„Мислела дека ќе умре“: Македонката Снежана Маркоски, која ја освои Австралија, физички нападната од сопругот Сем Вуд од „The Bachelor“
Снежана Маркоски го обвини сопругот Сем Вуд за семејно насилство.
Македонката, која се прослави во Австралија по учеството во реалното шоу „The Bachelor“ во кое му го освои срцето на „ергенот“ Сем Вуд, тврди дека била физички нападната и давена од него.
Австралиски суд денес (8 октомври) го одби барањето на 46-годишниот фитнес тренер и инфлуенсер да биде пуштен со кауција.
На судското рочиште во Квинсленд биле изнесени вознемирувачки детали за наводното насилство кое го претрпела Снежана, која на полицијата ѝ изјавила дека во еден момент помислила дека ќе го загуби животот.
„Не можела да дише. Главата ѝ била удирана од подот. Мислела дека ќе умре“ – изјавила полициската обвинителка Жанет Григорис, пренесува The Guardian.
Како доказен материјал биле приложени фотографии од повредите на Снежана, видео од нејзината изјава, како и снимка од повик до итните служби направен од член на семејството.
Пред судот било откриено и дека ова наводно не е прв ваков инцидент во нивниот брак.
Според обвинителството, полицијата во Викторија интервенирала во нивниот дом пред околу 3 години поради сличен случај, кој исто така вклучувал давење. Снежана тогаш не поднела кривична пријава бидејќи, како што било наведено пред судот, се плашела од одмазда од сопругот.
Сем негира дека се случил претходниот инцидент, а ги отфрла и актуелните обвиненија.
Неговиот адвокат Метју Каскели изјавил дека Вуд страда од тешка депресија и дека треба да му се овозможи да добие психолошка помош. Одбраната посочила и дека тој нема претходно криминално досие, а како можна линија на одбрана го споменала тврдењето дека дејствувал во самоодбрана за време на семејна расправија.
Сепак, судијката Џанел Бегхајм оценила дека доказите против него во оваа фаза се релативно силни и дека постои ризик доколку биде пуштен на слобода.
Вуд останува во притвор, а следното судско рочиште е закажано за 23 ноември.
По неговото апсење, компанијата која стои зад неговиот фитнес бренд „28 by Sam Wood“ ги прекинала деловните односи со него. Од соработката се повлекле и неколку познати личности и спонзори.
Снежана е Македонка која живее во Австралија, а која се прослави во 2015 година кога учествуваше во третата сезона на „The Bachelor Australia“ и го освои срцето на Вуд.

Нивната романса беше една од најпознатите љубовни приказни што произлегоа од австралиското реално шоу. Парот се венча во 2018 година и заедно има четири ќерки, меѓу кои и најстарата ќерка на Снежана од претходна врска.
Со години на социјалните мрежи споделуваа фотографии од семејното секојдневие, патувањата и заедничките моменти, градејќи имиџ на среќно и хармонично семејство.
По апсењето на Вуд, на нивните профили на социјалните мрежи беше објавено заедничко соопштение во име на семејството.
„Ова е тежок период за сите нас. Се обидуваме да се справиме со ситуацијата како семејство и целосно соработуваме со надлежните органи“ – беше наведено во објавата.
Обвиненијата против Сем Вуд сè уште не се докажани пред суд, а судската постапка продолжува.