• Маркетинг
  • 🔥 Новости
  • ♏ Хороскоп
  • 🌙 Соновник
  • 💬 Форум
  • Новости
  • Категории
    • Убавина и мода
    • Љубов и секс
    • Диети и фитнес
    • Рецепти
    • Здравје
    • Семејство
    • Дом и градина
    • Кариера
    • Забава
    • Колумни
  • Хороскоп
  • Соновник
  • Форум
  • Маркетинг
  • Импресум
  • Услови за користење
  • Приватност
  • RSS
Животни стории

Ниту религијата, ниту далечината не ги разделија: Љупче од Делчево ја запроси Турчинката Ајлин во лет над глечер на Алјаска

10 септември 2026, 22:20
  • cподели

Кога љубовта е вистинска, разликите стануваат само дел од приказната. 

Ајлин и Љупче се Македонец и Турчинка, различни по вера, потекло и географски широчини. Сепак, сите овие разлики згаснаа пред силата на нивната врска, бидејќи вистинската љубов не познава граници.

Нивната романса започнала на Алјаска, а повеќе од една година подоцна токму таму се случил и моментот кој ги спои засекогаш. Љупче ѝ предложи брак на Ајлин високо над глечерите, над Денали.

За Фемина, Ајлин ја раскажа нивната љубовна приказна, од необичниот почеток и првите симпатии, до далечината, патувањата, малите гестови кои им значеле најмногу и денот кога нивната приказна добила едно големо „ДА“.

Постојат љубовни приказни што започнуваат со љубов на прв поглед. Нашата започна малку поинаку.

Започна со еден поглед, едно предизвикување и една девојка која немаше намера лесно да биде освоена.

Во летото 2025 година се запознавме на Алјаска.

Кога Љупче ме видел за првпат, си помислил дека сум превисока летва за него. Му изгледав како девојка со голема самодоверба, која не комуницира со секого и не ги пушта луѓето лесно блиску до себе.

И можеби токму тоа го натерало да одлучи дека сака да ме освои.

Јас, пак, бев, како што Љупче сака да каже, „ладна као Алјаска“. 😂

Но додека јас држев дистанца, тој едноставно беше тука.

Уште пред меѓу нас да има нешто, Љупче секогаш наоѓаше начин да ми помогне – и на работа и надвор од неа. Секој ден ми даваше комплименти, се однесуваше како вистински џентлмен и постепено почна малите гестови да ги претвора во свој личен ритуал.

Еден ден дознал од девојките со кои работев дека не пијам кафе, туку дека сакам топло чоколадо.

И почна да ми носи. Секој ден. Со различна порака.

Понекогаш беше нешто мило, понекогаш романтично, а понекогаш само доволно за да ме насмее.

И така, ден по ден, топлото чоколадо почна да го прави она што тој не можеше да го направи со зборови – да го топи мразот.

Еднаш, по особено долг работен ден, Љупче повторно ми донесе топло чоколадо. Овојпат на него пишуваше: „Мислам дека после сето ова заслужувам бакнеж во образ.“

Ја прочитав пораката и си помислив: „Типичен маж.“

И решив да му одговорам на мој начин.

Следниот ден му дадов едно пакетче со Hershey’s Kisses. На него имаше залепено ливче „Единствените бакнежи што некогаш ќе ги добиеш од мене.“

За мене тоа беше доволно јасен одговор. За него, очигледно, беше предизвик. 😂

По неколку дена собирање храброст, Љупче ме замоли да се видиме и да разговараме. Тогаш ми призна што чувствува за мене.

Сè одеше добро, сè додека не ги кажа зборовите: „Знам дека сум помлад од тебе, но тоа воопшто не значи дека нема да направам сè што е во моја моќ за да имаш сè.“

Само што јас слушнав нешто сосема друго.

Она што тој всушност се обидуваше да ми каже беше: „Не грижи се за разликата во возраста. Имам сериозни намери со тебе и ќе направам сè што можам за да се чувствуваш сигурно.“

Но, низ мојата призма неговите зборови звучеа сосема поинаку.

Си помислив дека е само уште еден од оние мажи кои ја гледаат само надворешноста. Дека ме смета за материјална и дека верува оти мојата љубов може да се купи. И се налутив.

