• Маркетинг
  • 🔥 Новости
  • ♏ Хороскоп
  • 🌙 Соновник
  • 💬 Форум
  • Новости
  • Категории
    • Убавина и мода
    • Љубов и секс
    • Диети и фитнес
    • Рецепти
    • Здравје
    • Семејство
    • Дом и градина
    • Кариера
    • Забава
    • Колумни
  • Хороскоп
  • Соновник
  • Форум
  • Маркетинг
  • Импресум
  • Услови за користење
  • Приватност
  • RSS
Мода

„Не го почитувам правилото 'less is more' – сакам бои, палта и личен печат во сè“: Даниела Ѓуровска за модата и мајчинството

29 март 2026, 18:10
  • cподели
Даниела Ѓуровска

Постојат личности кои едноставно поседуваат дарба секојдневието да го претворат во уметност. Кога зборуваме за македонската модна сцена, името на Даниела Ѓуровска е синоним за софистицираност која не се наметнува, но се препознава. Таа не е само инфлуенсер во модерна смисла на зборот, таа е дипломиран моден дизајнер и еден од пионерите на македонското модно блогерство, која уште пред една деценија, со чист ентузијазам, почна да го трасира патот на дигиталната естетика кај нас.

Како маркетинг менаџер во една од најголемите модни групации во земјава, „Fashion Group“, професионално го диктира темпото на трендовите, но приватно е жената која со неверојатна леснотија балансира меѓу строгите кроеви на моќните палта и најубавата, но и најпредизвикувачка улога: мајчинството. За неа, модата не е само облека, туку јазик со кој комуницира со светот, а нејзиниот Инстаграм профил е вистинска галерија на инспирација каде секоја фотографија раскажува приказна за убавината и хармонијата. Вели дека стилот не е само следење правила – всушност, таа често и ги крши, верувајќи дека личниот печат е поважен од секој минлив тренд.

31-годишната тренди скопјанка за Фемина ја отвора душата  за нејзините први модни експерименти во плакарот на баба ѝ, за моќта на самодовербата, но и за малиот Давуд – двегодишното момче кое го има од бракот со сопругот Денис, а кое му даде нова, најдрага смисла на нејзиниот стил на живеење.

Даниела Ѓуровска
Даниела Ѓуровска
Се сеќаваш ли на моментот кога сфати дека модата нема да биде само љубов, туку и твоја животна насока? Кои беа твоите први модни „експерименти“?

Верувам дека пасијата кон модата е нешто вродено

Колку и да звучи како клише, верувам дека пасијата кон модата е нешто вродено – се чувствува и се наѕира уште од најрана возраст. Уште како дете не постоеше компромис: роденден, празник или прв училиштен ден значеше ново парче гардероба. На мајка ми веројатно ѝ бев најголемата „главоболка“ кога ќе инсистирав самата да ја составам комбинацијата или кога нејзиниот избор не се совпаѓаше со мојот. Мораше да биде по мое – без исклучок.

Баба ми, пак, имаше гардеробер што за мене беше вистинска модна архива. Секое мое одење кај неа се претвораше во мало „модно шоу“ и, секако, во креативен хаос. Ретро палта или кошули со уникатен принт, ги комбинирав со мои парчиња, не секогаш тренди, но секогаш со личен печат. Тогаш, несвесно, ја градев мојата автентичност.

Имаш завршено моден дизајн, а денес работиш како дел од маркетинг тимот во модна компанија. Како образованието влијаеше врз начинот на кој ја гледаш и живееш модата?

Студентските денови беа клучни за моето самоосознавање

Формалното образование отсекогаш сум го доживувала како животна школа. Те учи на дисциплина, истрајност и те подготвува за професионалниот свет. Студентските денови беа клучни за моето самоосознавање. Амбицијата што ја носев со себе ми помогна по дипломирањето да сфатам дека маркетингот и креирањето содржина можеби се мојата природна насока. Иако тоа никогаш не сум го изговорила гласно, не ја исклучувам можноста повторно да ѝ се вратам на модата како дизајнер – но во нова, поинаква форма.

