По месеци шпекулации за тоа кој ќе биде новиот Џејмс Бонд, конечно е откриено името на актерот кој ќе го наследи Даниел Крег. Роберт Патинсон е избран за новиот агент 007.
На официјалните профили на филмската франшиза беше објавено кратко видео со 40-годишниот британски актер во улогата на легендарниот таен агент, придружено со пораката „Идентитетот е потврден“.
Identity Confirmed https://t.co/FCU5A9c1wk
— James Bond (@007) November 16, 2026
Патинсон не го криеше своето воодушевување од можноста да го игра еден од најпознатите филмски ликови:
„Џејмс Бонд е еден од најлегендарните ликови во кинематографијата и да ми биде доверена улогата на агентот 007 е чест на животот.
Бескрајно сум благодарен на Дени, Ејми, Дејвид, Тања и на сите во Amazon MGM Studios за довербата којашто ми ја укажаа. Да кажам дека ми се оствари сонот би било премалку. Не би можел да бидам повозбуден за соработката и за работата што нè очекува со фантастичниот тим.“
Патинсон се прослави со улогата на вампирот Едвард Кален во филмскиот серијал „Twilight“, а подоцна ја покажа својата актерска разновидност со бројни улоги, меѓу кои и Бетмен во филмот „The Batman“ од 2022 година.
Неговото име се појави меѓу кандидатите за новиот Бонд минатата недела. Претходно, како фаворити за престижната улога се споменуваа Калум Тарнер, Џек Лоуден и Џош О'Конор, а во потесниот избор се најде и Николас Холт.
Патинсон ќе биде седмиот актер кој ќе го игра Џејмс Бонд во официјалниот филмски серијал, по Шон Конери, Џорџ Лезенби, Роџер Мур, Тимоти Далтон, Пирс Броснан и Даниел Крег.
Новиот филм, кој ќе биде 26. во франшизата, ќе го режира Дени Вилнев, познат по филмовите „Dune“, додека сценариото е доверено на Стивен Најт, креаторот на серијата „Peaky Blinders“.
Веста предизвика бројни реакции на социјалните мрежи. Дел од обожавателите се воодушевени од изборот и сметаат дека Патинсон е еден од најталентираните актери на својата генерација додека други се сомневаат дали е вистинскиот избор за улогата.
Даниел Крег последен пат го играше агентот 007 во филмот „No Time to Die“ од 2021 година, со кој се збогува со ликот по пет филмови и 15 години.
Засега не е објавен датумот на премиерата на новиот Бонд филм.