„На прославата влеговме со ‘Свадба голема’, имаше огномет во боите на македонското знаме“: Хрватката Марија за свадбата инспирирана и од Македонија
Марија и Филип Граниќ се родени и пораснати во Минхен, но нивните животни приказни се испреплетени со различни култури и традиции. 29-годишната маркетинг менаџерка има хрватски и босанско-херцеговски корени, а подоцна дознала и дека нејзиниот биолошки дедо по мајчина линија бил од Македонија. 32-годишниот сопственик на компанија за обезбедување, пак, е син на мајка Македонка и татко Хрват.
Заедно се повеќе од 13 години, уште од средношколските денови, а како што велат, отсекогаш си биле најголема поддршка.
Парот секое лето го поминува со најблиските во кумановското село Пелинце, каде што, преку македонската музика, јазикот и луѓето, Марија сè повеќе се вљубувала во нашата земја. Македонската традиција толку многу ѝ прираснала за срце што посакала да ја вткае и во еден од најважните денови во нивниот живот.
Така, нивната свадба, одржана минатиот месец, доби силен македонски печат. Младенците влегоа со „Свадба голема“ во придружба на македонски бенд, а еден од највпечатливите моменти беше огнометот во боите на македонското знаме.
Во разговор за Фемина, харизматичната девојка, која признава дека е голем вљубеник во деталите, со нескриена радост раскажува за почетоците на нивната љубовна приказна и романтичното запросување на Маурициус, но и за свадбата од соништата и медениот месец на Малдивите.
Како се запознавте? Дали уште на самиот почеток почувствувавте дека тоа би можело да биде љубов за цел живот?
Заедно сме од 5 јуни 2013 година и оттогаш сме неразделни. Се запознавме во истото средно училиште. Филип беше една година постар од мене и повремено се гледавме за време на училишните одмори. Во тоа време, Facebook беше она што денес е Instagram. Забележав дека сме пријатели на Facebook и една вечер, додека преспивав кај другарка, видов дека сè уште е онлајн. Веќе беше доцна, но спонтано му пишав дали сака да излезе со нас. Ми одговори дека можеме да дојдеме пред неговата куќа.
На крајот јас стоев под неговиот прозорец, а тој беше горе на прозорецот – како во бајката за Рапунзел, само обратно. Со часови разговаравме и таа вечер првпат му ја испеав песната „Moje leto“ од групата „In Vivo“. Оттогаш тоа е нашата песна и токму тогаш започна нешто посебно меѓу нас.
На почетокот бевме пријатели, а кратко потоа станавме пар. Имав само 16 години и бев многу внимателна кога стануваше збор за љубовта и врските. Додека многумина околу мене безгрижно влегуваа во врски, јас ја чекав личноста покрај која ќе се чувствувам сигурно. Филип ме освои со својата опуштеност, смислата за хумор и добрината. Тој беше првата личност поради која се осмелив да го отворам своето срце и воопшто да размислувам за љубов на тие години.
Тој беше моето прво сè, а јас неговото. Денес, по сите овие години, можам да кажам дека и понатаму сме сè еден на друг – а сега сме и засекогаш еден на друг.
Вашиот сопруг има македонски корени. Колку тие беа присутни во вашата врска уште додека се забавувавте и дали уште тогаш ве запознаваше со македонската традиција?
Големо влијание отсекогаш доаѓаше преку неговата мајка и нејзиното семејство. Преку нив, полека ја запознавав македонската култура – преку музиката, традиционалната храна, прошетките низ прекрасната природа и покрај езерата, фолклорот или едноставно слушајќи го македонскиот јазик додека разговараа со семејството и пријателите.
Сето тоа кај мене разбуди голема љубопитност и љубов кон Македонија. Од година во година, сè повеќе се вљубував во нејзината култура, луѓето и начинот на живот.
Како течеше запросувањето? Дали ве изненади и дали веднаш кажавте „да“?