Денес оваа случка ни е смешна, бидејќи уште тогаш сфативме нешто многу важно за нас – понекогаш можеме да кажеме една иста работа, но да ја разбереме на сосема различен начин.

А она што ни помогна беше тоа што секогаш избравме да разговараме, наместо да си заминеме.

Кога се вратив во Бугарија, бев околу еден месец со Љупче. Тој ми имаше ветено дека ќе ме чека.

А јас, уште додека бев во Америка, на шега му имав кажано: „Ако нема Swarovski, да не ме чекаш.“ Тој, се разбира, запомни.

Ми испрати неколку модели од кои да изберам. Отидов во Сан Франциско и ги пробав сите. Еден особено ми се допадна.

Потоа, кога бев во Лас Вегас, повторно влегов во продавница на Swarovski и повторно почнав да ги пробувам. Овојпат се двоумев меѓу два.

Додека се мислев, една постара азиска жена во продавницата ме праша што толку се мислам и ми рече: „Кажи му да ти ги купи и двата.“

Се насмеав, но на крајот го избрав оној кој во тој момент за мене беше совршен.

Кога се вратив во Бугарија, Љупче ме чекаше на аеродромот и ми го подари токму тој прстен.

Бев возбудена. Не само поради прстенот, туку и поради самиот факт што тој запомнил една моја шега и ја претворил во реалност.

Подоцна, сепак, прстенот исчезна.

И до ден-денес не знам дали го изгубив или беше украден.

Секогаш го вадев и го оставав во бањата. Денот кога исчезна, јас излегов порано на работа, а дома дошле луѓе кои се претставиле како водоинсталатери и влегле во бањата да „поправат“ нешто.

Кога се вратив, прстенот го немаше.

На почетокот мислев дека само сум го преместила некаде. Следниот ден заминавме за Грција и продолжив да го барам.

Љупче сакаше да ми го купи истиот. Јас, сепак, не сакав друг.

Му кажав дека сакам да си најдам свој сопствен прстен.

И тогаш тој ми го подари златниот прстен со скапоцени камења.

Од крајот на септември 2025 до средината на 2026 година бевме во врска на далечина.

И двајцата сме имале сериозни врски пред тоа. Во мојот случај, некои траеле и повеќе од две години. Но, со никого претходно немав почувствувано таква блискост.

Со Љупче разговорите ни беа поинакви. Не разговаравме само за секојдневието. Разговаравме за тоа каде се гледаме по пет години, кои се нашите цели и амбиции, што можеме да промениме кај себе и како да бидеме подобри утре.

И двајцата сакавме да се развиваме – кариерно, емотивно и физички. Сакавме да оставиме зад себе некои штетни навики и да изградиме поздрав и поквалитетен начин на живот.

Разговаравме за семејство, деца, воспитување, вредности и принципи – за сите оние теми за кои двајца луѓе треба да разговараат пред да одлучат да го изградат животот заедно.

А далечината?
Имавме наше правило.

Секој месец поминувавме еден викенд кај неговите родители во Делчево, еден кај моите родители, еден кај мене во Софија и, кога можевме, одвојувавме време за патување.

Така, за осум месеци успеавме да бидеме во осум различни држави.

Постои едно верување дека не го познаваш вистински човекот додека не живееш со него, не патуваш со него и не дојдете до моментот кога треба да ги броите парите заедно. 😂

Ние со Љупче веќе сме ги поминале и трите.

И не само што преживеавме – од нив излеговме уште посигурни дека сме подготвени да се справиме со сè што животот ќе ни донесе, сè додека сме заедно.

Една од моите омилени приказни е од Палма де Мајорка.

Пред летот имав проект на кој требаше да работам и останав будна до околу 3:30 часот наутро. Требаше да станеме во 5:00 и да тргнеме кон аеродромот во 6:00. Спиевме само два часа. На брзина го спакував багажот и дури на аеродромот сфатив што сум направила – во Бугарија ги имав оставено торбата со долната облека, торбата со чорапите и костимите за капење, пресата за коса, шминката и уште куп работи. Веќе немаше што да направам.

Кога пристигнавме во Палма, не бев особено расположена. Сакав да се чувствувам убаво и да изгледам убаво, а немав половина од работите што ми беа потребни. Во еден момент се скаравме и јас останав во хотелската соба.

Љупче ми рече дека ќе излезе малку да се проветри и ќе оди до продавница. Тој имаше само 2 евра во готово.

