„Не ни беше верно што се случи, па направив уште пет теста“: Бодибилдерката Мери Акиевска искрено за предизвиците во бременоста
Светот ја знае како жената од челик. Мери Акиевска е трикратна светска шампионка во бодибилдинг, која со години е синоним за непоколеблива дисциплина, сурова сила и врвна посветеност. Но, денес, амбициозната спортистка испишува поглавје исполнето со отчукувањата на едно ново срце.
Девојката од Крива Паланка, чиј пат до врвот не беше нималку лесен, зад себе носи приказна исполнета со животни премрежја и семејни бури. Не го крие тешкото детство и растењето во семејство обележано со немири и насилство, како и борбата со алкохолизмот на татко ѝ. По неговата смрт, Мери растела со мајка ѝ како самохран родител, за која вели дека направила сè за да ѝ овозможи детство какво што заслужува секое дете.
Додека ја очекува ќеркичката со сопругот Филип Митровски, Мери за првпат ја симнува спортската маска и ни ја открива својата најранлива, но и најсилна страна.
Во искрено интервју за Фемина, идната мајка зборува за трансформацијата на телото кое цел живот било под строг режим, за брачниот завет со тренерот по кик-бокс, даден токму на нејзиниот 27. роденден и за сонот за семејна среќа, онаа која можеби најмногу ѝ недостасувала во детството, а која сега ја гради со сопствени раце.
Мери, вашата приказна моментално има ново и многу емотивно поглавје. Да започнеме од почеток, како се запознавте со Филип и кога почувствувавте дека тој е „вистинскиот“?
Со Филип се знаеме долго време, но како познаници. Откако еден ден започнавме комуникација и таа траеше без прекин, толку убаво ни тргна разговорот, што се зближивме и до ден-денес сме неразделни. Покрај таа комуникација, сфатив дека тоа е тоа што го сакам.
Како се чувствувате сега како тазе сопруга која заплива во брачните води?
Се чувствувам преубаво, бидејќи влегов во брачни и семејни води, нешто што можеби во мојот живот и детството не сум го почувствувала толку силно. Сега со толку силен блесок, секој чекор ми е убав на овој пат. Бидејќи сега направивме само регистрација, здравје во септември ќе правиме и свадба, само сите да сме среќни, здрави и живи - тоа си го посакав и како роденденска желба.
Дали можете да се сетите на точниот момент кога дознавте дека сте бремена? Кои беа вашите први мисли и емоции во тие секунди?
Бебко ни беше плански, само што не очекувавме дека толку брзо ќе се оствари посакуваното. Точно 30 септември беше тој среќен ден кога ги видовме двете цртки на тестот.
Како му ја соопштивте оваа вест на сопругот? Дали го подготвивте моментот или беше спонтано, и како реагираше тој?
Не успеав да му направам посебно изненадување на сопругот, бидејќи додека бев во тоалет и се појавија цртките, тој ме побара на камера и сè дојде изненадувачки во ист момент и за двајцата. Не ни беше верно што се случи, па дури направив уште пет теста, а и проверка преку крвна слика. Тогаш конечно се уверивме дека ќе се оствариме како родители.
Во кој месец од бременоста сте моментално и како се чувствувате физички, но и психички, имајќи предвид дека сте навикнати на интензивен спортски живот?
Имав тежок период со мачнини, главоболки и гадење, но тоа се слатки маки
Искрено, не толку лесно ја поминувам бременоста, но и прва бременост ми е. Повеќето жени не зборуваат на оваа тема, но јас искрено ќе споделам дека поминав низ тежок период со мачнини, главоболки и гадење, без апетит и така натаму. Но, сето тоа се слатки маки. Благодарна на Господ што ми подари ваква титула, останатото сè се заборава.
Сега сум седми месец и како активен спортист и професионалец во својата струка, на пиедесталот на бодибилдингот, можам да кажам дека доволно сум истестирана со дисциплина и карактер. Искрено, ми влијаеше и психички, но и физички. Барем сега, за прва бременост, повеќе внимавам да не сум толку многу со исцрпувачки тренинзи, туку само активно пешачење и вежбички кои се потребни во бременост.
Колку бременоста ви ги промени секојдневните навики, од исхрана и тренинг, до начинот на кој го доживувате сопственото тело?
