• Маркетинг
  • 🔥 Новости
  • ♏ Хороскоп
  • 🌙 Соновник
  • 💬 Форум
  • Новости
  • Категории
    • Убавина и мода
    • Љубов и секс
    • Диети и фитнес
    • Рецепти
    • Здравје
    • Семејство
    • Дом и градина
    • Кариера
    • Забава
    • Колумни
  • Хороскоп
  • Соновник
  • Форум
  • Маркетинг
  • Импресум
  • Услови за користење
  • Приватност
  • RSS
Дете

„Најголемата грешка е кога го спасуваме детето од секоја фрустрација“: Марија Саздева со златни совети за сите родители

9 ноември 2026, 01:55
  • cподели

Како да поставиме граници без викање? Како да изградиме доверба и самодоверба кај детето? И како да бидеме доволно добри родители, без постојано чувство на вина?

За овие, но и за многу други важни теми поврзани со родителството, разговаравме со Марија Саздева, магистер по психолошки науки, автор и основач на Golden Academy за родители. 

Како мајка на три деца и долгогодишен меѓународен едукатор, таа им помага на семејствата да изградат мирни и здрави односи со своите деца, па така за Фемина споделува практични совети како да воспитаме самоуверени, одговорни и емоционално стабилни личности.

Дали сметате дека современото родителство е потешко од родителството порано? Зошто?

Суштината не е во тоа да се натпреваруваме која генерација била подобра, туку да го земеме најдоброто од двата света

Не би рекла дека родителството порано било полесно, туку дека било тешко на поинаков начин. Претходните генерации имаа помалку ресурси, помалку информации и често се соочуваа со потешки физички и материјални услови. Современото родителство, од друга страна, од физички аспект е значително олеснето благодарение на технологијата, но од психолошки аспект е значително посложено.

Денешните родители се соочуваат со нешто што порано речиси не постоеше во оваа мера: когнитивно преоптоварување и постојано внатрешно преиспитување дали постапуваат правилно.

Порано родителството се базираше на традиција, јасна семејна заедница и автоматизирани обрасци „се знаеше како се прави“. Денес, социјалната поддршка од проширеното семејство ја нема во толкава мера, а родителот е опкружен со информациски шум, илјадници совети, книги, профили и спротивставени теории. Во еден момент слуша дека треба да биде нежен, во следниот дека мора да биде построг; дека детето треба да биде самостојно, но и постојано заштитено; дека треба да постави граници, но да не предизвика трауми...

Дополнително, живееме во забрзан ритам каде од родителите се очекува да балансираат меѓу кариерата, егзистенцијата, организацијата на активностите и домот, а истовремено да бидат постојано присутни, смирени и емоционално регулирани. На сето ова се додава и дигиталниот свет - простор за кој ние самите немаме мапа, а денес мораме да ги водиме нашите деца низ него.

Но, современиот родител ја има и најголемата предност во историјата: повеќе знаење за детскиот развој, емоциите, приврзаноста и влијанието на семејната атмосфера.

Суштината не е во тоа да се натпреваруваме која генерација била подобра, туку да го земеме најдоброто од двата света: јасната структура, границите, вредностите и стабилниот авторитет од порано, обединети со современото разбирање на детските потреби, емоции и индивидуалност.

Со кои најголеми предизвици се соочуваат родителите денес?

1. Физичко присуство, а ментална отсутност 

Еден од најголемите предизвици е што родителите често се физички присутни, но ментално се на десетици различни места истовремено. Телото е дома, а умот е во работата, обврските, пораките и следната задача. Детето, од друга страна, не ја мери љубовта и сигурноста според часовите поминати во иста просторија, туку според тоа колку било видено, слушнато и почувствувано.

2. Борбата со дигиталното детство

Телефоните, социјалните мрежи и видеоигрите не се само уште една играчка - тие се цел систем дизајниран да го задржи вниманието преку брза допаминска стимулација. Родителот денес е во постојана исцрпувачка борба со исклучително моќни механизми.

3. Родителска несигурност и јаз меѓу теоријата и праксата 

Многу родители денес многу добро знаат што не сакаат да прават - не сакаат да викаат, да казнуваат или да понижуваат. Но, нивниот најголем предизвик е што не знаат што конкретно да направат наместо тоа.