Во тој период ја имаше изгубено физичката банкарска картичка уште во Бугарија и чекаше да му издадат нова. Во меѓувреме користеше Apple Pay, но во автобусот во Палма не можеше да се плати со картичка. Сепак, ги зел тие две евра и се качил во автобусот. Патувал околу 40 минути до трговскиот центар за да ми купи сè што сум заборавила. А јас целото време си седев во хотелската соба и го чекав.

Кога дошло време да се врати, веќе немал пари за автобус назад. Затоа го замолил продавачот во продавницата да му даде 2 евра во готово за да може да се врати, а потоа му ги испратил парите назад преку Revolut.

Денес оваа приказна ни е смешна. Но, за мене таа е многу повеќе од смешен спомен.

Затоа што љубовта не се покажува само со големи гестови. Понекогаш се покажува со тоа што ќе патуваш 40 минути со последните 2 евра што ги имаш, додека личноста со која штотуку си се скарал те чека во хотелската соба.

Има многу работи што нè разликуваат.

Имаме разлика во возраста, пораснавме во различни средини, имаме различно животно искуство, различни култури, па дури и различни религии.

Јас сум Турчинка, а Љупче е Македонец.

На прв поглед можеби изгледа дека имаме повеќе разлики отколку сличности. Но уште од почетокот чувствувавме дека во најважните работи сме на иста бранова должина.

И двајцата сме луѓе за кои добриот однос кон другите, желбата да им помагаме и стремежот да се развиваме имаат огромно значење.

И двајцата сакаме да бидеме подобри – не само професионално, туку и како луѓе.

Да си помагаме. Да се поддржуваме. Да се мотивираме еден со друг да растеме.

Можеби токму тоа ме натера да сфатам дека тој е човекот за мене.

Не е потребно двајца луѓе да бидат исти за да изградат убав заеднички живот.

Понекогаш е доволно да имаат исти вредности и да гледаат во иста насока.

Ако треба да го опишам Љупче без клишеа, би рекла дека тој е човек кој не бара победа во расправија, бара решение.

Никогаш не сум го чувствувала како човек кој е „против мене“.

Секогаш сме биле двајцата против проблемот.

И можеби најинтересно е што иако е помлад од мене, во многу моменти токму тој бил позрелиот човек во нашата врска.

Љупче почнал да размислува за запросување уште во април.

Првично сакал да ми предложи на Малдивите. Но поради воената состојба во Дубаи, од каде што минувал летот, планот пропаднал.

Кога повторно заминавме за Алјаска, знаел дека тоа е вистинското место.

Таму започна нашата приказна.

Под светлината на Северната светлина.

А јас одамна му имав кажано една моја желба – отсекогаш сакав да направам glacier landing tour, но никогаш немав најдено време.

Тој решил да ги спои двете работи.

Местото од кое започна нашата љубов и една моја долгогодишна желба.

За планот знаеле само неколку луѓе. Љупче дури и однапред им се јавил на моите родители за да побара дозвола. И сестра ми му помагала во планирањето.

Јас, се разбира, имав одредени сомнежи. Еднаш случајно го отворив разговорот помеѓу него и сестра ми и видов нешто за прстен.

Но не знаев дали навистина станува збор за веренички прстен и решив да не размислувам премногу за тоа.

Љупче ми кажа дека во петок ќе одиме на глечер. Уште наутро се погрижи да бидам целосно подготвена. Имав неколку скршени нокти од маникирот и тој ми залепи press-on нокти.

Потоа се качивме во малиот авион на Fly Denali. Бевме возбудени. Сè изгледаше совршено. Сè додека не дојде моментот за слетување.

Пилотот соопшти дека над глечерот има огромен облак и дека нема доволно видливост. Нема да можеме да слетаме. Јас се разочарав.

Љупче видел како ми исчезнува насмевката и за момент почнал да се прашува дали ова сепак е вистинскиот момент.

Дали да го остави запросувањето за друг ден.

Но тогаш решил дека не сака глечерот за кој толку долго сонував да ми остане во сеќавање како нешто што не се случило. И одлучил: Сега или никогаш. Го извади прстенот.

Ме погледна и ме праша: „Ќе се омажиш ли за мене?“.

Кога го видов прстенот, почнав да врескам од радост.