Премногу, искрено, премногу промени, но сето тоа е подготовка за мајчинството. На почетокот бев пресреќна дека ќе јадам било што, но премалку јадев од мачнините. Сега веќе сум во убав период, но си стојам на правилен и здрав начин на исхрана. Тоа значи исто како и пред да останам бремена, бидејќи мојот организам е навикнат на здрава храна, а нездравата храна многу ми смета и влијае.
Како врвна бодибилдерка, телото е ваш „инструмент“. Дали имате страв или грижа околу тоа како ќе го вратите во натпреварувачка форма по породувањето?
Благодарение на моите гени, во досегашниот период од бременоста јас сум само плус 5 килограми, од мене само меше. Телото не е како што беше – мускулесто девојче со многу детали, но презадоволна сум што сум затегната, без вишок на сало и масти, а за мускули здравје се враќаме после породување.
Дали сè уште тренирате и колку е различен тренингот сега? Што велат лекарите и колку е безбедно да се одржува форма за време на бременост на професионално ниво?
И сега сум физички активна, но со пешачење и домашен тренинг
Првите четири месеци не тренирав, бидејќи докторите ми кажаа дека најдобро е така, сè додека не созрее плодот и да е безбедно за физичка активност. Како за прва бременост стојам зад сите правила и ќе ги почитувам. Сега сум физички активна, но со пешачење и домашен тренинг што е потребен во бременоста. Искрено, премногу ми недостига еден мој тренинг да сум наситена со тежини и исцрпувачки тренинзи, но тоа не ни бега – тука сме, со форма и здравје се враќаме.
Дали добивате коментари од јавноста, позитивни или критички, за тоа што сте бремена и истовремено спортистка? Како се справувате со тие реакции?
Премногу коментари добивам секој ден и многу прашања, бидејќи пред да останам бремена премногу бев активна на социјалните мрежи и ги „збудалував“ сите со моите тренинзи и дисциплина. Сега се прашуваат што прави Мери и дали вежба. Досега имам поддршка од сите и мотивација кон патот што го имам поминато, што сè имам освоено, а сега и оваа титула – мајка.
Што е најневообичаено или најпредизвикувачко во бременоста кога доаѓа од перспектива на професионална бодибилдерка? Дали има нешто што ве изненади?
За мене најнеобични беа мислите во глава „што ќе биде со формата?“, бидејќи не вежбам. Но, по тие почетни четири месеци, сфатив и се помирив со такви мисли. Се гледам во огледало и уживам во тоа што сум. Сепак, сè е менливо и минливо. Сега во глава ми е само бебчето, здравјето и не постои поголема среќа од ова богатство.
Каква мајка чувствувате дека ќе бидете? Дали дисциплината, посветеноста и силата што ги имате како спортист ќе се пренесат и во родителството?
Пред сè, дисциплината би сакала да се пренасочи кај моето дете, но и не само од мајчина страна, туку и од кај таткото, бидејќи и тој е спортист. Убави мисли имам во глава, се надевам на добри гени. Сега за сега само сакам сè да помине во најдобар ред, здраво и живо да ни е, а со времето само ќе си стекне спортски навики покрај тато и мама.
Породувањето е момент што носи и радост и неизвесност. Дали чувствувате страв од самиот чин на породување и како психички се подготвувате за тој најважен момент, моментот кога ќе станете мајка?
Штом ќе дојде тој ден на породување, за повеќето жени e страшен момент, бидејќи секоја жена што има родено знае како поминала, па предизвикува и страв. Јас искрено не знам што ме чека, а со нетрпение го чекам тој ден и не ми е страв. Сега не размислувам на тоа, бидејќи не го знам ни чувството и што треба да осетам. Се молам на Господ само да е со мене, да дава сила и сите да нè израдува со член плус во семејството.
Колку за вас е важна вашата мајка во животот, мајка која ве израсна како самохран родител? Каква беше нејзината реакција кога ѝ ја соопштивте оваа преубава вест дека ќе стане баба?
Мајка ми заслужува убавини и насмевка, бидејќи премногу ми значи
Мајка ми е жена-борец. Таа е пресреќен и најгорд човек, без разлика каков живот имала, и сега кога во животот ѝ доаѓаат радости и убавини. Мајка ми секогаш е со полни очи солзи-радосници и мислам дека како баба е најсреќниот човек, особено во ваков убав период. Таа секогаш заслужува убавини и насмевка, бидејќи премногу ми значи. Му благодарам на Господ што ја имам и што ја правам среќна, бидејќи таа заслужува само едно – среќа.