„Мајчинството ми донесе мир, длабочина и поубава перспектива на животот“: Едина Муса отворено за синчето Максим и родителството како тимска игра
Позната по својата борбеност на кошаркарскиот терен и строгата спортска дисциплина, Едина Муса пред една година ја прифати својата најнежна, но и најважна животна улога – стана мајка. Доаѓањето на синот Максим, круна на љубовта со поранешниот кошаркар Александар Димитровски – Мачка, целосно го промени нејзиниот секојдневен ритам. Сепак, како што вели и самата, мајчинството не ѝ ги скратило крилјата, туку ѝ помогнало да разбере како вистински да ги користи.
На 34 години, Едина останува доследна на својот спортски дух. Таа тренираше за време на бременоста и брзо ја врати физичката форма, но искрено признава дека вистинската сила денес ја црпи од љубовта, трпеливоста и присутноста.
Во отворено интервју за Фемина, разговараме за малиот Максим, за тоа како мајчинството ѝ донесе нова перспектива, каков татко е Мачка зад затворени врати и во каков човек посакуваат да порасне нивниот син.
Максим неодамна наполни една година. Kога ќе погледнете наназад, која беше најголемата промена што мајчинството ви ја донесе, како жена и како личност?
Мајчинството ми донесе мир, длабочина и една нова, поубава перспектива
Раѓањето на Максим навистина ме смири. Ме промени како личност на најубав можен начин. Ме научи да бидам потрпелива, да уживам во секој момент, па дури и во тешките. Ме научи да го забавам темпото на животот што претходно го живеев и да се препуштам на убавината на секој ден.
Сега уживам со него, но и со сите луѓе со кои го поминувам денот. Некако ме направи посмирена, многу, многу посреќна и поисполнета. Сè што правам денес, има повеќе смисла. Работите што можеби порано не ги гледав на ист начин, сега ми значат многу повеќе. Мајчинството ми донесе мир, длабочина и една нова, поубава перспектива на животот.
Бевте физички активна и дисциплинирана спортистка. Kако бременоста ви го промени односот кон сопственото тело и дали имаше моменти кога моравте да ја „пуштите контролата“?
Понекогаш силата не е во тоа колку ќе издржиш, туку во тоа колку ќе знаеш да застанеш и да си дадеш простор
Искрено, пред да останам бремена, многу се плашев како ќе изгледа моето тело по бременоста. Иако го знаев мојот начин на живот, дека сум физички активна и се хранам здраво, сепак ова ми беше прва бременост и навистина не знаев што да очекувам.
Во текот на бременоста, имаше моменти, особено во првите три месеци, кога чувствував огромен умор. И тогаш одлучив да бидам нежна кон себе. Наместо да се форсирам со интензивни тренинзи, како што сум знаела порано, решив едноставно да останам активна, три пати неделно во теретана, онолку колку што телото ми дозволува. Не се туркав до исцрпеност, не си поставував нереални цели. Само го слушав телото. И тоа беше можеби најголемата лекција, дека понекогаш силата не е во тоа колку ќе издржиш, туку во тоа колку ќе знаеш да застанеш и да си дадеш простор.
Вежбавте речиси во текот на целата бременост. Колку тоа беше лична одлука, а колку професионална навика и што би им порачале на идните мајки кои се двоумат дали е безбедно да останат активни?
Да, јас вежбав од самиот почеток на бременоста, па сè до ден пред породувањето. Тоа беше и лична одлука, но и професионална навика. Првично, матичниот гинеколог ми препорача да не вежбам до 25-тата недела, но јас чувствував дека наглото прекинување би било поголем стрес за моето тело отколку да продолжам со нешто што веќе сум го практикувала со години. Секако, направив одредени рестрикции - престанав со трчање и со кревање претешки тежини (некои трудници кои се спортисти и ова го прават), но останав активна. Го слушав своето тело и паралелно бев во контакт со уште еден гинеколог кој го поддржуваше вежбањето во бременост. Заедно ја следевме бременоста и таа се одвиваше одлично.
Бремените жени не се болни жени. Тие се здрави индивидуи кои носат нов живот
На идните мајки би им порачала да бидат физички активни доколку бременоста е уредна и доколку имаат дозвола од лекар. Но, не мора тоа да изгледа како моето вежбање. Секоја жена и секое тело се различни. Ако некоја се одлучи да вежба, нека биде во консултација со гинеколог и со стручно лице кое ќе ја води низ процесот. И најважно, бремените жени не се болни жени. Тие се здрави индивидуи кои носат нов живот. Со правилна грижа, физичката активност и здравиот начин на живот можат да донесат само бенефит и за мајката и за бебето.
Дали се соочивте со критики или негативни коментари поради тоа што вежбавте додека бевте бремена и како се справувавте со тие мислења?
Искрено, имаше различни видови на коментари, но не би рекла дека беа негативни. Повеќето беа од луѓе кои лично ги познавам и со кои имам добри односи, па беа повеќе загрижувачки, отколку критички. Сепак, ниту еден од тие коментари не ме обесхрабри, затоа што се чувствував толку убаво, толку среќна и толку исполнета. Го чувствував своето тело и знаев дека го правам тоа што треба да го правам. Всушност, во текот на целиот период на бременост, навистина не ги почувствував тешкотиите, ниту имав ограничувања во тренинзи, во работа, ниту во секојдневните активности.
Многу трудници бременоста ги успорува и ги прави зависни од други, но јас се чувствував активна и независна. Сметам дека тоа најмногу се должи на мојот активен живот и на тоа што продолжив да вежбам низ целиот процес.