Запросувањето се случи на 25 ноември 2024 година, за време на нашиот одмор на Маурициус. Беше прекрасно – на плажа, за време на зајдисонце, токму онака како што човек може само да посака за еден таков момент.
Секако дека веднаш реков „да“. Филип ми кажа неколку прекрасни зборови, но од возбуда искрено не се сеќавам на сè. Единственото што ми остана длабоко врежано во сеќавањето е дека ми рече дека сум неговата најдобра пријателка, неговата свршеница и неговата идна сопруга.
Отсекогаш знаевме дека еден ден ќе се венчаме. Не брзавме, туку прво сакавме заедно да изградиме стабилен живот – да живееме заедно и да бидеме финансиски сигурни. Кога дојде вистинскиот момент, сè беше токму онака како што требаше да биде.
Колку долго ја подготвувавте свадбената прослава и кои беа најголемите предизвици додека ги организиравте сите детали?
Првото нешто што отсекогаш го знаев, уште пред десет години, беше дека еден ден сакам на мојата свадба со Филип да влеземе со македонски бенд и со песната „Свадба голема“. Тоа ми беше голема желба и пресреќна сум што токму така и се оствари.
Со планирањето на свадбата започнавме во јануари 2025 година. Имавме прекрасни организаторки на свадби кои нашата визија ја претворија во реалност. Сите наши соработници беа одлични и заедно ја создадоа свадбата од нашите соништа.
Многу сакам детали, па ми беше важно и нашите гости да почувствуваат колку сме размислувале за сè. Подготвивме сопствен свадбен магазин, балетанки за танцување, персонализирани лепези и уште многу ситници кои целиот ден го направија посебен. Секако, не можеше да изостане ниту мојата „Excel“ табела, за сè да држам под контрола. 🙂
Најголемиот предизвик, всушност, не беше организацијата, туку списокот на гости. Сакавме мала и интимна свадба, а тоа понекогаш значи дека мора да донесете тешки одлуки. Освен тоа, неколку помали компликации се случија во часовите пред свадбата, но на крајот сè испадна токму онака како што сонувавме.
Како го одбравте венчалниот фустан и дали од самиот почеток знаевте каков модел сакате? Имавте ли и втор фустан за прославата?
Разгледав навистина многу модели и пробав многу венчаници во Минхен. Сепак, знаев дека сакам да разгледам и во Македонија. Веќе во првиот салон – „House of White“ во Скопје – ја пронајдов мојата венчаница.
Кога ја облеков токму оваа венчаница, беше вистински „wow“ момент
Мајка ми, свекрва ми, сестрите и пријателките ми велеа дека речиси секоја венчаница ми стои убаво, но кога ја облеков токму таа, сите го имавме истото чувство – тоа беше вистинската. Тоа беше вистински „wow“ момент. За мене тоа беше најубавата венчаница која што можев да ја замислам. Беше лесна, романтична и совршено се вклопуваше со мене и со локацијата на нашата свадба во Паладњаци, во Истра.
Направивме само неколку мали измени – го продолжив шлепот и малку ги нагласив колковите. Во истиот салон ми изработија и вел од истата чипка, како и прекрасна наметка за црковната церемонија. Целото искуство беше навистина посебно и засекогаш ќе го паметам.
За вечерниот дел од прославата, се пресоблеков во светкав дводелен аутфит, за да можам безгрижно да танцувам до утрото. 🙂
Свадбата беше исполнета со македонски обичаи – доаѓање по невеста, македонски песни и македонско знаме. Како изгледаше тој ден и како всушност се роди идејата да внесете толку многу македонски дух?
На нашата свадба ни беше многу важно и двете наши култури да бидат еднакво застапени и прославени. Затоа, во текот на целиот свадбен викенд ги споивме хрватските и македонските обичаи.
На предсвадбената „White Party“ свиреа тамбураши, а беа со нас и на самиот ден на свадбата – пред и по црковната церемонија, како и во неколку музички делови во текот на денот.
