• Маркетинг
  • 🔥 Новости
  • ♏ Хороскоп
  • 🌙 Соновник
  • 💬 Форум
  • Новости
  • Категории
    • Убавина и мода
    • Љубов и секс
    • Диети и фитнес
    • Рецепти
    • Здравје
    • Семејство
    • Дом и градина
    • Кариера
    • Забава
    • Колумни
  • Хороскоп
  • Соновник
  • Форум
  • Маркетинг
  • Импресум
  • Услови за користење
  • Приватност
  • RSS
Животни стории

„Не мора кралицата да живее во замок“: Сунчица Арсовска за трчањето на Скопскиот маратон со круна на главата пред 60-тиот роденден

7 октомври 2026, 12:50
  • cподели

Облечена во син фустан, со црвена наметка и круна на главата, Сунчица Арсовска на Скопскиот маратон изгледаше токму онака како што се чувствува – како кралица на сопствената приказна.

На прагот на својот 60-ти роденден, Сунчица руши стереотипи и докажува дека страста, енергијата и животната радост не знаат за граници. Нејзината приказна со трчањето започнува сосема неочекувано во шестата деценија од животот, кога по првиот медал во категоријата 50+, сфаќа дека светот може да го мери во километри, а соништата во остварени цели. 

Од улиците на Скопје, па сè до маратонските патеки во Берлин, за неа секоја возрасна граница е само нова почетна линија. 

За Фемина, Сунчица отворено раскажува за силата на умот, маратонските предизвици, стајлингот за Скопскиот маратон и зошто најдобрите години се секогаш оние кои допрва доаѓаат.

Како започна твојата приказна со трчањето? Се сеќаваш ли на моментот кога трчањето од рекреација прерасна во нешто што стана важен дел од твојот живот?

Мојата приказна со трчањето датира уште од детството. Но, големото враќање кон трчањето беше неочекувано и многу мотивирачко.

Мене ми требаше промена и кога добив повик за дружба преку учество на Женската трка Авицена во 2018 година, одговорив потврдно и се пријавив. Бев љубопитна. Не знаев речиси ништо за трчањето како слободна, рекреативна активност. Дотогаш за мене трчањето, а особено атлетиката како целина, беше спорт кој се одвива на стадион, под строго утврдени правила и во контролирани услови. Ваквиот формат ми беше необичен, чуден, но дефинитивно интересен.

Кога пристигнав кај фонтаната Лотосов цвет во Градскиот парк, останав без зборови од атмосферата и масовноста – огромен број жени, музика, насмеани лица, штандови, движење... Во стомакот почувствував блага трема и пеперутки кога се упатив кон стартната линија. Како за миг да се вратив во детството, во моментот кога првпат учествував на ТВ Крос на кејот на Вардар.

И така, стартот беше означен. Тргнав да трчам според она што во тој момент чувствував дека можам и релативно брзо поминав низ целта со уште неколку жени на различна возраст. Ме понесе некое многу пријатно чувство. Ми беше навистина интересно.

Дружбата по трката беше прекрасна, а потоа започна прогласувањето на најдобрите. Очекував дека ќе ги прогласат најбрзите. Но, започнаа да ги најавуваат и наградуваат трите најдобри во секоја возрасна категорија.

Можете ли да замислите какво беше моето неверување кога го слушнав своето име за освоено второ место во категоријата 50+?

Речиси без здив се качив на бината и застанав на пиедесталот

Речиси без здив се качив на бината и застанав на пиедесталот. Ми доделија медал, диплома, награди од спонзорите, а јас просто не знаев каде се наоѓам. Не ми се веруваше дека јас, на оваа возраст, сум компетитивна и сум прогласена за една од победничките во категоријата 50+.

Дали тоа беше само толку? Оооо, не!

Веднаш штом стигнав дома, почнав да пребарувам: има ли други трки, какви трки има, кој може да учествува... И веднаш ми излезе Виз Ер Скопски маратон. Се разбира, веднаш се пријавив на трката на 5 километри. Потоа следуваа 10 километри, веќе следната година и мојот прв полумаратон, а во 2022 година го истрчав и првиот маратон – токму на Виз Ер Скопски маратон.