4. „Burnout“ и функционирање на „празен резервоар“ 

Не можеш да дадеш од сад што е празен. Хроничниот стрес, постојаната брзање и занемарувањето на сопствените потреби доведуваат до тоа родителите да функционираат на самата граница на трпението. Во таква состојба, и најмалата детска непослушност се доживува како криза, а емоционалната регулација станува речиси невозможна.

5. Заблудата за совршенство и губењето на здравиот авторитет 

Постои огромен внатрешен притисок дека секој момент мора да биде едукативен, совршен и без никакви конфликти. Оваа загриженост ги води родителите во две крајности: или влегуваат во строга контрола од страв да не ја изгубат ситуацијата од раце, или одат во претерана попустливост и страв да му се замерат на детето, со што несвесно му ја одземаат сигурноста што ја дава здравиот родителски авторитет.

Кои се најчестите грешки коишто ги прават родителите, со добра намера?

Најголемите грешки речиси никогаш не доаѓаат од лоша намера, туку од желбата да му помогнеме, да го заштитиме или да го олесниме патот на детето. Меѓутоа, некои од тие постапки го имаат спротивниот ефект и долгорочно прават големи штети.

1. Спасување од секоја фрустрација и непријатност  

Родителот му ја носи заборавената тетратка, ја завршува задачата наместо него, веднаш интервенира во секој конфликт со врсниците или попушта штом детето ќе покаже разочарување. Намерата е да го заштити, но кога го спасуваме детето од секој неуспех, тага или фрустрација, му ја одземаме можноста да развие емоционална отпорност (резилиентност). Пораката што несвесно му ја испраќаме е: „Ти немаш капацитет самиот да се справиш со ова.“

2. Прекумерно зборување, предавања и објаснување во погрешен момент

Родителите објаснуваат, потсетуваат, убедуваат и ја повторуваат истата лекција десетпати со желба детето конечно да разбере. Но, кога детскиот мозок е преплавен, уморен или емоционално вознемирен, неговиот рационален дел е исклучен - тој едноставно не е подготвен за учење. Во тој момент, и најдоброто воспитување наидува на затворена врата.

3. Недоследност на границите во зависност од расположението

Денес нешто е строго забрането, а утре (поради умор, стрес или чувство на вина) - е дозволено. Кога границата варира во зависност од тоа колку родителот е уморен или расположен, детето не учи дека правилото е стабилна рамка, туку учи дека со доволно притисок, викање или плачење може да го промени одговорот.

4. Празни пофалби и етикетирање наместо повратна информација за трудот

Родителите често го фалат детето „Ти си најпаметна“, „Ти си најдобар“... Звучи позитивно, но ова гради кревка самодоверба заснована на очекувања. Наместо тоа, на детето му е потребна конкретна повратна информација за процесот: „Забележав колку внимателно работеше“, „Не се откажа иако беше тешко“.

5. Мешање на однесувањето со идентитетот на детето 

Кога во момент на фрустрација користиме изјави како: „Ти си мрзлив“, „Безобразна си“, „Секогаш си неодговорна“, ние го напаѓаме идентитетот на детето. Однесувањето треба да се коригира, но идентитетот мора да остане заштитен. Детето може да направи неодговорен избор, но тоа не значи дека е неодговорно дете.

6. Замена на емоционалната достапност со материјални работи

Во трката со времето, со цел да ја компензираат својата отсутност или умор, родителите често нудат материјални награди, играчки или прекумерни активности. Сепак, материјалното никогаш не може да ја замени длабоката потреба на детето да биде емоционално видено и почувствувано.

Што е поважно во воспитувањето - правилата или односот со детето?

Односот е основата, а правилата се рамката. Едно без друго не можат да функционираат здраво, но редоследот и нивната меѓусебна поврзаност се од пресудно значење.

Правилата, без претходно изграден однос и емоционална поврзаност, децата најчесто ги доживуваат како притисок и контрола. Во таква поставеност, тие не развиваат внатрешна дисциплина и вистинско разбирање, туку влегуваат во отпор, бунт, стравопочит или манипулација. Со други зборови, не учат зошто одредено правило е важно, туку само како да ја избегнат казната.

Од друга страна, кога детето се чувствува длабоко видено, слушнато, разбрано и сигурно покрај родителот, кај него природно се зголемува потребата за соработка.

Тогаш правилата престануваат да бидат сува контрола и стануваат заштитен ѕид. Односот е оној што му дава смисла на тој ѕид и на детето му порачува: „Ти ги поставувам овие граници затоа што те сакам и затоа што твојата безбедност и твојот развој ми се важни.“

Без однос, правилата се само притисок. Со изграден однос, тие стануваат сигурност, структура и водство.

