Од модерна кратка венчаница до невестинскиот фустан на мајка ѝ: Атрактивната Ана од Штип за гламурозната свадбена прослава
Свадбата е еден од деновите во кои секој елемент има свое значење, од местото и декорацијата, до фустанот во кој невестата ќе се заколне на вечна љубов.
За Ана Шпритова Стефанов, големиот ден бил внимателно осмислен, модерен и исполнет со лични детали, но пред сè со многу љубов, емоции и луѓе кои ѝ значат.
25-годишната протетичарка од Штип и нејзиниот избраник Игор Стефанов летово ја крунисаа љубовта со гламурозна свадбена прослава во „Вила Стефанов“. Наместо класична невестинска венчаница, Ана се одлучи за впечатлива кратка креација, која совршено се вклопи во модерната и елегантна атмосфера на прославата.
За црковниот дел, Ана планира да го облече фустанот кој мајка ѝ го носела на нејзината свадба во 1994 година.
Во разговор за Фемина, таа открива како започнала нејзината љубовна приказна со Игор, како изгледале подготовките за свадбата, зошто се одлучила за необичната венчаница, како реагирале гостите и кој момент од целиот ден никогаш нема да го заборави.
Како започна вашата љубовна приказна и кога сфативте дека сте еден за друг?
Со мојот сопруг се запознавме кратко пред да започнеме врска. Иако можеби не беше љубов на прв поглед во класична смисла, јас сепак решив малку да го оставам да се потруди околу мене, а тој тоа одлично го искористи уште од самиот почеток. Нашиот прв вистински чекор беше една романтична вечера, која на некој начин беше и почетокот на нашиот заеднички живот.
Игор отсекогаш бил многу внимателен, грижлив и посветен, особини кои за мене се исклучително важни кај еден партнер. Можеби токму затоа, по релативно краток период, почнавме да правиме големи планови заедно – од заеднички живот, до свадба, деца и сè она што го носи иднината. Кај нас некако работите отсекогаш оделе природно и со чувство дека токму така треба да биде.
Како пар сме многу слични, но истовремено и доволно различни за да се надополнуваме. Мислам дека токму балансот е една од најважните работи во една врска. Од самиот почеток имаме многу искрен однос, доверба и голема поддршка еден за друг. Убаво ми е што секогаш можеме да се потпреме еден на друг и што, без разлика на сè, функционираме како тим.
Единствено, ако треба да признаам кој повеќе е потврдоглав и построг во нашиот брак – веројатно јас 🙂 , а сопругот е тој кој најчесто попушта. Но, искрено, мислам дека и двајцата сме задоволни од тој распоред – јас затоа што си го добивам своето, а тој затоа што си ја чува домашната хармонија и знае кога е најпаметно да каже „Добро, Ана“. 🙂
И можеби токму во тие мали разлики, компромиси, смеа и секојдневни моменти се крие убавината на нашата приказна. Не се трудиме да бидеме совршен пар, туку едноставно да бидеме најдобри еден за друг.
Каде се случи запросувањето и како се сеќаваш на тој момент?
И запросувањето беше момент кој ќе го паметиме засекогаш. Беше спонтано, прекрасно и интимно, во кругот на нашето семејство. За нас тоа беше една од оние вечери кога сè се чувствува некако посебно – многу среќа, емоции и, најважно, луѓето кои најмногу ги сакаме околу нас. Прекрасно ни беше што нашата среќа најпрво ја споделивме со семејството, а потоа и со најблиските пријатели.
Колку долго ја подготвувавте свадбената прослава и кои беа најголемите предизвици додека ги организиравте сите детали? Имаше ли некоја посебна идеја или тема?
Во периодот кога започнаа нашите планови за свадбата, Игор веќе ја градеше нашата вила, која денес го носи името „Вила Стефанов“. Вилата е создадена со многу љубов и внимание кон деталите и денес е место наменето за прослави и убави семејни и свечени моменти, а уште од самиот почеток замислувавме дека токму таму ќе го прославиме нашиот голем ден. Затоа, кога дојде моментот, подготовките се забрзаа и сè почна да добива една посебна, реална форма.
