Филмот „17“ на режисерката Косара Митиќ е избран за македонски кандидат во трката за престижната награда Оскар.
Долгометражниот игран филм, во продукција на „Црна Мачка Продукција“, ќе се натпреварува во категоријата Најдобар меѓународен долгометражен филм.
Одлуката ја донесе Комисијата за избор на национален кандидат за Оскар при Друштвото на филмските работници на Македонија, чиј состав е прифатен и одобрен од Американската академија за филмски уметности и науки: Марија Димитрова - претседател на Комисијата и продуцент, Антонио Митриќески - режисер, Дејан Димески - директор на фотографија, Иван Бартлинг - сценограф, Георги Унковски - режисер, Теута Ајдини Јегени - актерка и Сара Ферро - продуцент.
Во изборот оваа година беа пријавени два долгометражни играни филма: „Скејтбордингот не е за девојчиња“ на Дина Дума и „17“ на Косара Митиќ.
Во филмот играат Ева Костиќ, Мартина Даниловска, Ева Стојчевска, Петар Маниќ, Ирена Димеска, Луна Бејков, Христијан Ристески, Алина Христовска, Даме Јовески, Јован Тодоров, Мина Јелушиќ, Тодор Стојковски, Иво Јездиќ, Ана Стојановска, Жаклина Стевковска, Сашко Коцев и Оливер Митковски.
Сценариото е на Косара Митиќ и Огњен Свиличиќ, продуценти се Томи Салковски и Кристијан Буровски, директор на фотографија е Наум Доксевски, сценографи се Дејан Ѓоршевски и Александра Чевреска, костимите се на Жаклина Крстевска, шминката и фризурата се на Карла Лазиќ (Србија), снимател на звук е Аљаж Лукан (Словенија), а монтажер е Владимир Павловски. Филмот е продукција на „Црна Мачка Продукција“, во копродукција со „Арт&Попкорн“ од Србија и „Децембер“ од Словенија, а меѓународен продажен агент е „Тотем“.
„17“ ја имаше својата светска премиера во програмата „Перспективи“ на 76. Берлински филмски фестивал, а до сега има освоено 11 меѓународни награди.
Свеченото доделување на 99. награди на Американската академија за филмски уметности и науки ќе се одржи на 14 март 2027 година во Лос Анџелес. Листата на филмови кои ќе влезат во потесниот избор за Оскар ќе биде објавена на 15 декември 2026 година, додека номинациите за 99. Оскари ќе бидат објавени на 21 јануари 2027 година.