• Маркетинг
  • 🔥 Новости
  • ♏ Хороскоп
  • 🌙 Соновник
  • 💬 Форум
  • Новости
  • Категории
    • Убавина и мода
    • Љубов и секс
    • Диети и фитнес
    • Рецепти
    • Здравје
    • Семејство
    • Дом и градина
    • Кариера
    • Забава
    • Колумни
  • Хороскоп
  • Соновник
  • Форум
  • Маркетинг
  • Импресум
  • Услови за користење
  • Приватност
  • RSS
Шоу-бизнис

Марта Лазарова пред породувањето за Фемина: „Едвај чекам да го запознаам Лука. Стефан ќе биде посветен и грижлив татко“

26 август 2026, 10:20
  • cподели

Марта Лазарова ги брои последните недели од првата бременост. 

Сопругата на познатиот македонскиот јутјубер Стефан Лазаров, наскоро ќе стане мајка и на свет ќе го донесе нивното прво заедничко дете, синот за кој веќе го избраа името Лука.

Пресреќна и возбудена, 26-годишната трудница, која е во последниот триместар од бременоста, за Фемина зборуваше за блажената состојба и радоста во нивниот дом пред најубавата животна средба, но и за тоа како мисли дека со саканиот ќе се снајдат во новите улоги на родители.

Уште колку време остана од бременоста и како се чувствуваш?

Од бременоста ми останаа уште 7 недели. Искрено не ми се верува колку брзо помина времето.

Каква бременост имаш? Што ти беше најтешко, а што воопшто не се смени изминативе месеци?

Бременоста ми помина искрено многу лесно, на моменти дури се прашував дали сум бремена🙂. Во глобала ништо не се промени, си функционирав најнормално како и претходно, единствено нешто што знае да ми направи тешко се киселините кои од неодамна ми се појавија, но ништо страшно.

Дали има нешто на кое не можеш да одолееш? Дали знаеш да го пратиш Стефан по нешто за јадење што ти текнало во моментот?

Немав некои посебни желби за храна, можеби во некој даден момент ќе ми текне на некое јадење, но повеќе би рекла дека е стрв отколку некоја посебна потреба. Така што Стефан не беше испраќан по храна, 🙂.

Дали се плашиш од породувањето со оглед на тоа дека жените често имаат голем страв од тој чин?

Во моментов искрено не. Не знам што ме чека и што да очекувам, знам дека нема да е безболно, но верувам дека сета таа болка ќе ја снема во истиот момент кога ќе го запознаам тоа мало бебче. Одам со помислата дека сѐ ќе биде како што треба и уште од почеток не собирам совети и искуства од други, сепак секое тело и породување е различно.

Кој е најнестрплив за доаѓањето на новиот член, мама, тато... или пак бабите и дедовците?

Сите се превозбудени со тоа што е прво бебе и внуче во двете фамилии... но секако сметам дека јас и Стефан сме најнестрпливи да го запознаеме новиот член во нашето семејство.

Што претставува за тебе мајчинството?

Мајчинството за мене е нешто што сѐ уште не можам целосно да го замислам додека не го почувствувам. Мислам дека е една од најголемите промени во животот, но истовремено и една од најубавите. Едвај чекам да го запознаам Лука и да се запознаам себеси во таа нова улога со сите убави моменти, предизвици и лекции што ги носи.

Што очекуваш да ти се промени со оглед на тоа што за кратко ќе бидеш мајка на син?

Верувам дека многу работи ќе се променат со оглед на тоа што воопшто ќе станам мајка. Сигурно ќе имам нови приоритети и многу поинакво секојдневие, но едвај чекам да се запознаам себеси и во таа улога со сите предизвици што ги носи мајчинството.

Како го избравте името Лука?

Моја огромна желба беше да се вика Леон, но Стефан од друга страна не сакаше воопшто, зошто ќе го зезале „Сеат Леон“ или „Леонче мамичка“… Па како најблиску до Леон ни беше Лука и така се договоривме.

Колку очекуваш Стефан да биде вклучен во менувањето пелени, бањањето на бебето? Каков родител мислиш дека ќе биде?

Гледајќи го уште отсега колку е грижлив, возбуден и среќен, знам дека ќе биде најдобар татко на нашето дете. Сигурна сум дека едвај чека и да менува пелени, да го бања, заспива, да си игра со него и да дава сѐ од себе. Сигурна сум дека ќе биде посветен и грижлив татко.

Дали е сѐ подготвено за доаѓањето на Лука? Што е првото нешто кое му го купивте?

Првото нешто што го купивме беше плетено тиркизно бебешко комплетче. Полека купуваме облека за првите неколку месеци. Количка, седиште за автомобил, како и за бебешката соба креветче и цела опрема сѐ уште немаме купено ништо, но сѐ е одбрано, па во наредниве недели ќе почнеме со опремување.

Дали си од оние мајки кои во последен момент сакаат само да средуваат и чистат и се „полудени“ од хормони...?

Па, сметам дека не сум сѐ уште „полудена” од хормони. Но, има уште 7 недели до крајот, па ќе видиме.

Дали мислиш дека ќе бидеш строга мајка, или ќе го размазуваш синот?

Мислам дека построг родител ќе биде Стефан. За себе не би рекла дека ќе бидам строга, но исто така не мислам ни дека ќе го размазувам. Би сакала да имам некој баланс.

Кои се најубавите вредности кои би сакале да му ги пренесете како родители?

Сакаме да гледа љубов пред себе, разбирање и поддршка... Сакаме да израсне во човек кој ќе знае да сака, цени и помага. Семејните вредности пред сѐ...

Даница Караташова Илиоска

Tags
Марта Лазарова
Стефан Лазаров

Најнови

  • Марта Лазарова пред породувањето за Фемина: „Едвај чекам да го запознаам Лука. Стефан ќе биде посветен и грижлив татко“

    Wed, 08/26/2026 - 10:20
  • Што се случува кога кокосот ќе стане дел од негата? dm има два Balea производи што го даваат одговорот

    Wed, 08/26/2026 - 09:58
  • „Ти си ангел кој го направи овој свет посреќно место“: Познатите личности се збогуваат со неповторливата Доли Партон

    Wed, 08/26/2026 - 09:21
  • Маркетинг
  • Импресум
  • Услови за користење
  • Приватност
  • RSS

© 2026 Femina.mk. Сите права задржани

Содржините на Femina.mk се заштитени со Законот за авторски права.
За секоја форма на користење на делови од овој веб сајт или цели статии за комерцијални цели, потребна е писмена согласност од Femina.mk.