Уште од пред 10 години, желба ми беше со Филип да влеземе со „Свадба голема“
За нашиот влез го избравме македонскиот Connect Band, кој поради нас допатува дури од Македонија во Истра. Една од моите најголеми желби, уште пред речиси десет години, беше Филип и јас да влеземе со песната „Свадба голема“. Токму тие тој сон го претворија во реалност. По „Свадба голема“, следуваа речиси 30 минути исклучиво македонска музика. Сите заедно танцувавме, бендот настапуваше во традиционална македонска носија, а атмосферата беше неверојатна. За крајот на нашиот влез, приредивме огномет во боите на македонското знаме. Таа идеја ми дојде сосема спонтано еден ден и на крајот токму тој момент беше еден од највпечатливите во текот на целата свадба.
Вечерта Connect Band беше и нашиот главен бенд. Свиреа и пееја во текот на целата прослава, ни ја исполнија секоја музичка желба и едноставно беа феноменални.
Од декорацијата, музиката, па сè до најситните детали... Што беше најважно за вас да биде токму онака како што сте замислувале? Имаше ли некој детаљ на кој сте особено горди?
Искрено, горди сме на секој детаљ. Мислам дека не постоеше само една работа, туку токму спојот на сè го направи нашиот ден толку посебен.
Музиката ни беше исклучително важна – тамбурашите TS Merak, македонскиот Connect Band, пејачките за време на црковната церемонија и нашиот диџеј, кој по полноќ ја продолжи атмосферата до утрото. Подеднакво важни беа и прекрасната локација „Паладњаки“, феноменалната храна од нивно сопствено производство и целиот тим кој работеше како едно. Сè беше совршено усогласено. Црковната церемонија беше особено емотивна, а самата црква беше прекрасна.
Специјален детаљ беше привезокот на бидермаерот со фотографиите од моите баба и дедо, како и бабата на Филип, кои повеќе не се со нас
Ако баш морам да издвојам еден детаљ, тогаш тоа е привезокот на мојот бидермаер со фотографиите од моите баба и дедо, како и бабата на Филип од страната на неговата мајка, кои повеќе не се со нас. На тој начин чувствувавме дека, сепак, беа дел од нашиот ден.
Уште еден детаљ на кој сме особено горди беше нашата рачно изработена чутура. На неа беа испишани нашите имиња – Марија и Филип Граниќ – заедно со хрватскиот грб, а низ дизајнот елегантно беше вткаено и македонското знаме. Со тоа сакавме симболично да ги споиме двете наши култури во еден заеднички почеток.
Но, искрено, имаше толку многу посебни моменти – огнометот во боите на македонското знаме, големиот вечерен огномет, катчето со сладолед... Би можела уште долго да набројувам.
Еден мал интересен факт за мене – обожавам детали. На нашата предсвадбена „White Party“ сите гости беа облечени во бело, а само јас носев шарен цветен фустан. Тоа беше мала најава дека декорацијата на денот на свадбата ќе биде полна со бои. Ги сакам токму тие ситници кои можеби не ги забележуваат сите, но мене ми значат многу.
Какви беа реакциите на вашето семејство и пријателите од Хрватска кога видоа македонско знаме, доаѓање по невеста и слушнаа македонска музика?
Реакциите беа прекрасни. Многу од нашите гости од Хрватска со воодушевување учествуваа во македонскиот дел од програмата, танцуваа и славеа заедно со нас. Интересно е што по свадбата го прашав и татко ми што мисли. И тој ми потврди дека сите биле воодушевени и дека нашата свадба била нешто што дотогаш никогаш не го доживеале. Мислам дека токму спојот на хрватската и македонската традиција го направи нашиот ден толку посебен и незаборавен.
Имаше ли нешто од свадбениот ден кое никогаш нема да го заборавите, момент кој и денес ви буди најсилни емоции?
На првиот свадбен танц заплакав од среќа
Искрено, тешко е да издвојам само еден момент, бидејќи целиот ден беше исполнет со емоции.
