Матеја Ефремовска победи на 5 км на „Охрид Трчат“, победата му ја посвети на тренерот кој почина од тешка болест
Матеја Ефремовска е незапирлива.
Македонската атлетичарка и репрезентативка победи на трката на 5 км на „Охрид Трчат“ и гордо позираше со својот медал покрај Охридското Езеро.
Матеја сподели фотографии и видео од моментот кога застана на подиумот, а победата ја посвети на покојниот тренер Невен и на сите лица кои се борат со ретки болести.
Еве ја објавата на успешната кумановка:
Охрид Трчат -Победа на 5km ✨
Оваа победа и овој ден секогаш ќе бидат посебни за мене. Денес се точно две години како нѐ напушти мојот тренер Невен, кој долги години се бореше со тешка болест. И затоа денес оваа трка ја посветувам на него и на сите што се борат со ретки болести. А токму и мотото на оваа трка е ретко е да си редок.
Матеја, која е државна шампионка по повеќе дисциплини, пред две години, со емотивна објава се збогуваше со тренерот Невен кој го нарече „пример и инспирација“.
Тренеру...
Уште од првиот ден кога те запознав и дознав за несреќата што те снајде, те гледав со восхит и воодушевување...
Дваесет години животот немилосрдно ти задаваше удари. Помина низ сè и сешто, доживеа страдања и болка, но тоа никогаш не се гледаше на твоето лице. Ништо не откриваше низ каква драма поминуваш, затоа што успеа да го задржиш ведриот дух, насмевката на лицето и твојата препознатлива смисла за хумор. Беше свој, полн со волја и желба за живот, храбар, неповторлив, неверојатен борец, херој, пример и инспирација, а пред сè човек, чесен и праведен.
Соочен со животната неправда, никогаш не се предаде. Иако твоето големо срце не издржа и прерано престана да чука, ова е победа на животот над несреќите и суровата судбина.
Да те познавам и да споделувам моменти со тебе е еден од најголемите благослови во мојот живот. Беше чест и привилегија да те имам за тренер и пријател.
Со својата неверојатна храброст, борбеност и љубов кон животот ми даваше сила, па најмалку што можев да направам беше и јас секогаш да го давам најдоброто од себе.
Ме научи да уживам во секој миг од животот, затоа што животот е онаа цртичка помеѓу датумот на раѓање и датумот на смртта, а не е важно колку е долга, туку колку е широка. А ти и твоите бројни дела живеат и ќе живеат засекогаш, сведочејќи за тоа како се живее со полни гради, без оглед на страшната судбина.
Остави неизбришлива трага во мојот живот. Ти благодарам за секој миг, за целото време што ми го посвети како спортист, за безрезервната поддршка и вербата во мене и во моите способности, дури и тогаш кога јас самата не верував доволно. Секогаш беше покрај нас, дури и кога тебе ти беше најтешко – секогаш подготвен да помогнеш, да сослушаш и да разбереш.
По сè, без ни најмало претерување, можам слободно да кажам дека многу ретко се раѓа човек како тебе...
Ти и твоите дела живеат и ќе живеат засекогаш. ❤️