Сакавме целиот ден да биде во наш стил – елегантен, топол и романтичен, но истовремено опуштен и исполнет со позитивна енергија.
Најголемиот предизвик беше да се усогласат сите детали и сè да биде токму онака како што си го замислувавме. Од декорацијата, музиката и фотографијата, па сè до најмалите детали кои можеби гостите и не ги забележуваат, но нам ни беа многу важни. Имаше моменти кога мислевме дека имаме премногу идеи, а премалку време. 🙂
Не би кажала дека имавме конкретна тема, туку повеќе една целосна визија за атмосферата што сакавме да ја создадеме. Сакавме гостите да се чувствуваат убаво и слободно, да уживаат во секој момент и, пред сè, да ја почувствуваат нашата среќа. На крајот, мислам дека токму тоа беше најважно – свадбата да не биде само убава на фотографија, туку да биде ден кој навистина ќе го паметиме по емоциите, смеата и луѓето со кои го споделивме.
Во делот на декорацијата, изборот на тортата и сите визуелни детали, јас бев повеќе ангажирана. Сопругот целосно ми го препушти тој дел, бидејќи имаше доверба во мене и во моите идеи. Јас, пак имав замислено како сакам да изгледа секој детаљ, од најголемите до најмалите нешта. Секако, имаше и многу двоумења – што е поубаво, што повеќе одговара, дали нешто да биде вака или онака... 🙂
Тука навистина огромна благодарност имам до целиот тим кој беше дел од нашата вечер. Со нивна помош, искуство и професионалност, секоја моја идеја постепено доби форма. Од она што првично беше само моја замисла, на крајот создадовме една магична бајка, токму онаква каква што ја замислував. Сакавме сè да биде елегантно, но топло и лично, а гостите да се чувствуваат убаво и слободно. Најважно ни беше свадбата да не биде само визуелно убава, туку да биде исполнета со емоции, смеа, љубов и моменти кои ќе ги паметиме засекогаш.
Како помина самиот свадбен ден, што најмногу ќе ти остане во сеќавање?
Самиот свадбен ден помина навистина како во сон. Свесно одлучивме да го исклучиме традиционалното земање невеста и да го направиме денот поинаков, повеќе во наш стил.
Регистрацијата се одржа директно во „Вила Стефанов“, а потоа целата прослава продолжи таму. Тоа ни беше особено убаво затоа што немавме потреба да брзаме од едно место на друго, туку можевме целосно да му се посветиме на денот и на нашите гости.
Моментот на регистрацијата беше еден од најемотивните делови за мене. По сите подготовки, планови и возбудувања, одеднаш дојде моментот кога навистина станавме сопруг и сопруга. Имаше многу емоции, насмевки и, секако, по некоја солза.
А потоа... едноставно започна прославата! 🙂 Сакавме атмосферата да биде опуштена, весела и сите да уживаат без никакви ограничувања. Мислам дека токму тоа и се случи – времето помина неверојатно брзо, а ние цела вечер бевме опкружени со луѓето кои ги сакаме.
Најмногу ќе ми остане во сеќавање моментот кога ја видов целата слика, подготвена за нашата свадба. Со месеци ја замислував секоја ситница, а кога конечно сè беше на свое место и кога ги видов нашите најблиски таму, чувството беше навистина неописливо. Во тој момент сфатив дека целата возбуда, сите двоумења околу декорацијата и сите подготовки навистина вределе.
И можеби најубавото е што целиот ден го поминавме на местото кое за нас има посебно значење. Од регистрацијата, па до последната песна и последното играње – сè се случуваше таму, во нашата „Вила Стефанов“, и токму затоа денот за нас беше уште поспецијален.
Од каде дојде идејата за кратката венчаница? Дали отсекогаш си замислувала дека ќе носиш таков фустан? Какви беа реакциите на сопругот и на гостите?
Идејата за кратката венчаница дојде некако природно, затоа што уште од самиот почеток знаев дека сакам нешто поинакво и модерно. Искрено, мислам дека и самото место не беше за класична, традиционална венчаница и целата атмосфера што ја замисливме бараа нешто полесно, поразиграно и поинакво.
