„Мама победи!“: Емотивниот момент кога Олимпијка им кажува на нејзините глувонеми дечиња на знаковен јазик дека освои ЗЛАТО
Елана Мејерс Тејлор испиша историја со победата на Зимските олимписки игри во Италија, но светот најмногу го трогна нејзината мајчинска приказна.
Најтрофејната натпреварувачка во боб (монобоб), учествува на игрите од 2010 година, но сега, на 41-годишна возраст го освои својот прв олимписки златен медал. Големата победа, Елана емотивно прослави со двете глувонеми синчиња Ноа и Нико, кој има Даунов синдром.
„Мама победи“ – им рече на знаковен јазик на нејзините дечиња паѓајќи на колена пред нив пресреќна што конечно си го оствари сонот.
Победата во дисциплината монобоб на Зимските олимписки игри во 2026 година беше решена со минимална разлика, но за Тејлор, најважниот дел од триумфот не беше времето на семафорот, туку фактот што нејзините деца беа таму.
Во изјава за NBC, шампионката призна дека токму тие ѝ дале сила да издржи во текот на долгите подготовки во Европа, каде што семејството престојувало од почетокот на ноември.
„Ми значеше сé, особено затоа што ги имав Нико и Ноа таму, знаејќи колку многу се жртвуваа. Тие дадоа сé... Уморни се, само сакаат да си одат дома и да си играат... Но, беа покрај мене на секој чекор од патот“ – рече таа.
Нејзините синови можеби сè уште не ја разбираат големината на моментот, но Елана се надева дека еден ден ќе сфатат колку бил значаен.
„Се надевам дека кога ќе пораснат, ќе се навратат и ќе сфатат што всушност се случило“ – рекла таа.
Иако ова можеби беше нејзиниот последен олимписки настап, Тејлор истакна дека нејзината најголема улога е што е мајка.
„Мајчинството со моите два сина со посебни потреби ми даде трпение, желба да не се откажувам и ме натера да сфатам дека дури и најлошите денови во боб санката се подобри од најлошите денови како родител. Тие ми значат сé и на крајот од денот, не е важно дали ќе победам или ќе изгубам, јас сум нивна мајка. Ќе се вратам дома и ќе добијам гушкање“ – сподели таа.