“. Какви сеќавања будат овие моменти кај вас и колку ви недостига тој телевизиски сјај и енергијата од македонската сцена?

Нормално е дека овие моменти ми будат прекрасни спомени. Кога ќе се навратам на тој период, чувствувам голема носталгија, но истовремено и неверување колку време поминало. Денес ми изгледа како да било дел од некој минат живот, како да сум живеела во некој далечен свет. Васил и Франц беа прекрасни партнери и соработници, и од тие години носам многу убави спомени.

Шоуто можеби на публиката ѝ изгледаше како нешто гламурозно, розево и светкаво на малите екрани, но зад камерите беше навистина тежок и предизвикувачки проект. Бараше многу посветеност, часови напорна работа, дисциплина, жртвувања, па дури и повреди. Танцот на професионално ниво бара многу повеќе од она што гледачите можат да го видат.

Гледано од денешна перспектива, навистина сум благодарна што бев дел од тој проект. „Танц со ѕвездите“ не беше само едно телевизиско искуство – ми донесе препознатливост, нови можности и ми отвори многу врати во мојата професионална кариера.

Зад секој голем успех и храбра животна одлука стои некој кој безрезервно верува
во нас. Вие и вашиот сопруг заедно ги поминавте сите овие станици - од Рим, преку Велика Британија, па сè до Њујорк. Колку неговата поддршка ви беше силен ветер во грбот во сите овие клучни кариерни моменти и колку е полесно кога предизвиците на новиот почеток ги делите со животниот партнер?

Не можам со зборови да опишам колку сум благодарна за мојот сопруг, кој отсекогаш стои покрај мене и безрезервно ме поддржува во сè што правам. Искрено верувам дека без неговата поддршка не би била денес тука. Тој е мојата движечка сила и човекот кој секогаш ме охрабрува да ги следам моите соништа.

Токму тој беше причината што првпат се осмелив да го напуштам Рим. Ме охрабри да заминам сама и да го започнам тој нов пат, а подоцна и самиот ми се придружи. Потоа тој замина во Лондон, а јас му се приклучив шест месеци подоцна. Заедно донесовме одлука да се преселиме во Манчестер, каде што почнавме да градиме стабилен живот и го создадовме нашиот дом. А денес, повторно тој беше еден од најголемите мотиватори за новиот почеток во Њујорк.

Мојот сопруг е многу храбар човек, не се плаши од промени и знае да донесе одлуки со самодоверба. Од него научив многу, а верувам дека и тој научил многу од мене. Заедно сме тим кој постојано се надополнува.

За нас бракот не е само љубов, туку и партнерство. Cекојдневна работа, посветеност, многу труд, разбирање и поддршка. Кога двајца луѓе веруваат еден во друг и ги делат и успесите и предизвиците, секоја животна промена станува полесна.


Колку често успевате да дојдете во Македонија и што е првото нешто што го
правите кога ќе слетате тука? 

Се трудевме да доаѓаме во Македонија најмалку три до четири пати годишно. Сега, по преселбата во Америка, не знам точно како ќе изгледа, но сигурно сакаме да продолжиме да доаѓаме барем двапати годишно. Мојот сопруг започна прекрасен проект – реновирање на стара селска куќа стара повеќеод 100 години. Нашата желба е да ја обновиме и реставрираме, но притоа да ја зачуваме нејзината македонска автентичност и традиционален дух.

Првото нешто што го правиме кога ќе пристигнеме е да одиме на село. Најчесто сами работиме на куќата, без мајстори, бидејќи животот во странство нè научи да бидеме практични и сами да завршуваме многу работи, а и услугите таму се многу скапи. Но, искрено уживаме во тоа. За нас тоа е вистински одмор – планински воздух, мир и спокој, опкружени со природата и домашните животни.

Секако, задолжителни се и посетите на Битола и Охрид, а не може да се замине без добар македонски специјалитет – од ќебапи до домашен ајвар и целата наша традиционална кујна. Денес, по толку многу различни кујни што сум ги пробала низ светот, можам со сигурност да кажам дека македонската храна е една од највкусните.

Интересно е што кога живеев во Македонија можеби не ја ценев доволно, но дури откако заминав и искусив други култури сфатив колку е богата, автентична и посебна нашата традиција.

Најнови

  • Ги загуби двата сина, сопругот, братот и мајката во само 7 години: Трагичната приказна на индиската претседателка Друпади Мурму која е во посета на Македонија

    Tue, 07/21/2026 - 15:15
  • Иднина која инспирира

    „Иднина која инспирира“: dm ќе поддржи најмалку три проекти, а пријавувањето трае до 31 јули

    Tue, 07/21/2026 - 14:32
  • Авантура во Шпанија: Катарина Ивановска згодна во бикини на Ибица

    Tue, 07/21/2026 - 13:15
  • Маркетинг
  • Импресум
  • Услови за користење
  • Приватност
  • RSS

© 2026 Femina.mk. Сите права задржани

Содржините на Femina.mk се заштитени со Законот за авторски права.
За секоја форма на користење на делови од овој веб сајт или цели статии за комерцијални цели, потребна е писмена согласност од Femina.mk.