• Маркетинг
  • 🔥 Новости
  • ♏ Хороскоп
  • 🌙 Соновник
  • 💬 Форум
  • Новости
  • Категории
    • Убавина и мода
    • Љубов и секс
    • Диети и фитнес
    • Рецепти
    • Здравје
    • Семејство
    • Дом и градина
    • Кариера
    • Забава
    • Колумни
  • Хороскоп
  • Соновник
  • Форум
  • Маркетинг
  • Импресум
  • Услови за користење
  • Приватност
  • RSS
Актуелно

„Научив да функционирам со 4 часа сон и да сменам 3 пелени за 2 минути“: Горан Папаз за растењето на ТРОЈКА и татковството

26 ноември 2025, 11:35
  • cподели

Кога не е на сцената со саксофонот во рака, Горан Папаз дома живее една уште погласна симфонија, онаа на татковството. Заедно со сопругата Наташа, постариот син Дамјан и трите најмали члена – Луна, Лена и Лазар, го живее најубавиот хаос што може да му се случи на едно семејство.

Тројката, родена предвреме и со силна борбеност од првиот ден, го променила секој аспект од неговото секојдневие, но пред сè, го зацврстила неговиот брак и му дала уште тројно љубов и трпение.

Моментот кога дознале дека не е едно, туку три бебиња, дошол како најнеочекуван благослов. Музичарот искрено се навраќа на тој ден и за Фемина споделува дека бил „ролеркостер од емоции“:

„Знаејќи го ризик факторот, а не е мал, не ти е сеедно воопшто и дефинитивно си исплашен. И во етапи, како поминуваа прегледите, сфаќавме дека сѐ е во ред со бебушите и со мама, па полека ни се губеше и стравот.“

Лена, Луна и Лазар се родени предвреме, па првите денови од нивните животи биле паралела на страв и надеж. Но, секојдневните мали победи им давале сила.

„Најмногу ни помогна тоа што гледавме дека се во сигурни раце. Немам зборови за професионалната нега и грижа што ја добиваа на клиника, додека беа во инкубатор. Секојдневното напредување и допирот од пет мали прстиња што ти го држат прстот на твојата рака. Ете, тоа“ – со благодарност раскажува Папаз.

Сепак стравовите, вели, најмногу биле присутни баш тогаш:

„Првите три дена кај секое новороденче, посебно кај предвремено родените бебиња, се најризични и буквално за две минути може да се смени целосната здравствена слика. Во нашиот случај, сѐ беше ОК, од ден на ден напредуваа и така исчезнуваше и стравот... Материјалните работи ми се релативни, некогаш и да фали нешто, не е крај на свет. Сѐ додека сите се здрави и среќни, немам стравови. Секоја друга пречка се надминува.“

Денес, кога Луна, Лена и Лазар се на само еден месец од првиот роденден, домот на семејството Папаз е полн со детски плач, смеа, чекорење, обиди за зборување… и многу неред, кој тие го прифаќаат како дел од најубавата авантура, во која најголем предизвик е:

„Да ги заспиеме сите три одеднаш... ќе успееме некогаш, се надевам. Шала на страна, има повеќе предизвици, ама така сме веќе уиграни во целиот тој процес што веќе сѐ ни станува нормално.“

Кај нив нема строга поделба на „машки“ и „женски“ задачи, иако Горан со насмевка признава дека Наташа најубаво готви:

„Вика дека уживала во тоа, па да не ѝ го кратам задоволството, ја оставам, нека си готви. Јас сум повеќе по салатите, ме смирува сецкањето зеленчук. Останатите домашни обврски се заеднички, кој стигне прв ги завршува и така секој ден...“

Односот со сопругата не само што не се променил, туку се продлабочил:

„Тројката нè возвиши и нè направи најгорди и најсреќни на цел свет. Бракот и пред да ни се родат Лена, Луна и Лазар ни беше жива хармонија, сега таа хармонија е само збогатена со нови три музичари.“

Горан често јавно ѝ оддава признание на сопругата. Ја нарекува „принцеза“ и „супермама“, и тоа со причина:

„Нате ми е супермама, столбот на семејството. Грижлива, внимателна и посветена. Не само како мајка, туку и како сопруга. Убавото кај жените е што природно си го имаат мајчинскиот инстинкт, така што немаше никакви потешкотии во снаоѓањето со децата.“

Постариот син Дамјан, пак, ја доби најважната животна улога – да биде големиот брат:

„Прво не му беше јасно како е можно да има три бебиња во стомак. Неколку пати доаѓаше со нас на ехо и така полека почна да ја 'вари' таа информација. Сега е буквално поголемиот брат секој што би го посакал. Ни помага, ги анимира, ги придржува кога треба. Златно братче.“

Со оглед на тоа дека децата се родени на 30 декември, минатата Нова година ја дочекаа во болница. Затоа, оваа ќе биде поинаква и потопла.

„Нема да правиме голем роденден, затоа што мислам дека секој прв роденден со многу гужва е многу стресен за самите деца. Ќе биде тоа домашен амбиент со три торти и ќе ни биде генерална проба за новата година што ни доаѓа. Благодарни до небото и назад“ - открива саксофонистот.

Без многу размислување, искрено кажува што би сакал да им остави како роденденска порака за денот кога ќе бидат доволно големи да ја разберат:

„Да бидат здрави и насмеани. Да се радуваат на мали нешта и да нè сакаат нас (мама и тато) дури сме живи.“

А кога зборува за себе, открива што сѐ го научило татковството на три деца одеднаш. Со малку хумор и многу искреност, додава:

„Па дека можам да функционирам само со четири до пет саати спиење. Дека можам да сменам три пелени за две-три минути и многу други суперхеројски вештини...“

Во тие неколку реченици, се гледа и уморот и силата, и неверувањето и гордоста. Секој што има едно дете ќе го разбере. А секој што има две, три, четири.. уште повеќе.

А кога треба да даде совет за другите родители кои се соочуваат со слични предизвици, Папаз не држи предавања. Наместо тоа, нуди практична мудрост, полна со ведрина:

„Да бројат секогаш до десет, да слушаат докторите што им кажуваат и може по едно пиво пред спиење.“

Даница Караташова Илиоска / Femina.mk
 

Tags
Горан Папаз

Најнови

  • Бреинобреин натпревар во Дубаи

    6 трофеи и 5 златни медали во Дубаи за мали математички генијалци од Македонија

    Thu, 11/27/2025 - 13:55
  • Празнична магија: Божиќниот базар во Келн изгледа неверојатно

    Thu, 11/27/2025 - 13:52
  • Кралска елеганција: Летиција во црна креација и тијара од Картие на гала-вечера

    Thu, 11/27/2025 - 11:55
  • Маркетинг
  • Импресум
  • Услови за користење
  • Приватност
  • RSS

© 2025 Femina.mk. Сите права задржани

Содржините на Femina.mk се заштитени со Законот за авторски права.
За секоја форма на користење на делови од овој веб сајт или цели статии за комерцијални цели, потребна е писмена согласност од Femina.mk.