Најпосебен момент беше црковната церемонија. Додека се гледавме в очи и си ги изговаравме ветувањата за цел живот, имавме чувство како целиот свет за миг да застанал. Никогаш нема да го заборавам ниту нашиот прв танц. Се договоривме на половина од песната нашите најблиски да ни се придружат на подиумот, за тој момент да го споделиме со сите кои ги сакаме. Го погледнав Филип, ги видов сите наши најмили околу нас и од среќа едноставно заплакав.
Посебно место во моето срце има и мојата кума, која воедно ми е и најдобра пријателка уште од градинка. Начинот на кој беше покрај мене во текот на целиот ден, но и во месеците пред свадбата, никогаш нема да го заборавам. Искрено, не можев да посакам подобра кума.
И, секако, нашиот свадбен влез. Тој момент, македонската музика, сите наши гости кои танцуваа заедно и огнометот и дента и вечерта... И денес нè лазат морници кога ќе се сетиме на тоа.
По свадбата заминавте на меден месец на Малдивите. Зошто ја избравте токму оваа дестинација и како изгледаше вашето прво заедничко патување како сопружници?
За медениот месец сакавме целосно да се опуштиме и да уживаме без никакви компромиси. Затоа Малдивите беа совршен избор за нас. Сакавме тие десет дена да си ги посветиме само еден на друг и да го прославиме почетокот на нашиот заеднички живот на најубав можен начин.
Не штедевме за тоа патување и искрено можам да кажам дека тоа беше најубавиот одмор во нашиот живот. А тоа навистина значи многу, бидејќи заедно досега сме посетиле многу прекрасни земји. Не постои еден посебен момент кој би можеле да го издвоиме. Сите десет дена беа како сон – од изгрејсонцето и зајдисонцето, преку неверојатното море и природата, па сè до чувството дека времето за миг едноставно застанува. Тоа се спомени кои засекогаш ќе ги носиме со себе.
Секое лето доаѓате во Македонија, во Пелинце. Што претставува тоа место за вашето семејство и зошто ве привлекува секогаш да му се враќате?
Пелинце за нас значи дом, семејство и заедништво
Пелинце за нас значи дом, семејство и заедништво. Тоа е местото каде што секое лето можеме да забавиме, да се одмориме и едноставно да уживаме заедно. Особено ги сакам тие топли летни денови, какви што во Германија нема толку многу. Веќе дванаесет години секое лето доаѓаме на неколку дена во Пелинце, каде што родителите на Филип го поминуваат целото лето. Тоа стана и наша традиција.
Отсекогаш ни било важно да ги запознаеме и да ги живееме двете наши култури. Јас редовно доаѓам со Филип кај неговото семејство во Македонија, а тој заедно со мене кај моето семејство во Хрватска и Босна. Токму тоа ја прави нашата врска уште побогата.
Кога денес ќе се навратите на целата ваша љубовна приказна - од првата средба, преку свадбата и медениот месец, па сè до денес, што би рекле дека е тајната на вашата љубов, што ја прави толку силна?
Тајната на нашата љубов лежи во компромисот. Во нашата врска никогаш немало забрани, ниту навреди
Мислам дека тајната на нашата љубов лежи во компромисот, искрената комуникација и во тоа што секој ден свесно се избираме еден со друг. Заедно пораснавме – од тинејџери до возрасни луѓе. Во нашата врска никогаш немало забрани, ниту навреди. Еден на друг си даваме простор да бидеме свои, да се развиваме и да ги остваруваме нашите соништа, а истовремено ги делиме истите вредности и истата животна цел – заедно да продолжиме да го истражуваме светот и еден ден да создадеме свое мало семејство.
Многу се смееме, секогаш се однесуваме еден кон друг со почит и како рамноправни партнери. Кога нешто не е во ред, разговараме. За нас најважно е никогаш да не си легнеме лути еден на друг. А ако ни разговорот не помогне... тогаш ги пакуваме куферите и патуваме некаде. 😊
Нашата љубов досега помина низ сè што ни донесе животот и затоа искрено веруваме дека ќе издржи сè што допрва нè очекува.
Даница Караташова Илиоска / Femina.mk