„Нестварна убавина“: Нина Бадриќ одржа спектакуларен концерт во волшебниот Охрид, се одушеви од Св. Наум
Охрид летово беше една од најпосакуваните музички сцени во регионот.
Под ѕвездите и во прекрасниот амбиент на Античкиот театар, викендов, настапи и Нина Бадриќ.
Хрватската музичка ѕвезда со својот препознатлив глас и големите хитови приреди вечер исполнета со музика и емоции.
За Бадриќ ова беше прв концерт во волшебниот Охрид, а уште пред настапот не криеше колку се радува на првата музичка средба со охридската публика.
„Охрид, конечно се среќаваме ❤️ Утре за првпат ќе пеам во вашиот волшебен град и не можам да ви опишам колку се радувам на оваа средба! Под ѕвездите, во прекрасниот Антички театар, заедно ќе ги пееме песните со кои растевме, сакавме, страдавме и се лекувавме“.
„Охрид, чувај ми едно посебно место во твоето срце ✨❤️“– напиша Нина пред концертот.
Нејзиното очекување очигледно се претвори во прекрасна концертна вечер. На сцената прозвучеа некои од најпознатите песни од повеќедецениската кариера на Никна, меѓу кои „Čarobno jutro“, „Takvi kao ti“, „Dani i godine“, „Rekao si“, „Da se opet tebi vratim“ и „Dat će nam Bog“.
Но, музичката вечер не беше единственото нешто што ја воодушеви хрватската пејачка.
Во текот на престојот во Охрид, Бадриќ го посети и Свети Наум, а со своите следбеници сподели фотографии и впечатоци од природните убавини на ова место.
„Св. Наум е прекрасен манастир и излетничко место покрај езерото, околу 30 километри јужно од Охрид, во близина на границата со Албанија. Познат е по манастирот „Свети Наум“, изворите на Црн Дрим, пауните кои слободно шетаат низ комплексот и прекрасниот поглед кон Охридското Езеро“.
„Водата е толку чиста што може да се пие и е исклучително богата со кислород. Овој национален парк е рај и ова е искуство какво што ретко се доживува… Св. Наум е нестварна убавина ❤️“ – напиша пејачката.