Толку гласно што сите во авионот ме слушнале, иако носевме слушалки за заштита од бучавата. Реков „ДА“.

А потоа почнав да плачам. Околу три минути.

Во еден момент Љупче веќе не знаел како да ме смири и ме прашал дали ми треба кислородна маска. Тогаш се насмеав.

И можеби токму тоа е најубавото во целата наша приказна – дури и во најромантичниот момент од нашиот живот, повторно успеавме да се насмееме.

To view this video please enable JavaScript, and consider upgrading to a web browser that supports HTML5 video

Запросувањето се случи над Денали – највисоката планина во Северна Америка.

Таму, високо над планините и глечерите, приказната што започна на Алјаска повеќе од една година порано доби ново поглавје. И сепак… имаме едно прилично смешно видео.

Љупче се погрижил и моментот да биде снимен. Му ја дал својата GoPro камера на еден постар господин кој седел до пилотот и го замолил да го сними запросувањето. Само што во авионот било исклучително бучно. Очигледно не се разбрале целосно.

Човекот не разбрал дека треба само да ја остави камерата да снима, туку цело време го притискал GoPro-то, мислејќи дека фотографира. Наместо едно убаво, непрекинато видео од запросувањето, добивме повеќе од 24 минијатурни видеа од околу 0,1 секунда. 😂 Сега дури размислуваме да ги споиме во едно видео само за да се смееме.

Не е најпрофесионалната снимка од запросување. Но, дефинитивно е еден од најнашите спомени.

To view this video please enable JavaScript, and consider upgrading to a web browser that supports HTML5 video

И вереничкиот прстен има своја приказна.

Избран е во Њујорк – во основата има дијамант од 4,05 карати, поставен на 18-каратно злато. Околу самиот дијамант има уште еден мал златен прстен со 30 дијаманти од по 0,12 карати.

Овој дел е помала верзија на promise ring-от што Љупче ми го подари на почетокот од нашата врска – како симбол на ветувањето дека ќе го одржи своето ветување кон мене.

А сега тоа ветување има ново значење.

Првиот прстен беше ветување.

Овој е засекогаш.

И кога ќе погледнам назад кон сè – кон девојката која на почетокот го држеше на дистанца, кон топлите чоколади, кон „единствените бакнежи што некогаш ќе ги добиеш од мене“, кон разликите, караниците, патувањата, двете евра, осумте држави и сите мали моменти помеѓу нив – сфаќам дека нашата љубов никогаш не била за тоа да најдеме човек кој е ист како нас. Напротив. Ние сме различни по многу работи. Но, во најважното сме исти.

И двајцата веруваме во доброто.
И двајцата сакаме да им помагаме на другите.
И двајцата сакаме да се развиваме.
И двајцата сакаме да изградиме семејство во кое ќе има почит, поддршка и љубов.

Можеби тоа е и одговорот на прашањето како сфатив дека Љупче е човекот за мене. Не затоа што е ист како мене. Туку затоа што, и покрај сите разлики меѓу нас, кога гледаме напред, ја гледаме истата насока.

И некаде таму, помеѓу Алјаска и Денали, помеѓу топлото чоколадо и двете евра, помеѓу смеата и солзите, сфативме дека понекогаш најубавите приказни не започнуваат со „еднаш одамна“.

Започнуваат со едно „ќе се обидам да те освојам“, а завршуваат со едно „ДА“.

To view this video please enable JavaScript, and consider upgrading to a web browser that supports HTML5 video

Tags
предлог за брак

Најнови

  • Ниту религијата, ниту далечината не ги разделија: Љупче од Делчево ја запроси Турчинката Ајлин во лет над глечер на Алјаска

    Thu, 09/10/2026 - 22:20
  • Аделина Тахири атрактивна во бел комбинезон со деколте со сестра си Диана на роденден

    Thu, 09/10/2026 - 09:35
  • Марта Лазарова го покажа стомачето пред да влезе во 9-тиот месец од бременоста, Стефан ја пофали дека прави сè

    Thu, 09/10/2026 - 09:05
  • Маркетинг
  • Импресум
  • Услови за користење
  • Приватност
  • RSS

© 2026 Femina.mk. Сите права задржани

Содржините на Femina.mk се заштитени со Законот за авторски права.
За секоја форма на користење на делови од овој веб сајт или цели статии за комерцијални цели, потребна е писмена согласност од Femina.mk.