Трчањето многу брзо стана важен дел од мојот живот. Како што растеше мојот интерес, така почнав да го откривам не само трчањето како спорт, туку и трчањето како начин на живот.

 
 
 
 
View this post on Instagram
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 

A post shared by Трн.мк (@trn.mk_)

Скопскиот маратон очигледно има посебно место во твоето срце. Што ти значи да трчаш токму на домашен терен, пред своите луѓе и низ улиците на Скопје?

Скопскиот маратон навистина има посебно место во моето срце. Токму тука, во моето Скопје, го направив својот раст и најголемиот исчекор во трчањето. Тука ги истрчав моите први 5 километри, мојот прв полумаратон и мојот прв маратон.

На почетокот ми беше навистина необично да трчам по улиците по кои дотогаш сум минувала само со автомобил. Ми изгледаа сосема поинаку од она како што ги доживував гледајќи ги од автомобил. А потоа почнав и градот да го доживувам поинаку. Оддалеченоста до некое место веќе не ја мерев според тоа колку ќе ми треба да стигнам дотаму со автомобил, туку во километри и во време потребно да стигнам дотаму со трчање.

Па така, наскоро не ми требаше ни возило за да стигнам до кејот за тренинг. Стартував од дома и се спуштав кон кејот трчајќи. Се сеќавам како во почетокот чудно ме гледаа, па дури и ми свиреа од автомобилите кога требаше да застанат за да преминам улица. Денес веќе никому не му е чудно кога ќе види човек што трча.

Скопскиот маратон има уште една димензија – тоа е МОЈОТ град. Ги познавам улиците, местата, луѓето. На патеката препознавам лица, слушам довикувања, некој ќе ме поздрави по име, некој ќе ми пружи рака за поздрав, и тоа е дополнителна енергија токму кога ми е потребна. А на денот на маратонот, Скопје го гледам и со сосема поинакви очи – како град во движење, исполнет со тркачи, енергија, љубов и поддршка.

И тоа чувство, да трчаш дома, пред своите луѓе, во својот град, е посебно.

На овогодишниот маратон беше со круна на главата и црвена наметка. Што е инспирацијата зад тој изглед?

Отсекогаш сум била фасцинирана од сликите и книжевните описи на кралиците. Посебно внимание ми привлекувало чувството што го предизвикуваат тие жени и она што не мора да го кажат со зборови, а сепак зрачи од нив – присутност, сила, мудрост, енергија, љубов, авторитет... особено во подоцнежните години од нивниот живот.

Кога минатата недела, по завршената трка, ги погледнав објавените резултати по категории, со неверување гледав во екранот. Таму навистина стоеше:

Age category: 60+, Winner – 1st place, Sunchica Arsovska.

Нешто во мене се разигра, се разбуди и како да ми шепна: „Кралица си!“

Ми се измешаа чувствата. Иако наскоро навистина ќе го славам мојот 60-ти роденден, официјалното влегување во новата категорија 60+, и тоа ни помалку ни повеќе туку со освоено прво место, ме натера да се запрашам: Како всушност се чувствувам?

Бројката 60+ кажува колку години сум поминала низ животот, но не кажува како се чувствувам, што можам да направам

А одговорот беше навистина интересен – Кралски!

Бројката 60+ кажува колку години сум поминала низ животот, но не кажува како се чувствувам, што можам и што сè уште планирам да направам.

На трките секогаш сакам да внесам нешто свое – игра, женственост и радост. Здолништата веќе станаа мој препознатлив тркачки детаљ, но на годинашниот Виз Ер Скопски маратон, во полумаратонската трка, поттикната од кралското чувство, решив да одам чекор понатаму и да трчам како Кралица – со круна на главата и жезол во раката.

