„Ми рекоа одиш кон рана смрт“: Мајка на три деца ослабе 77 килограми и се натпреваруваше на Мис САД
Пред пет години, животот на Амбер Улер изгледал сосема поинаку. Тежела околу 136 килограми, а по една лекарска контрола, добила предупредување кое целосно ѝ го променило животот.
„Ми рекоа: ‘Морбидно си дебела, преддијабетична си, одиш кон рана смрт и веројатно нема да живееш за да ги видиш твоите деца како завршуваат средно училиште’“ - открила Улер за списанието PEOPLE.
Токму тие зборови биле нејзиниот „аларм“. Оттогаш, Амбер, која има три деца, има ослабено 77 килограми, комплетно си го промени изгледот и сега, како претставничка на Мичиген, се натпреваруваше за титулата Мис САД.
Покрај лекарските предупредувања, Улер доживеала уште еден момент на срам за време на забавен викенд со децата. Додека си играла со своите деца во парк, влегла во базен со пена, но не можела сама да излезе.
„Три големи, мускулести мажи направија човечки синџир за да се обидат да ме извлечат, но ниту тие не успеаја. Мислеа дека ќе треба да ја повикаат пожарната. Никогаш во животот не сум се чувствувала толку понижено“ - се присетува таа.
„Да се живее со морбидна дебелина е многу тешко. Јас живеев половичен живот. Не можев ни да се качам по скалите во сопствениот дом. Сфатив дека ќе биде тешко да ослабам, но исто толку тешко беше и да продолжам да живеам така“ – признала Амбер.
Наместо да си постави цел веднаш да симне голем број килограми, Улер одлучила прво да се фокусира на своето здравје. А потоа си поставила уште една, на прв поглед невозможна цел – еден ден да се натпреварува на избор за убавина.
„Мислам дека ако си кажев дека треба да ослабам 77 килограми, тоа ќе беше како да се искачувам на Монт Еверест. Наместо тоа, решив да бидам здрава“ - вели таа.
По повеќе од три и пол години посветени на исхрана и вежбање, Амбер успеала да намали речиси 80 килограми.
Во 2024 година, нејзиниот труд ѝ ја донел првата голема награда. Таа била крунисана за Мис Флорида за Мис Универзум.
Но, во нејзиното срце отсекогаш постоел еден посебен сон – Мис САД.
„Изборот кој секогаш ми беше во срцето и во мислите беше Мис САД – гламурот, сјајот, телевизијата, сето тоа“ - открила таа.
Во јули годинава, по отворен кастинг, Улер била избрана за Мис Мичиген и конечно ќе си го оствари сонот да учествува на изборот за Мис САД.
На 41-годишна возраст, Амбер стана највозрасната учесничка на овогодишниот избор.
„Знам, луда сум“ - се шегува таа. „Се пријавив да бидам во бикини на телевизија откако ослабев 77 килограми.“
На натпреварот, пак, доживеала нешто што не го очекувала. Наместо да се почувствува несигурно покрај дваесетгодишните натпреварувачки, таа вели дека нејзината самодоверба само растела.
„Мојата самодоверба овде на Мис САД е неверојатно висока, што е спротивно од она што мислев дека ќе се случи. Мислев дека ќе дојдам, ќе ги видам дваесетгодишните девојки и ќе се почувствувам несигурно, но сите застанаа зад мене.“
Улер открива дека и помладите натпреварувачки ѝ давале огромна поддршка.
„Се чувствувам прекрасно. Чувствувам дека можам да го направам ова. Чувствувам дека можам да бидам највозрасната Мис САД досега. Чувствувам дека можам да бидам првата мајка. Можам да срушам толку многу бариери.“
Иако не успеа да ја освои круната, таа е пресреќна што го доживеа овој момент.
„Ова е изборот на кој отсекогаш сонував да бидам. А тоа што успеав да стигнам дотука е мојата Пепелашка приказна“ - дополнила Амбер.