Меланија Трамп со несекојдневен придружник чекореше на црвениот тепих во Белата куќа. Првата дама на САД со хуманоиден робот пристигна на средбата со учесничките на глобалниот самит со кој ја лансираше иницијативата „Fostering the Future Together“.
Облечена во бел аутфит, Меланија гордо чекореше напоредно со роботот кој ги поздрави гостите на повеќе јазици.
„Да ги инспирираме нашите деца да градат нови платформи, да создаваат нови индустрии и да го оптимизираат производството во сите сектори, од медиумите и модата до здравството и одбраната“ – порача Меланија.
Во своето главно обраќање, г-ѓа Трамп дефинираше три столба кои ќе ја обликуваат следната генерација: (1) употребата на вештачката интелигенција за персонализирање на учењето, (2) појавата на хуманоидни едукатори како домашни алатки за учениците и (3) улогата на технологијата и образованието како двигател на американската економија.
„Иднината на вештачката интелигенција е 'персонифицирана' – таа ќе биде создадена во човечка форма. Многу наскоро вештачката интелигенција ќе се пресели од нашите мобилни телефони во хуманоиди кои ќе имаат практична примена“ – изјави Меланија, опишувајќи го преминот кон хуманоиди способни директно да комуницираат со корисниците во реални услови.
На Самитот во Вашингтон присуствуваше и Рози Мицкоска, сопругата на македонскиот премиер Христијан Мицкоски.