Работата во маркетинг секторот ми овозможи креативна експресија и ми помогна да го изострам вкусот и критичкиот однос кон модната индустрија и нејзиниот секојдневен визуелен јазик.

Даниела Ѓуровска
Даниела Ѓуровска
Како ти лично го дефинираш стилот? Дали тој е одраз на карактерот, расположението или начинот на живот?

Мојата „слабост“ се колор-блок комбинациите, интензивните бои, патерните и впечатливите чанти

Стилот е спој од карактер, расположение и начин на живот. Тој е динамичен – се менува, се надградува, но останува личен. Иако „all black“ не е првата асоцијација за мене, честопати е мој избор кога сакам едноставност. Но, мојата вистинска слабост се колор-блок комбинациите, интензивните бои, патерните и впечатливите чанти. Секогаш сакам да постои елемент што ќе отскокне и ќе внесе карактер.

Даниела Ѓуровска
Даниела Ѓуровска

 

Твојот стил е баш автентичен, всушност ти си една од првите модни блогерки во земјава. Како се развиваше низ годините и кога почувствува дека навистина си „своја“ во модна смисла?

Кога ќе се навратам на почетоците, сфаќам колку храбар чекор бил тој период. Денес инфлуенсерството е професија со јасни правила, стратегии и очекувања, но пред повеќе од десет години тоа беше чист ентузијазам и љубов кон модата. Да се наречеш моден блогер тогаш значеше пред сè да веруваш во сопствената визија, иако околината сè уште немаше целосно разбирање за тоа што значи таа улога. Моето прво појавување на Модниот викенд во Скопје, на ревијата на Ирина Тошева во 2015 година, го паметам како момент на лично надминување. Подготовките беа темелни и сериозни — од шиење и избор на креации до внимателно осмислување на целокупниот настап. Заедно со Алекс (majestic.at), со која тогаш го водевме блогот FashionDNA, вложувавме многу повеќе од време, вложувавме страст, труд и желба да изградиме сопствен идентитет на сцената.

Во моментот кога престанав да се споредувам и почнав да се изразувам без задршка, знаев дека сум ја пронашла својата модна автентичност

Подоцна, учеството на студентските ревии под менторство на професор Лидија Георгиева ми даде дополнителна сигурност и професионална основа. Тоа беа искуства што ми овозможија не само да се претставам, туку и да учам, да набљудувам и да созревам во средина опкружена со креативци, дизајнери, новинари, блогери и инфлуенсери, кои и денес активно ја обликуваат модната сцена. А чувството дека сум навистина „своја“ не дојде одеднаш. Тоа се случуваше тивко и постепено. Низ обиди, грешки, инспирации и лични преиспитувања. Во моментот кога престанав да се споредувам и почнав да се изразувам без задршка, знаев дека сум ја пронашла својата модна автентичност. И верувам дека токму таа искреност е најсилниот стилски потпис.

Даниела Ѓуровска
Даниела Ѓуровска
Што е, според тебе, пресудно за добар стил – самата облека, вниманието кон деталите или самодовербата со која се носи?

Самодовербата е клучна за добар стил

Самодовербата. Може да носите најскапо палто или наједноставна маица – ако не го носите со став, комбинацијата нема тежина. Верувам дека секое парче може да изгледа кул доколку го носите со сигурност. Секогаш велам, треба ти да ја „носиш” гардеробата, не таа тебе. Минимализмот го почитувам, но не е мојата природа. Сакам слоевитост, текстура, боја, експеримент. Грешките се дел од растот – и токму тие ја градат модната зрелост.

Дали брендовите и етикетите ти се важни, или за тебе пресудно е како едно парче се вклопува и како се чувствуваш во него?

