• Маркетинг
  • 🔥 Новости
  • ♏ Хороскоп
  • 🌙 Соновник
  • 💬 Форум
  • Новости
  • Категории
    • Убавина и мода
    • Љубов и секс
    • Диети и фитнес
    • Рецепти
    • Здравје
    • Семејство
    • Дом и градина
    • Кариера
    • Забава
    • Колумни
  • Хороскоп
  • Соновник
  • Форум
  • Маркетинг
  • Импресум
  • Услови за користење
  • Приватност
  • RSS
Актуелно

„Не жалам за ништо, сакам да им обезбедам убаво и среќно детство на Хана и Дарен“: Тамара Тодевска искрена за мајчинството

30 јануари 2026, 12:55
  • cподели
Тамара Тодевска со децата

Моќна и непоколеблива, смела и самоуверена, максимално професионална и вокално импресивна... Тамара Тодевска е музичка сила на македонската сцена. А кога светлата на рефлекторите ќе се изгаснат и ќе стивне ехото на последниот аплауз, таа ја соблекува гламурозната маска за да ја прегрне својата најдрагоцена, најкомплексна и најемотивна улога: онаа на мајка.

Речиси цела една деценија нејзиниот животен ритам не го диктираат само нотите, но и срцебиењето на нејзините две најголеми љубови. Мајчинството за неа не е само планирана станица, туку силовита емотивна метаморфоза која ги помести сите нејзини внатрешни столбови.

Во отворено интервју за Фемина, македонската ѕвезда нè води низ лавиринтите на своето секојдневие. Со елоквентна ранливост зборува за „слатките маки“ на родителството, за деликатниот баланс меѓу естрадниот сјај и домашната топлина и за храброста да се воспитуваат деветгодишната Хана и седумгодишниот Дарен со широко отворени очи, давајќи им слобода и покрај „тежината“ на јавното презиме.

Без превези и со зрелост која ја носи само животното искуство, талентираната пејачка ни открива дел од приказната за жена која научи дека најважната публика ја чека дома и дека најубавата песна е онаа која ја пеат смеата и спокојот на нејзините деца.

Тамара Тодевска
Велиш дека мајчинството те променило од корен. Во кој момент сфати дека твоите приоритети се неповратно сменети и дека во животот повеќе ништо нема да биде исто?

Потребите и желбите на Хана и Дарен се на високо прво место и таму ќе останат уште долго време

Искрено, немаш многу време да сфаќаш, да се адаптираш – животот се менува, навиките и приоритетите ти се менуваат. И тоа е добро, здраво и нормално. Не би рекла дека приоритетите целосно се менуваат, но секојдневието апсолутно е поразлично. Потребите и желбите на Хана и Дарен се на високо прво место и таму ќе останат уште долго време... Не жалам за ништо и сакам да им обезбедам убаво и среќно детство.

Тамара Тодевска со ќерката Хана
Тамара Тодевска со синот Дарен
Какви беа твоите најрани стравови како мајка? Дали беа поврзани со реални ситуации или со внатрешниот притисок да бидеш „добра мајка“?

Уфф, стравови, малку грубо ми звучи... не би рекла дека се стравови туку секојдневни искушенија и предизвици кои се најчесто поврзани со реални ситуации и моменти. Првиот ден во училиште, навикнувањето со нови другарчиња, првото зимување или летен камп, како ќе се снајдат, дали ќе им недостасувам јас, татко им... тоа биле најчестите дилеми. Но, тоа се многу убави, „слатки маки“ и навистина е убаво да се доживеат. А, и денеска со новите технологии и апликации – сѐ е полесно.

Хана и Дарен растат со силна, присутна мајка, но и со успешна жена со јавна професија. Како изгледа Тамара кога ќе се изгаснат рефлекторите и кога е „само мама“?

Аууу, колку сме гласни сите – да сме живи и здрави (се смее). Многу често сум и мајка и пејачка, две во едно... Честопати и Хана и Дарен доаѓале со мене во студио, кога имам проба или пак снимам спот. Така што, двете улоги паралелно успешно ги извршувам. А, кога сме дома ништо специјално, одмарање, домашни за училиште, музичко, малце караници за да се јаде помалку благо, дружби со нашиот Тоби...

Дарен и Хана
Како ја „преведуваш“ твојата популарност на јазикот на твоите деца? Дали знае да им смета што имаат позната мајка и како ги учиш да се носат со вниманието?

Ги учам да бидат свои, да немаат притисок од тоа која им е мајка или тетка, но и да бидат свесни за мојата професија, начинот на работа и сл. Искрено и не сакам многу да ги оптеретувам со тоа. И двајцата растат, се развиваат и сакам да живеат детство без притисоци, грижи и милион и едно прашање. Цел живот е пред нив, за многу прашања, убави работи, проблеми и дилеми – така што, нека уживаат во детството.

Колку денешните Хана и Дарен се твој одраз, а во што веќе покажуваат карактерни црти кои се сосем автентични и различни од твоите?

