„На зима ми спијат штрковите во ходник, се грижам сама за 60 животни“: Македонката Мариа Дуда спасува повредени животни
Мариа Дуда се откажа од остварувањето на американскиот сон и си го следеше срцето до родната Крива Паланка, каде денес води необичен ранч и несебично спасува повредени и напуштени животни.
По многу години поминати во САД, посветената Македонка се врати во својата татковина и денес сама се грижи за околу 60 животни, без никаква финансиска или каква било друга помош.
„Секое лето овој период до крај на август ми стигаат пораки за повредени штркови. Ова лето т.е овие 2 недели за 5 штркови. Наредна недела ќе почнеме со привремен простор за повредени штркови да направиме на The Countryside, ја чекам и Тамара Котевска да ни обезбеди фонд од филмот за Силјан за убаво живеалиште затоа што зимата ми спијат во ходник во куќата штрковите.
Јас се грижам сама за сè околу сите 60-тина животни. Идам на конгреси за животни, рехабилитирам со тоа што имам, животните да се вратат назад во природата. Затоа апелирам до државата дајте заедно да создадеме центар за ваквите диви животни, оставени сме неколку ентузијасти индивидуалци сами да спасуваме и даваме од сопствен буџет за доброто на природата. Штрковите се заштитен вид птици, треба да сме среќни што ги имаме во државата. Стојам на располагање за секаква соработка за да направиме заеднички напори да си ја заштитиме природната убавина и животните во Македонија“ – стои во нејзината последна објава на социјалните мрежи.
Дуда беше гостинка во подкастот „Марија во Америка“, каде зборуваше за животот со САД и одлуката да се врати во нашата земја.
Уште во нејзините студентски денови, таа двапати ја искористила можноста да замине на летна работа во Америка. Вториот пат, љубопитноста да открие што е тоа толку магично и привлечно во „ветената земја“ ја натерала да донесе храбра одлука да остане. Таму не само што изградила успешна кариера како претприемач и станала деловна жена, туку го запознала и својот сопруг, со кого е заедно заедно веќе 14 години.
Иако Њујорк нудел сјај, динамика и бескрајни можности, судбината и љубовта кон татковината ја вратиле Мариа назад во родното место. Она што започнало сосема случајно, денес е нејзина најголема животна мисија.
На нејзиниот ранч во моментов живеат дури 54 животни. Секое од нив со себе носи своја, честопати тешка и трогателна приказна. Меѓу нив се и коњи кои Мариа буквално ги спасила во последен момент од кланица. Наместо да имаат трагичен крај, тие денес уживаат во слобода, грижа и бескрајна љубов на нејзиниот имот.
Погледнете го видеото: