Калиопи и Слаткар беа незапирливо дуо на „Златна бубамара на популарноста“. На синоќешната манифестација тие се закитија со статуетки и заедно ја кренаа публиката на нозе.
Македонската дива беше прогласена за Најдобра пејачка, а златна статуетка прими Слаткар за нивниот дует „Води ме“.
Еден од најемотивните моменти на вечерта беше обраќањето на Калиопи кон Слаткар, кога јавно му порача дека го сака и искрено го цени сè она што тој создава.
Слаткар, пак, со препознатлива скромност истакна дека тоа што го работи за него е „зезање“ кое му го прави животот поубав и посмирен, а ја искористи можноста да ја покани публиката и сите љубители на македонската музика на неговиот концерт на 2 август на стадионот Билјанини извори во Охрид.
Македонските музичари заедно го изведоа хитот „Води ме“. На сцената им се придружија и танчерите од танчерското студио „Еурека“, кои со својата „заразна“ енергија ја разиграа преполната арена „Борис Трајковски“ и ја подигнаа атмосферата на уште повисоко ниво.