Златната круна, синиот фустан и црвената наметка го комплетираа мојот тркачки изглед и она што сакав да го почувствувам и покажам – дека трчањето може да биде и забава и игра, преку која се споделуваат насмевки, енергија, љубов.

Но кога сега ги гледам фотографиите, а особено кога ќе се потсетам на реакциите на луѓето и на најмладите покрај патеката, сфаќам дека можеби несвесно сум му дала и друго значење.

Ако веќе официјално влегувам во категоријата 60+, зошто да не влезам како Кралица, со круната на глава?

Мојата Кралица на патеката е жена која моќно ја носи својата круна додека продолжува да ја создава сопствената приказна

Не мора кралицата да биде лик од историските читанки и да живее во замок. Може да биде и Кралица на тркачката патека.

Можам да бидам сериозен тркач, маратонка, жена 60+, а истовремено женствена, разиграна, љубопитна, амбициозна и да уживам во тоа што го правам.

И можеби токму тоа беше мојата Кралица на патеката – една жена која моќно ја носи својата круна додека продолжува да ја создава сопствената приказна.

Имаш и искуство со големи светски маратони, меѓу кои и Берлинскиот маратон. Што е она што те привлекува кај маратоните и што ти носи секој нов предизвик?

Посебно е чувството кога со сопствени сили, со свои нозе, ќе совладаш предизвик кој во бројка покажува должина од 42,195 километри.

Тоа е приказна која се ткае во мојата глава во текот на целото време додека ја поминувам патеката од стартот до целта. Поминувањето низ целта е само потврда дека сум излегла, сум се обидела и сум покажала дека можам. А многу брзо потоа следува моето омилено прашање: Што е следно?

По мојот прв маратон почнав уште повеќе да го откривам светот на големите меѓународни маратони. Така дознав за Abbott World Marathon Majors и за 6 Star Medal – медал кој се освојува по завршувањето на шесте оригинални светски Major маратони.

И, се разбира, посакав да го освојам.

Така почна мојата потрага по можности да стигнам до учество на тие големи маратони. Бев неизмерно среќна кога добив можност да учествувам на Берлинскиот маратон во 2025 година.

Тешко е со зборови да го доловам чувството кога застанав на стартната линија на маратон од таа категорија, опкружена со десетици илјади луѓе кои во тој момент имаа иста цел – да стигнат од стартот до целта. Енергијата е неверојатна.

Дел од тоа чувство го почувствував и оваа година на нашиот Скопски маратон, со големиот број учесници и енергијата што ја создадоа. Посакувам Скопскиот маратон да продолжи да расте.

Секој совладан предизвик ме тера да си најдам нов

А мене секој совладан предизвик ме тера да си најдам нов. За мене тоа значи надминување на ограничувањата, раст, развој и напредок, но и постојано тестирање и надградување на сопствените сили, капацитети, вештини и знаења.

Како изгледа подготовката за еден маратон? Колку тренинг, дисциплина и посветеност стојат зад тие „неколку часа трчање“?

Подготовката за маратон, кога зборуваме за рекреативното трчање, за мене значи дисциплина, добра исхрана, солиден одмор и, можеби најважно, добро познавање и слушање на сопственото тело.

Јас си дозволувам околу три месеци за наменска подготовка. Во почетокот постепено ја градам издржливоста, со полесни и пократки трчања, едно подолго трчање неделно и задолжителни вежби за сила. Потоа доаѓа период во кој комбинирам поголеми должини, различна динамика и тренинзи за сила.

Секако, ова го кажувам од сопственото искуство и од она што сум открила дека најмногу ми одговара мене, на моето тело и на мојата возраст. Секој човек е различен и подготовката треба да биде усогласена со неговата физичка подготвеност, целите и индивидуалните можности.

Но, кога некој ќе ги види само тие „неколку часа трчање“ на денот на маратонот, треба да сфати дека зад нив всушност стојат месеци работа – многу часови тренинг, многу истрчани километри, вежби за сила, одмор, грижа за исхраната и денови кога патиките треба да се облечат, а ти немаш голема желба за трчање и повеќе сакаш да останеш дома.