Брендот никогаш не ми бил пресуден фактор. За мене вредноста на едно парче не се мери според етикетата, туку според тоа како се вклопува во мојот стил и како се чувствувам кога го носам. Можете да облечете и најлуксузно дизајнирано парче, но доколку не е во склад со вашата енергија и карактер, ефектот ќе изостане.

Вреди да се инвестира во квалитетна кожена јакна, едноставни црни чизми, добро скроени фармерки

Верувам дека постојат парчиња во кои навистина вреди да се инвестира, но тоа не се минливите трендови. Тоа се безвременските основи на секој добро изграден гардеробер — квалитетна кожена јакна, едноставни црни чизми, добро скроени фармерки, бела кошула и впечатлива, но функционална чанта. Токму овие парчиња ја создаваат базата врз која може да се гради секоја комбинација. Тие се сигурна основа, но и простор за креативност — бидејќи можат да се стилизираат на безброј начини, секогаш различно, а секогаш со личен печат.

Даниела Ѓуровска
Во кои комбинации се чувствуваш најудобно и најмоќно – во лежерните или во поелегантните?

Веројатно во поелагантните, обожавам палта кои па среќа сега се комбинираат и во дневни и спортски варијанти со дуксер. Имам премногу палта, мислам дека морам јавно да кажам дека морам да престанам да купувам нови (хахаха), не знам дали има боја во која немам сако. Периодов ги обожавам комбинациите со целосно одело, кошула и кравата. Тотално ми е „go to“ комбинација за на работа. А рака на срце, фотографиите кои ги гледате кај мене на Инстаграм се најчесто од комбинациите кои ги носам на работа.

Даниела Ѓуровска
Даниела Ѓуровска
Даниела Ѓуровска
Мајчинството донесе нова димензија во твојот живот. Колку те промени како жена и дали влијаеше врз твојот стил?

Баба ми велеше, ни до продавница не се оди „несреден”... Го практикувам тоа до ден-денес

Целосно, како жена и како личност. Во однос на стилот, се трудев да го задржам и во периодот на породилно отсуство. Иако телото се менува, верувам дека грижата за себе е дел од психолошката рамнотежа. Денот е поубав кога ќе одвоиш време да се подготвиш и да изгледаш добро, за себе. Баба ми велеше, ни до продавница не се оди „несреден”... Гледам да го практикувам до ден-денес.

Твоите усогласени комбинации со синот се вистинско модно задоволство. Колку уживаш во процесот на создавање заеднички комбинации, што ти е најтешко, а што оди најлесно?

Многу сакам кога сме модно усогласени со Давуд

Најтешко е да не се извалка 5 минути пред да излеземе и да не морам да го пресоблечам (хаха). Многу сакам кога сме усогласени, но не секогаш ми успева, веројатно тоа е почесто за некој настан, роденден и слично. На крајот на денот, ми е најважно да му е удобно.

Даниела Ѓуровска
Даниела Ѓуровска
Даниела Ѓуровска со синчето Давуд
Модата во бременоста често знае да биде предизвик. Како ти го доживеа тој период и што научи за женското тело и стилот во таа фаза?

Беше предизвик, но и лекција за моќта на женското тело. Се здебелив 25 килограми и искрено уживав во храната повеќе од што требаше. Но, со тек времето, телото се врати во баланс. Тоа искуство ме научи на трпение и прифаќање... Имав период кога бев и послаба отколку пред бременост, веројатно недоволното спиење, доењето и уморот го направија своето.

Според тебе, кое е едно безвременско парче што секоја жена треба да го има во својот гардеробер, а што е задолжително за една модерна мајка?

Квалитетна кошула и фармерки со соодветен крој за вашата конструкција, исто и добро скроено палто. Тоа се темели за добар стил... трендовите се менуваат, но основата останува..

Твојата коса и препознатливата боја се дел од твојот заштитен знак. Како ја негуваш и колку е важна косата во целокупниот изглед?

Често ми велат дека изгледа како да не е мојата природна боја, што секогаш ми е интересно да го слушнам. Имам среќа што косата ми е густа и здрава, па барем засега немам потреба да експериментирам со бојата. Искрено, мислам дека токму таа стана дел од мојот визуелен идентитет.

