• Маркетинг
  • 🔥 Новости
  • ♏ Хороскоп
  • 🌙 Соновник
  • 💬 Форум
  • Новости
  • Категории
    • Убавина и мода
    • Љубов и секс
    • Диети и фитнес
    • Рецепти
    • Здравје
    • Семејство
    • Дом и градина
    • Кариера
    • Забава
    • Колумни
  • Хороскоп
  • Соновник
  • Форум
  • Маркетинг
  • Импресум
  • Услови за користење
  • Приватност
  • RSS
Животни стории

„Мајка ми ме роди по вторпат подарувајќи ми бубрег“: Бранкица Размоска за животот на дијализа и битката за нова шанса

12 март 2026, 12:42
  • cподели
Бранкица Размоска

„Сонувам за обичен мирен живот без апарати и шанса да почувствувам љубов која само мајчинството ја носи“. Ова е најголемата желба на Бранкица Размоска, чие секојдневие целосно зависи од дијализа во струшката болница.

Нејзината борба со хроничната бубрежна болест започнала уште во најраното детство, крадејќи ѝ ја безгрижноста и соочувајќи ја со суровата реалност на болничките ходници. Надежта блеснала кога нејзината мајка го направила највозвишениот чин на безусловна љубов – ѝ подарила сопствен бубрег и како што вели Бранкица, ја „родила по вторпат“. Но, судбината задала уште еден тежок удар кога трансплантираниот орган откажал. Вратена на почетокот, со двојна болка и принудена да живее без бубрези, Бранкица денес води херојска битка со времето.

Во емотивно интервју за Фемина, 33-годишната храбра жена зборува за тежината на неизвесноста, нераскинливата поддршка од семејството и за најважната порака дека секој донор е нечија единствена шанса за живот.

Бранкица Размоска
Твојата животна приказна е приказна за борба која започнува уште од најрана возраст. Кога првпат се соочи со дијагнозата и што паметиш од тие денови, како дете што се обидува да разбере нешто толку сериозно?

Се соочив со дијагнозата на мои 8 години

Најпрвин, ви благодарам на интересот за мојата животна приказна. Првпат се соочив со дијагнозата уште како дете, на мои 8 години. Не разбирав што точно значи тоа, но многу јасно ги паметам стравот, болничките ходници и чувството дека нешто „не е во ред“ со мене. Наместо безгрижно детство, јас рано научив што значат болка, чекање и неизвесност. Сепак, како дете не знаеш да го именуваш стравот, само го носиш со себе.

Како изгледаше твоето детство во услови кога наместо безгрижност, секојдневието ти беше исполнето со болници, терапии и неизвесност?

Моето детство беше поинакво од детството на моите врсници. Додека тие играа безгрижно, јас мораше да одам на прегледи, терапии и престои во болница. Имаше денови кога се чувствував изолирано, како да не припаѓам целосно во светот на децата. Тоа те тера рано да созрееш, но и ти краде дел од детската радост.

Бранкица Размоска
Низ годините помина низ бројни лекувања и процедури. Кој беше најтешкиот период во таа борба и што те одржа кога мислеше дека повеќе немаш сила?

Уф, тешко прашање. Имав многу тешки периоди, но би го издвоила како најтежок период, кога телото ми откажуваше, а јас се чувствував психички дека сум на работ. Имаш моменти кога едноставно мислиш дека веќе немаш сила, но ја имав поддршката од моето семејство и сите тие луѓе што ме сакаат и беа до мене. Некогаш едноставно се држиш за љубовта.

Еден од најемотивните моменти во твојот живот е кога мајка ти ти подари бубрег – чин на безусловна љубов и жртва. Како го доживеа тој момент и што значеше за тебе таа нова шанса за живот?

Да знаеш дека некој е подготвен да ти подари дел од себе за да живееш е најчиста форма на љубов

Тоа не може да се опише со зборови, да знаеш дека некој е подготвен да ти подари дел од себе за да живееш е најчиста форма на љубов што сум ја доживеала. Во исто време чувствував и страв и среќа, сепак двајца членови од фамилија влегувавме во операциона сала. Едноставно се плашев за мајка ми. Тој момент ми даде нова шанса за живот, но и огромна одговорност - да живеам достојно за таа жртва, таа ме роди по втор пат.

Кога по одредено време трансплантираниот бубрег откажа, како се справи со тоа сознание – и физички и психички? Дали тој момент беше еден од најтешките удари во твојот живот?

Дефинитивно да! Кога еднаш ќе почувствуваш како е да живееш „порелаксирано“, а потоа повторно се враќаш на почеток, болката е двојна. Тоа беше еден од најтешките удари во мојот живот, не само физички, туку и психички. Дури во ист период бевме болни со татко ми, па тоа беше многу психички истоштувачко за нашето семејство.

Бранкица Размоска
Бранкица Размоска
Денес живееш без бубрези и зависиш од дијализа. Како изгледа едно твое секојдневие и колку оваа терапија го ограничува твојот живот?

