Најдобрата македонска голгетерка Наташа Андонова за фудбалот: „Имаше коментари ‘Ова не е за девојчиња’“
Кога ќе се спомене женскиот фудбал во Македонија, првата асоцијација е Наташа Андонова. Капитенка на националниот тим, најдобар стрелец во нашата историја, актуелна првотимка на шпанскиот Madrid CFF... таа поседува интернационална кариера на која би позавидел речиси секој македонски фудбалер, без оглед на полот.
Израсната во Неготино, во семејство во кое фудбалот е традиција, нејзиниот пат започнува на локалните терени рамо до рамо со момчињата. Нејзиниот несекојдневен талент и победнички менталитет ја одведоа од домашните клубови директно во дресовите на европските гиганти како PSG, Barcelona и Levante.
Денес, на 30 години, незапирливата спортистка доминира на шпанските терени и континуирано ги руши стереотипите. Токму затоа, 8 Март е идеалниот повод за разговор со најдобрата македонска фудбалерка. За Фемина, Андонова искрено зборува за своите почетоци, предизвиците во спортот, но и за приватната страна од животот. Нејзината порака е јасна: соништата немаат пол, а граници постојат само ако самите си ги поставиме.
Се сеќаваш ли на моментот кога првпат се вљуби во фудбалот и кога почувствува дека можеби тоа е твојата животна судбина?
Се сеќавам како вчера да беше. Бев дете од Неготино, а топката беше мојот најдобар другар. Тоа не беше само игра – беше чувство на слобода. Кога првпат излегов на терен и почувствував адреналин, знаев дека ова е нешто повеќе. Не беше само хоби, тоа беше вистинска љубов! Во тој момент сфатив дека фудбалот ќе биде дел од мојот идентитет.
Твојот пат те однесе од Неготино до најголемите европски клубови. Кој беше најтешкиот момент во таа транзиција и дали некогаш се посомнева во себе?
Преминот од мал град во голем европски систем беше шок. Нов јазик, нова култура, далеку од семејството. Имаше моменти кога се сомневав во себе, имаше доста предизвици, но секој сомнеж го претворав во дополнителна работа на себе, како физички, така и ментално. Секој тежок период беше лекција да научам нешто повеќе за себе!
Дали како девојче што избра „машки спорт“ се соочи со предрасуди, сомнежи или потценување? Што ти помогна да останеш силна и да продолжиш напред?
Да, имаше коментари од типот на „Ова не е за девојчиња“. Но, јас никогаш не гледав на фудбалот како машки или женски спорт – туку како страст. Кога веруваш во себе, бучавата станува тивка. Силата ја црпев од мојата љубов кон играта и од поддршката на најблиските без кои нема да сум денес тоа што сум. Доживотно сум им благодарна на мајка ми, татко ми и сестра ми!
Кога за првпат почувствува дека стануваш препознатливо име и дека твојот труд почнува да се препознава и надвор од Македонија? Дали успехот те промени како личност?
Кога почнаа да ме препознаваат надвор од Македонија и кога моето име се споменуваше во европски медиуми. Особено по признанието во 2010 година. Но, успехот не ме промени, само ми ја зголеми одговорноста. Секогаш сум истата девојка од Неготино, само со поголеми цели.
Што се жртвува за да се биде врвен спортист? Кој беше најголемиот личен предизвик што мораше да го надминеш?
Комфор. Време со семејство. Нормален младински живот. Дисциплината е секојдневна жртва. Најголемиот предизвик беше менталниот – да останеш силен кога си повреден, кога не играш, кога си далеку од дома.
Што претставува за тебе 8 Март – Денот на жената? Што значи да се биде силна и независна жена во денешниот свет кој често поставува граници?
8 Март е потсетник дека силата на жената не е во тоа да се докажува, туку во тоа да биде своја. Да се биде силна и независна жена денес значи да ги рушиш границите што општеството ги поставува, но и оние што самата си ги поставуваш.
Како капитен и лидер, која е најважната порака што сакаш да им ја пренесеш на младите девојки кои сонуваат да тргнат по твојот пат?
Не дозволувај никој да ти каже дека нешто „не е за тебе“. Работи во тишина. Биди дисциплинирана.
Талентот отвора врата, карактерот те задржува внатре.
Како гледаш на женскиот фудбал во Македонија денес? Што мора да се промени за идните генерации да имаат подобри услови и повеќе поддршка?
Потребни се подобри услови, повеќе инвестиции и системска поддршка од институциите. Фудбалска федерација на Македонија има важна улога, но потребна е долгорочна стратегија за младинските категории. Девојчињата мора да чувствуваат дека имаат иднина тука.
Важиш за најдобра фудбалерка во Македонија, а во 2010 беше прогласена и за најдобра млада фудбалерка во Европа. Какво е чувството да се носи таа титула и која е тајната на твојот успех?
Кога во 2010 година бев прогласена за најдобра млада фудбалерка во Европа, тоа беше огромна чест.
Тоа не беше само мој успех, туку успех за Македонија. Но, титулата не е тајна. Тајната е конзистентноста. Дисциплина, кога никој не гледа.
Кога не си на терен, која е Наташа приватно? Што сакаш да правиш во слободно време, кои се твоите хобија и што ти носи мир?
Приватно сум мирна, семејна личност. Сакам природа, добра книга, време со најблиските. Тишината ме полни. Балансот ме одржува.
Имаш ли животно мото или мисла што те водела низ најтешките моменти во кариерата?
„Работи кога никој не гледа. Биди подготвена кога ќе дојде моментот.“
И уште едно: „Силата не е во тоа никогаш да не паднеш – туку секогаш да станеш.“
Кога гледаш кон иднината, кои се твоите соништа и планови – и како фудбалерка, и како жена, и како личност?
Како фудбалерка – да оставам трага што ќе отвори пат за нова генерација.
Како жена – да бидам пример дека можеш да бидеш и силна и нежна.
Како личност – да останам верна на себе. Без разлика колку далеку ќе ме однесе животот, секој ден да бидам сѐ подобра и подобра личност, да помогнам на што повеќе луѓе, затоа што ние сме тука на овој свет да си служиме и помагаме еден на друг!
Даница Караташова Илиоска / Femina.mk