Двајцата се навистина музикални и талентирани. Хана на пример подобро танцува од мене и со „Еурека“ веќе освојуваат први места низ Европа. Сакаат музика, спорт, танцување, инструменти, глума... Ау, каков глумец е Дарен, дури малку се плашам кога ќе потпорасне и со целиот тој шарм и талент за глума ќе може прилично да нè манипулира (се смее).

Тамара Тодевска
Тамара Тодевска
Која е најважната лекција која сакаш децата да ја понесат со себе во животот, без разлика на патот кој ќе го изберат?

Сакам децата да бидат свои и да бидат добри луѓе полни со емпатија

Да го следат својот инстинкт, пат, желби. Да не потпаѓаат под притисоци и врз тоа што е актуелно туку да ја искористат својата автентичност и уникатност за да го освојат светот. Независно дали ќе бидат или не јавни личности, сакам да го следат својот сон и да не бидат под притисок на околината и некои „општествени норми“ кои имаат рок на траење од месец и половина. Да бидат свои и да бидат добри луѓе полни со емпатија.

Разводот е деликатен процес кој бара огромна зрелост. Како успеа да им ја објасниш оваа промена на децата на начин кој го зачува нивното емотивно спокојство?

Со Мачка навистина се трудиме да имаат родителска љубов и топлина

Воопшто не е лесно, но важно е децата во одреден момент да бидат запознаени со реалноста и новата состојба. Тоа е и за нивно добро. Нивното емотивно спокојство мора да го зачуваат родителите. И јас и Мачка навистина се трудевме и тоа до денеска го правиме, да ја имаат потребната поддршка, да ја имаат таа родителска љубов и топлина. Не е лесно, но тоа е наша обврска и должност.

Дарен и Хана
Тамара Тодевска со синот Дарен
Тамара Тодевска со ќерката Хана
Што научи за себе како жена, а што како мајка токму во периодот по разводот?

Не сакам да ги двојам улогите... тие што ме познаваат, знаат дека сум многу искрена, едноставна и не менувам улоги. Тамара како мајка ќе се грижи за Дарен/Хана додека имаат температура, но мора да патува на свирка во Битола и да биде силна жена која заработува за своето семејство. Не сакам одвоено да ги гледам работите и знам дека тоа има и позитивни и негативни работи, но тоа сум јас.

Со оглед на тоа што и самата си дете на разведени родители, колку тоа лично искуство ти беше водилка или можеби „кочница“ во донесувањето на одлуките за твоето семејство? Имаше ли момент кога си рече: „Ова сакам да го направам поинаку од моите родители“?

Да, моите родители се одамна разделени, но имале и имаат тековна и нормална комуникација. Нормално е дека нешто можеле да направат подобро, но сигурна сум дека во дадениот момент секогаш го бирале најдоброто решение, како за мене, така и за Тијана. Брана и Велко се мојата најголема поддршка и преблагодарна сум им за сето она што ми го овозможиле во животот.

Тамара Тодевска со мајка си
Тамара Тодевска со татко си
Кога ќе погледнеш наназад, што те одржа исправена во најранливите моменти?

Децата, работата, теретаната, другарките, секојдневието... Тоа е она што ме држело и во најранливите моменти, но и во деновите кога едноставно не се чувствувам добро, кога сум помалку расположена и сл. Тогаш знам да бидам многу креативна и продуктивна во студио или пак да направам „Personal Best“ рекорд до Водно. Чудна е оваа Тамара.

Што те научија Хана и Дарен за тебе, нешто што никој друг немаше моќ да ти го открие?

Хана и Дарен ме научија да бидам похрабра

Да бидам похрабра и на поинаков, на многу посериозен начин да ја разберам целата моја професија. Можеби ова второво многу повеќе... Ми го трасираа патот кон едно друго ниво, кон една Тамара која е многу попосветен, попрофесионален и поквалитетен уметник.

Тамара Тодевска
Кога ќе пораснат, како би сакала Хана и Дарен да те опишуваат? Што сакаш секогаш да знаат за тебе?

Тоа што јас го знам за моите мајка и татко: дека секогаш се труделе да ми го овозможат најдоброто.

Даница Караташова Илиоска / Femina.mk

Tags
Тамара Тодевска

Најнови

  • Никогаш повеќе сама на dm

    dm обезбеди повеќе од 320 000 бесплатни хигиенски влошки за студентките на државните факултети во академската 2025/2026 година

    Fri, 01/30/2026 - 13:17
  • Гоца Тржан искрено за борбата да има уште едно дете: „Не би се лутела ако Раша се предомисли и посака дете со друга жена“

    Fri, 01/30/2026 - 12:55
  • Тамара Тодевска со децата

    „Не жалам за ништо, сакам да им обезбедам убаво и среќно детство на Хана и Дарен“: Тамара Тодевска искрена за мајчинството

    Fri, 01/30/2026 - 12:55
  • Маркетинг
  • Импресум
  • Услови за користење
  • Приватност
  • RSS

© 2026 Femina.mk. Сите права задржани

Содржините на Femina.mk се заштитени со Законот за авторски права.
За секоја форма на користење на делови од овој веб сајт или цели статии за комерцијални цели, потребна е писмена согласност од Femina.mk.