Верувам дека косата е рамка на лицето и клучен елемент во целокупниот изглед

Негата ми е константа. Користам неколку проверени производи и се трудам да ѝ посветам внимание секојдневно, бидејќи косата бара грижа исто како и кожата. За жал, не сум од оние што можат да носат иста фризура со денови и да изгледа уредно, секое утро морам да издвојам барем десетина минути за да ја стилизирам. Верувам дека косата е рамка на лицето и клучен елемент во целокупниот изглед. Можете да бидете беспрекорно облечени, но доколку косата не е уредна и соодветно стилизирана, впечатокот останува недовршен.

Даниела Ѓуровска
Даниела Ѓуровска
Секогаш изгледаш природно средено. Кои се твоите секојдневни „beauty“ ритуали и можеш ли да споделиш неколку трикови за природна, свежа шминка?

Ајлајнерот и маскарата се апсолутен минимум без кој не излегувам од дома

Со години сум верна на едноставна и доследна рутина. Утрото ми започнува со кафе и неколку мирни минути пред огледало – тоа е мој мал личен ритуал. Ајлајнерот и маскарата се апсолутен минимум без кој не излегувам од дома. Сакам нагласен поглед, но без претерување. Кармин во нежна „nude“ нијанса е мојот сигурен избор, а природно обликувани веѓи и суптилно руменило додаваат свежина.

Мојата филозофија е шминката да ја истакне природната убавина, а не да ја прикрие. Свеж тен, дискретен сјај и балансирани акценти – тоа е формулата на која ѝ се навраќам секој ден.

Даниела Ѓуровска
Даниела Ѓуровска
Каква порака би им ја дала на жените и мајките кои сакаат да изградат свој стил, а притоа да останат верни на себе?

Стилот не е копија – тој е личен израз

Денес инспирацијата ни е поблиску од кога било. Но, покрај сета достапност, најважно е да знаете што сакате да кажете со својот изглед. Стилот не е копија – тој е личен израз. Не е потребен преполн гардеробер за да изградите впечатлив стил. Напротив, започнете со квалитетна база од парчиња што лесно се комбинираат и надградувајте постепено. Експериментирајте, но внимателно и со чувство за прилика.

Доколку сакате да внесете карактер, нека тоа биде едно впечатливо парче, чевли во силна боја, капут што привлекува внимание или здолниште со интересен крој. Веројатно не е добра идеја од старт да си „all in“, бидејќи иако јас не го почитувам правилото „less is more”, шансите за да погрешите кога ќе изберете минималистички аутфит се веројатно многу помали отколку да „претерате” во избор.

И, можеби најважно – инвестирајте во парчиња што ќе ги носите со години. Гардероберот не треба да се полни сезонски, туку да се гради внимателно. Стилот е процес, а најубав е кога е искрен и личен.

Даница Караташова Илиоска / Femina.mk

Tags
Даниела Ѓуровска

Најнови

  • Даниела Ѓуровска

    „Не го почитувам правилото 'less is more' – сакам бои, палта и личен печат во сè“: Даниела Ѓуровска за модата и мајчинството

    Sun, 03/29/2026 - 18:10
  • Наташа Таскоска

    „Со Таско изградивме љубов што не е совршена, но е вистинска и издржала сѐ“: Таша за бракот и мајчинството

    Sat, 03/28/2026 - 16:00
  • Науката против дезинформациите: И Франција потврди дека алтернативните никотински производи се помалку штетни од цигарите

    Sat, 03/28/2026 - 13:00
  • Маркетинг
  • Импресум
  • Услови за користење
  • Приватност
  • RSS

© 2026 Femina.mk. Сите права задржани

Содржините на Femina.mk се заштитени со Законот за авторски права.
За секоја форма на користење на делови од овој веб сајт или цели статии за комерцијални цели, потребна е писмена согласност од Femina.mk.