Фустанот всушност не беше целосно краток – имаше и долг дел, кој подоцна одлучив да го тргнам. Сакав да имам можност во текот на вечерта да го променам изгледот и да се чувствувам послободно, особено затоа што знаев дека сакам многу да танцувам и целосно да уживам во прославата.
Фустанот беше моја желба и идеја, со по некоја корекција и доработка за да биде токму онаков каков што го замислував. Крајниот резултат навистина ме воодушеви и мислам дека совршено се вклопи и со мене и со целиот концепт на свадбата.
Огромна благодарност имам и до целиот тим на „Атеље Љупка Митров“, кои беа прекрасни од самиот почеток – многу љубезни, отворени за соработка и имаа огромно трпение за сите мои идеи и замисли. 🙂 Морам да признаам, ме истрпеа до крај, а тоа не е баш мала работа! 🙂
Игор, секако, беше пријатно изненаден и многу му се допадна изборот, од првиот момент кога одлучив за тоа тој ме подржа, а реакциите од гостите беа навистина прекрасни. Имаше многу комплименти и позитивни реакции. На крајот, најважно ми беше да се чувствувам како себе. Не сакав само да носам венчаница, туку сакав фустанот да биде продолжение на мојата идеја за целиот ден – модерен, елегантен, женствен, но и доволно разигран за да можам слободно да уживам и да танцувам до крај.
Дали имаше и други венчаници или кратката беше единствениот избор за големиот ден?
А кога сме кај посебните детали, имав уште една многу емотивна идеја. За во црква е планиран фустанот на мајка ми од нејзината свадба во 1994 година. Со само мала корекција, сакам да го носам истиот фустан кој таа го носела на еден од најважните денови во нејзиниот живот. За мене тоа има посебно значење и мислам дека е еден од оние детали кои не се само убави, туку носат и приказна, емоција и семејна традиција.
Што беше најинтересно или најнеочекувано нешто кое се случи на свадбата?
Мислам дека најубавите и најинтересните моменти беа токму оние кои не можеш да ги испланираш. Иако со месеци имав замислено како треба да изгледа секој детаљ, самиот ден си создаде своја приказна. Имаше многу смеа, емоции и спонтани моменти кои можеби не беа дел од планот, но токму затоа останаа најубави.
Еден од најубавите моменти беше и тоа што целата прослава се одвиваше спонтано, па атмосферата постепено се менуваше од емотивна и свечена, во целосно опуштена и весела. На крајот, мислам дека најинтересно беше што сите толку многу се опуштија и уживаа што времето едноставно прелета. А тоа, според мене, е најдобар знак дека свадбата успеала. 🙂
Ако треба да издвоиш еден момент од целиот ден кој би го доживеала повторно, кој би бил?
Ако треба да издвојам еден момент кој би го доживеала повторно, без размислување би го избрала моментот кога татко ми ме однесе до олтарот и ме предаде на Игор. Тој момент за мене имаше посебна тежина, бидејќи татко ми отсекогаш бил мојата омилена личност и мојата прва љубов. Тој е човекот кој секогаш бил моја најголема поддршка, кој без размислување бил тука за мене и за сестра ми во сè – без разлика дали станувало збор за голема одлука, мал проблем или едноставно потреба да знаеме дека некој стои цврсто зад нас. Со татко ми имаме многу близок и искрен, речиси другарски однос.
Додека ме водеше кон Игор, во мене се измешаа толку многу чувства – среќа, гордост, благодарност, но и една мала носталгија за сите години во кои татко ми беше човекот кој ме водеше низ животот и секогаш ми даваше чувство дека, што и да се случи, не сум сама. А потоа дојде моментот кога ме предаде на Игор. Тој чин за мене беше многу симболичен – човекот кој цел живот ме чувал, поддржувал и ми ја покажувал безусловната љубов, ме предава во рацете на човекот со кого решив да го продолжам животот. Во тој момент како да застана времето. Имаше огромна среќа, но и солзи, и мислам дека токму затоа тој момент ќе ми остане засекогаш во срцето.
Даница Караташова Илиоска / Femina.mk