Планираш сѐ околу терапијата

Дијализата ти го спасува животот, но истовремено ти го ограничува. Телото често е уморно, а психата уште поуморна. Мојот ден е строго врзан за термините на дијализа. Планираш сѐ околу терапијата: исхрана, течности, обврски. Јас до скоро и работев, но премногу ми беше исцрпувачки.

Бранкица Размоска
Колку можеш да уживаш во „обичните“ работи што многумина ги земаат здраво за готово, како прошетки, патувања, планови за иднина?

Кога си пациент на дијализа, ништо не е „обично“

Кај нас, пациентите на дијализа, спонтаноста е луксуз. Сѐ мораш да планираш однапред. Прошетка, кафе со пријателите, кратко патување. Едноставно учиш да уживаш во малите нешта, но со постојани граници. Кога си пациент на дијализа, ништо не е „обично“, сѐ е испланирано.

Што е она што најмногу ти недостига од животот каков што го замислуваше, а што болеста ти го одложи?

Слободата и да бидам „обична“, да можам да планирам без да размислувам за болници, терапии и ограничувања. Ми недостига живот без болници и постојан страв од компликации и времето што минува.

Какви се твоите мисли и чувства додека чекаш трансплантација? Дали надежта е посилна од стравот?

И двете живеат во мене секој ден. Стравот е тој кој ме потсетува колку е кревок секој ден, но се трудам надежта да биде погласна, без неа човек не може да издржи ваква борба.

Бранкица Размоска
Од што најмногу се плашиш - од неизвесноста, од времето што минува, или можеби од нешто што луѓето околу тебе не го гледаат?

Исцрпеноста, болката, тивките стравови што ги носиш со себе кога ќе останеш сам. Најмногу се плашам од неизвесност и од тоа колку времето знае да биде сурово за пациентите на дијализа.

Во оваа долга и исцрпувачка борба, што е твојата најголема мотивација да продолжиш напред, дури и во најтешките денови?

Луѓето околу мене што ги сакам и ме сакаат, моето семејство, но и мислата дека мојата приказна може да даде надеж на некој друг пациент. Ако мојата борба може да охрабри барем еден човек да не се откаже, тогаш има смисла.

Бранкица Размоска
Бранкица Размоска
Колку поддршката од семејството и блиските ти помогнаа да станеш силна и дали има некој чија вера во тебе никогаш не се поколеба?

Околу мене имам неколку луѓе кои никогаш не се откажаа од мене, дури и кога јас се откажав од себе. Но, дека можам да успеам, дефинитивно никогаш не престана да верува мајка ми. Тука е и мојот партнер кој несебично ми помага во сѐ.

Дали болеста те промени како личност? Што научи за животот, за луѓето и за себе што можеби никогаш немаше да го научиш во поинакви околности?

Со оглед на тоа што многу рано да речам почнав да се борам со болеста, научив дека животот не се мери по годините, туку по длабочината на чувствата. Научив да ги ценам малите нешта и моментите кога срцето е мирно. Болеста ми ја зеде наивноста, но ми даде зрелост и емпатија.

Бранкица Размоска
За што најмногу сонуваш денес? Кои се работите што сакаш да ги направиш, да ги почувствуваш и да ги доживееш кога ќе ја добиеш таа нова шанса?

Сонувам за обичен мирен живот без апарати, без броење на часови додека врти апаратот до мене. Сонувам за слобода и сонувам да имам шанса да почувствувам љубов која само мајчинството ја носи. Знам дека дотаму патот е тежок и неизвесен, но надежта ме држи жива и силна.

Што би сакала луѓето да разберат за животот на пациентите кои чекаат трансплантација?

Ние пациентите на дијализа често изгледаме „добро“, но внатре водиме тивка војна секој ден со телото, со стравот и со времето. Најмногу ни значи разбирање, емпатија и поддршка. И свесност дека секој донор значи нечиј спасен живот.

Бранкица Размоска
Бранкица Размоска

Даница Караташова Илиоска / Femina.mk 

Tags
Бранкица Размоска
бубрези

Најнови

  • Бранкица Размоска

    „Мајка ми ме роди по вторпат подарувајќи ми бубрег“: Бранкица Размоска за животот на дијализа и битката за нова шанса

    Thu, 03/12/2026 - 12:42
  • „Летај насмеан, не беше роден за овој свет“: Пријателите и колегите со емотивни зборови се збогуваат со Кили

    Thu, 03/12/2026 - 12:24
  • Синот на Ози Озборн доби петта ќерка, ја крстија по нејзиниот легендарен дедо кој почина минатата година

    Thu, 03/12/2026 - 10:53
  • Маркетинг
  • Импресум
  • Услови за користење
  • Приватност
  • RSS

© 2026 Femina.mk. Сите права задржани

Содржините на Femina.mk се заштитени со Законот за авторски права.
За секоја форма на користење на делови од овој веб сајт или цели статии за комерцијални цели, потребна е писмена согласност од Femina.mk.