Токму тие месеци се вистинската подготовка за маратонот.

Што се случува во главата на еден маратонец во текот на трката? Има ли момент кога телото вели „доста“, а мотивацијата те тера да продолжиш и покрај заморот?

На почетокот често се прашував што значи кога искусните тркачи велат дека маратонот се трча „со главата“, или кога ќе речат дека околу 30-тиот километар ќе удриш „во ѕид“ и може дури и да се откажеш.

Многу брзо научив дека можеш физички одлично да се подготвиш, но маратонот бара и да знаеш да управуваш со своите мисли. Да го слушаш телото, да ја набљудуваш околината, да ја чувствуваш сопствената енергија и да останеш присутен во она што го правиш.

Маратонот бара и да знаеш да управуваш со своите мисли

Затоа што 42 километри се долго време и долг пат. А тоа истовремено е и прекрасна можност во главата да си ткаеш долга приказна.

Јас токму тоа го правам.

Колку е поубава приказната што ја создавам во главата, толку е посилна енергијата и поголема можноста да стигнам до целта со широка насмевка.

Колку е поубава приказната што ја создавам во главата, толку е поголема можноста да стигнам до целта со широка насмевка

Јас досега не сум почувствувала драматичен пад на силата, мотивацијата или енергијата на моите маратони. Можеби токму затоа за мене маратонот навистина се трча со главата – телото го подготвувам со месеци, а на денот на трката им препуштам на умот и телото да трчаат заедно.

Колку трчањето те променило надвор од патеката? Дали ти помогна да станеш подисциплинирана, поупорна или едноставно да научиш повеќе да си веруваш себеси?

Не мислам дека трчањето ме направи подисциплинирана или поупорна. Тие особини отсекогаш биле дел од мене.

Но, трчањето ми отвори еден сосема нов простор во кој повторно ги открив и почнав да ги применувам на поинаков начин.

Пред сè, го промени начинот на кој го доживувам сопственото тело и возраста.

Со секоја нова дистанца што сум ја совладала, со секоја цел што на почетокот ми изгледала голема, а потоа станала реалност, почнав поинаку да размислувам за тоа што можам и што допрва можам да постигнам.

Трчањето го промени и мојот поглед кон светот, животот и мојата улога во него. Ги прошири и можностите и начините на кои ги поставувам и реализирам целите.

Дополнително ме поттикна да бидам уште повеќе проактивна, да продолжам да сонувам и, што е уште поважно, соништата да ги претворам во конкретни цели. Можеби најголемата промена е токму во тоа што денес возраста ја гледам поинаку.

Официјално влегувам во категоријата 60+, Кралски, но за мене таа бројка не е граница

Сега официјално влегувам во категоријата 60+, Кралски, но за мене таа бројка дефинитивно не е граница. Таа е само уште една точка на мојата патека.

Пред мене има нови километри, нови маратони, нови места, нови луѓе, нови идеи и нови предизвици.

И сè уште го поставувам истото прашање што си го поставив откако ја поминав целта на мојата прва трка:

Што е следно?

Tags
Сунчица Арсовска

Најнови

  • „Не мора кралицата да живее во замок“: Сунчица Арсовска за трчањето на Скопскиот маратон со круна на главата пред 60-тиот роденден

    Wed, 10/07/2026 - 12:50
  • Avenga Academy

    Avenga Academy: Од знаење до интернационална онлајн пракса

    Wed, 10/07/2026 - 12:49
  • Реплек

    „Реплек“ ги јакне меѓународните партнерства и потенцијалот за раст на извозот

    Wed, 10/07/2026 - 12:13
  • Маркетинг
  • Импресум
  • Услови за користење
  • Приватност
  • RSS

© 2026 Femina.mk. Сите права задржани

Содржините на Femina.mk се заштитени со Законот за авторски права.
За секоја форма на користење на делови од овој веб сајт или цели статии за комерцијални цели, потребна е писмена согласност од Femina.mk.