Марија со сопругот и ќерката

Многу родители се жалат дека детето ги слуша само кога ќе повишат тон. Како да воспитаме дете кое соработува и ги почитува границите без постојано викање, закани и карање? Што е најважно родителите да разберат за детското однесување и како треба да постапат во такви ситуации, како да останат смирени и доследни?

Кога родителот вели: „Ме слуша само кога ќе викнам“, јас најпрво би прашала: што се случува во десетте минути пред викањето?

Најчесто родителот прво кажува нешто од далечина. Потоа повторува. Потоа предупредува. Потоа преговара. Потоа се нервира. И дури кога ќе повиши тон, станува, се приближува и навистина ја спроведува границата. И така детето научило дека треба да соработува кога родителот вика. Научило дека првите пет пораки не се сериозни и дека вистинската граница започнува дури со викањето.

Затоа, првата промена е: помалку зборови, повеќе присутност и порано дејствување. Приближете се. Воспоставете контакт. Кажете кратко што треба да се случи. Дајте мал простор за избор кога е можно и мирно помогнете границата да се спроведе.

На пример: „Време е да го исклучиме телевизорот. Сакаш ти да го изгасиш или јас?“. Ако детето одбие, не влегувајте во бескрајни објаснувања.

Валидирајте и помогнете: „Гледам дека ти е тешко да ја прекинеш играта. Ајде, јас ќе ти помогнам“ . Спроведете ја границата и оставете му простор на детето да го изрази своето незадоволство или тага.

Најважно е да разбереме дека однесувањето не е секогаш свесна одлука против родителот. Понекогаш детето е преоптоварено, уморно, гладно, вознемирено, длабоко внесено во игра или сè уште нема доволно развиена самоконтрола. Тоа не значи дека треба да го дозволиме однесувањето. Значи дека треба да го избереме начинот што навистина го учи.

За родителот да остане смирен, мора да престане детското однесување да го доживува како лична навреда или доказ дека е неуспешен родител. Кога во себе мислиме: „Мора веднаш да ме послуша“, „Намерно ме провоцира“, „Ме прави будала“, нашиот нервен систем ја доживува ситуацијата како закана. Тогаш не водиме, туку реагираме.

Смиреноста не значи дека никогаш нема да почувствуваме лутина. Значи дека нема да ѝ дозволиме на лутината да ја преземе родителската улога. Понекогаш тоа значи една пауза, неколку вдишувања, чаша вода или една реченица кон себе: „Не морам сè да решам во оваа секунда.“

Доследноста, пак, не е секогаш да кажуваме исто. Доследност е нашето однесување да ја потврдува нашата порака. Ако сме кажале дека е време за спиење, не водиме четириесетминутни преговори. Ако сме кажале дека не дозволуваме удирање, го запираме удирањето. Мирно, но навистина.

Кога дисциплината е ефикасна, а кога станува контрапродуктивна?

Дисциплината станува контрапродуктивна кога е водена од фрустрација и несвесна желба детето да страда затоа што и родителот во тој момент страда

Дисциплината е ефикасна кога детето од неа учи што да направи следниот пат.

Ефикасната дисциплина е секогаш поврзана со конкретното однесување, развојно соодветна, временски блиска до ситуацијата, гради вештини и го зачувува достоинството на детето. На пример, ако детето истури нешто намерно, логично е да учествува во чистењето. Ако сè уште не знае како, тука сме ние да помогнеме, да го упатиме и да го насочиме низ процесот. Ако ја оштети играчката на братот, учествува во поправањето на штетата. Тоа е учење на одговорност преку водење.

Дисциплината станува контрапродуктивна кога е водена од фрустрација и несвесна желба детето да страда затоа што и родителот во тој момент страда. Кога казната е предолга, неповрзана, непредвидлива или понижувачка, детето не размислува: „Што можам да научам од ова?“, туку: „Како да не ме фатат следниот пат?“, „Не ме разбираат“ или „Јас сум лош“.

Стравот може краткорочно да запре одредено однесување, но нашата цел не е само дете кое е мирно и послушно пред нас. Целта е дете кое постепено гради внатрешна самоконтрола - и тогаш кога ние не сме присутни.

Како да го научиме детето на одговорност уште од мала возраст?

Одговорноста не се предава со предавања и лекции, туку се гради преку доверба, практики и мали искуства во кои детето чувствува: „Јас можам и јас придонесувам.“

За да го развиеме овој капацитет од мала возраст, неколку принципи се клучни:

1. Не го правете за детето она што тоа може да го направи само

Ова е најголемиот предизвик за родителите. Многу е важно родителот да не ја презема задачата веднаш штом детето е бавно, се нервира, му е тешко или не ја извршува совршено. Кога го спасуваме од процесот затоа што сме брзи или нетрпеливи, му ја испраќаме несвесната порака дека не е способно.

2. Повикајте го да учествува, а не да „помага“

Кога детето „помага“, тоа прави услуга на родителот во неговиот дом. Кога учеството е дел од секојдневието (собирање на играчките, поставување на масата, подготвување на ранецот), детето учи дека е рамноправен и важен член на семејниот систем со свој сопствен придонес.

3. Учење преку природни последици 

Дајте му простор за мали одлуки и оставете го да ги почувствува природните последици од своите избори - секогаш во безбедни рамки. Ако не го прибра приборот за цртање, следниот пат нема да може да ги најде боичките. Одговорноста се раѓа токму во тој простор помеѓу изборот и последицата.

4. Забележување на одговорноста и кога сè е во ред 

Многу е важно да не бараме одговорност само кога нешто ќе тргне наопаку. Важно е да ја именуваме и вреднуваме кога се појавува: „Се сети сам без да те потсетам“, „Ја заврши задачата иако не ти се работеше“, „Му кажа на другарчето дека си згрешил, тоа бара храброст“ . Така детето учи што точно значи да се биде одговорен човек.

Кои вредности најмногу недостигаат кај децата денес?

Децата се огледало на средината што ја создаваме ние, возрасните.

Јас би била внимателна со тврдењето дека на децата денес им недостигаат вредности. Децата се огледало на средината што ја создаваме ние, возрасните. Не можеме да очекуваме трпение од дете кое живее во свет во кој секоја содржина се менува со едно движење на прстот. Не можеме да очекуваме почит ако детето гледа дека луѓето меѓусебно се понижуваат. Не можеме да очекуваме благодарност ако постојано му даваме повеќе пред воопшто да успее да посака.

Сепак, сметам дека денес особено треба свесно да ги негуваме трпението, одложувањето на задоволството, истрајноста, благодарноста, личната одговорност, емпатијата и способноста да се поднесе непријатност без веднаш да се побегне од неа.

Но, вредностите не се пренесуваат само преку говор. Детето учи благодарност гледајќи како ние се однесуваме кон луѓето. Учи одговорност гледајќи дали ги признаваме сопствените грешки. Учи почит според начинот на кој разговараме со него и со другите. Учи самоконтрола гледајќи што правиме ние кога сме лути.

Затоа прашањето не е само: „Како да го научам детето на вредности?“ Туку и: „Која вредност ја живее нашето семејство секој ден?“

Што би им порачале на родителите кои чувствуваат вина дека не прават доволно?

Најпрво би им рекла: чувството на вина не е доказ дека сте лош родител. Многу често е доказ дека ви е важно.

Но, постојаната вина е лош сопатник во родителството. Таа нè држи во самоказнување, нè убедува дека постојано потфрламе и ни ја одзема енергијата што ни е потребна за вистинска промена.

Ниту едно дете не добива совршено детство и ниту еден родител не реагира правилно во секоја ситуација. На децата не им треба совршен родител. Им треба доволно стабилен родител кој знае да се врати, да признае кога погрешил, да поправи и да продолжи да учи.

Наместо постојано да се прашувате: „Дали правам доволно?“, прашајте се: „Кој мал, реален чекор можам да го направам денес?“

Можеби тоа се пет минути целосно присуство. Можеби едно искрено извинување. Можеби една граница што конечно ќе ја поставите и доследно ќе ја спроведете. Можеби одмор пред да изгубите контрола. Можеби одлука денес да не ја повторите истата реакција од вчера.

Родителството се подобрува преку свесност, поправка и многу мали избори што се повторуваат. Затоа не трошете ја целата сила прашувајќи се дали сте направиле доволно. Насочете ја кон следниот добар чекор што можете да го направите.

Како родителите да се справат со сопствениот стрес за да не го пренесуваат на децата?

Родителот не може целосно да го спречи детето да забележи дека е под стрес. И не треба да глуми дека секогаш е добро. Но, важно е детето да не стане место каде што родителот несвесно го истура сето она што не успеал да го регулира во текот на денот.

Првиот чекор е да ги препознаеме сопствените сигнали пред експлозијата: стегната вилица, забрзано дишење, нетрпеливост, чувство дека „сите нешто бараат од мене“. Кога ги забележуваме порано, имаме поголем избор.

Потребни се кратки, реални начини на регулација: пауза, вода, движење, неколку бавни издишувања, тишина, разговор со возрасна личност, подобар сон или прераспределување на обврските. Не секој одмор е вистински одмор. Бескрајното скролање често не го обновува нервниот систем, туку дополнително го празни.

Важно е родителот да научи да каже: „Во моментов сум премногу вознемирена за добро да разговарам. Ќе се смирам и ќе продолжиме.“
А кога сепак ќе го пренесеме стресот, потребна е поправка: „Бев под голем притисок, но не требаше да разговарам така со тебе. Ти не си виновен за мојот стрес.“

Кои секојдневни навики можат најмногу да го подобрат односот родител-дете?

Не се потребни спектакуларни ритуали. Најголема промена често носат малите моменти што се повторуваат.

Првата навика е кратко, неподелено внимание. Пет или десет минути во кои телефонот е тргнат, а родителот навистина е со детето. Без испрашување, без поправање, без паралелна задача.

Втората е топол контакт при повторно среќавање - кога детето се буди, се враќа од градинка или училиште, или кога родителот се враќа од работа. Начинот на кој се среќаваме создава чувство: „Мило им е што ме гледаат.“

Трета навика е секој ден да забележиме нешто добро што не е само резултат или успех: труд, храброст, искреност, внимание, хумор, обид за самоконтрола.

Четврта е да имаме барем еден семеен момент без екрани и брзање - оброк или кратка прошетка, разговор пред спиење, заедничка задача...

И петта е да го затвораме денот без нерешена емоционална војна кога тоа е можно. Не мора секој проблем да биде решен пред спиење, но детето треба да знае: „Иако денес беше тешко, ние сме добро. Утре продолжуваме.“

По долгогодишна работа со родители и деца, на која животна лекција најмногу ве научи ова искуство?

Најмногу ме научи дека зад однесувањето речиси секогаш има приказна што не ја гледаме на прв поглед.

Зад „безобразното“ дете може да има страв. Зад „мрзливото“ дете може да има несигурност, преоптовареност или страв од неуспех. Зад родителот кој вика може да има години исцрпеност, осаменост и чувство дека сè мора сам. Тоа не значи дека секое однесување треба да се оправда. Значи дека вистинската промена започнува дури кога ќе погледнеме под површината.

Научив и дека односите не се градат преку говори, туку во илјадници мали моменти: како го гледаме детето кога греши, дали го слушаме кога ни кажува нешто што не ни се допаѓа, дали остануваме присутни кога е тешко и дали умееме да се вратиме по сопствената грешка.

И можеби најважно: децата не нè бараат совршени. Нè бараат вистински, стабилни и подготвени да растеме заедно со нив.

Кој совет би сакале секој родител да го слушне барем еднаш?

Љубов без водство не е доволна. Водство без љубов не е доволно. На детето му се потребни и корени и крилја, и граници и слобода, и сигурност и предизвик.

А на родителот му е потребно да знае дека не е доцна. Односот може да се поправи. Образецот може да се промени. Нов начин на комуникација може да се научи.

Само не одложувај. Почни денес и почувствувај ја најубавата страна на родителството.

Даница Караташова Илиоска/ Femina.mk

Tags
Марија Саздева
воспитување

Најнови

  • Eucerin

    Убавината по 25-тата: Eucerin Hyaluron-Filler + Longevity Epigenetic, кога науката ѝ помага на кожата да остане своја

    Mon, 11/09/2026 - 12:16
  • Јован Јованов и Тони Зен

    Јован Јованов и Тони Зен го објавија спотот за „Уште ми требаш“, продолжението на култната „Итно ми требаш“

    Mon, 11/09/2026 - 11:50
  • Јаков Јозиновиќ го пронајде својот двојник на концертот во Марибор и го повика на сцената, следуваше музичко изненадување

    Mon, 11/09/2026 - 11:48
  • Маркетинг
  • Импресум
  • Услови за користење
  • Приватност
  • RSS

© 2026 Femina.mk. Сите права задржани

Содржините на Femina.mk се заштитени со Законот за авторски права.
За секоја форма на користење на делови од овој веб сајт или цели статии за комерцијални цели, потребна е писмена согласност од Femina.mk.