Многумина забележаа дека релативно брзо се вративте во форма по породувањето. Дали тоа беше цел или природен процес и колку е важно жените да не чувствуваат притисок да „се вратат“ на старата фигура?
Многу е важно мајките да не се чувствуваат притиснати веднаш да се вратат во форма
Враќањето во форма по бременоста не беше моја цел. Можеме да кажеме дека беше желба, но не нешто што ме опседнуваше. Сè се случи природно, телото постепено се враќа во својот ритам, особено ако е негувано и останало активно и во текот на бременоста. Мислам дека е многу важно мајките да не се чувствуваат притиснати веднаш да се вратат во форма. Фокусот треба да биде на здравјето, на себе и на бебето. Да се внесуваат сите потребни нутритивни вредности, да се хранат здраво, да се движат и да не бидат затворени дома. Дури и малите прошетки надвор се огромен бенефит и можат да донесат убаво чувство на енергија и свежина.
Како изгледа Вашето секојдневие денес? Што е најубавиот, а што најпредизвикувачкиот дел од денот со Максим?
Возењето на точак со седиште напред ни е нова авантура, буквално ужива
Најубавиот дел од секојдневието е кога сме заедно со Максим. Иако понекогаш може да биде физички напорно, ништо не може да се спореди со тие моменти. За среќа, мојата работа ми дозволува да имам многу слободно време за него, што беше и една од моите цели кога решив да станам мајка, да можам целосно да уживам во времето со моето дете.
Максим уште не оди во градинка, го чуваме заедно со татко му и баба Лиле и скоро секој ден одиме во парк заедно со нашето куче, Лео. Долгите прошетки, пикници кога е убаво времето, сите тие моменти ги уживаме заедно. Пред некој ден зедов точак со седиште напред, и сега тоа ни е нова авантура, тој седи пред мене и буквално ужива, тоа му е едно од омилените нешта.
Најпредизвикувачки ми е моментот кога треба да излеземе од дома. Морам да го подготвам целиот ранец, сите оброци, пресоблекување, бидејќи не сака да се пресоблекува и секогаш бега, тегне или вика. Но, веднаш штом ќе излеземе на двор или во парк, се трансформира и веднаш е друго, среќно и насмеано дете.
Какво дете е Максим? Дали веќе покажува карактер, темперамент или можеби „спортски дух“?
Максим е прекрасно дете, полно со љубопитност, темперамент и радост
Максим е навистина среќно, насмеано дете, едноставно има една мила ѕвезда кај себе. Сака да се смее, сака други деца, луѓе, се радува кога ќе слушне детски гласови и навистина ужива во социјализација. Дури и на неговата возраст, многу се радува кога има друштво, особено со постари деца кои знаат како да го играат. Веќе има свој карактер. Пред неколку месеци почна да го истакнува својот инатлив и темпераментен дел, ако нешто не му се дозволи, знае да се бори за своите желби и права, што искрено ми се допаѓа. Енергичен е, жив и веќе покажува свој „спортски дух“. Навистина е прекрасно дете, полно со љубопитност, темперамент и радост.
Со сопругот Александар имате силна спортска позадина. Дали би сакале Максим да ја наследи љубовта кон кошарката или ќе го оставите самиот да го пронајде својот пат?
Ќе му дозволиме на Максим да проба различни спортови, а потоа ќе му бидеме „ветер во грб“
Да, точно така. Јас и мојот сопруг имаме силна спортска позадина и кошарката секогаш била и сѐ уште е голем дел од нашите животи. Нашата желба е да ја развиеме кај Максим љубовта кон спортот, а можеби и кон кошарката. Нормално, ќе му дозволиме на Максим да проба различни спортови и да истражува од мала возраст. Но, ако се покаже дека има талент и вистинска љубов кон одреден спорт, тогаш како родители ќе бидеме тука да му бидеме „ветер во грб“, да го поддржиме, па дури и понекогаш да го мотивираме да остане во тој спорт, доколку навистина има голем потенцијал. Сепак, тоа е нешто што се воведува подоцна, не од најрана возраст.
Најважно е прво детето да ужива и да го пронајде својот интерес, без притисок, а потоа, кога ќе се покаже потенцијалот, тогаш родителската поддршка станува клучна.
Како мајка, како би се опишале себеси – строга, заштитничка, или повеќе интуитивна и опуштена?
Не сакам да му го „задушам“ темпераментот на Максим со строгости
Би се опишала како интуитивна и заштитничка мајка. Опуштена, не сум сигурна колку можам да бидам со прво дете, бидејќи за мене сè е ново и се соочувам со работи со кои порано никогаш не сум се соочувала. Можеби понекогаш сум малку паничар, но тоа со текот на времето се учи.
Заштитнички сум настроена затоа што го воспитувам Максим со многу љубов и трпеливост, и додека е мало, очекувам и другите да се однесуваат на сличен начин кон него. Во одредени ситуации, интуицијата ми помага да знам кога треба да се вмешам и кога е подобро да го оставам да проба сам. На пример, кога игра со други деца, да учи да комуницира и да се снаоѓа.
Не сум строга мајка во традиционална смисла, туку повеќе разумна и посмирена. Не сакам да му го „задушам“ темпераментот со строгости или само да ја следи послушноста. Сакам да го насочам неговиот темперамент кон правите работи, да учи, да истражува и да биде свој, со разбирање и љубов.
Колку е важна поддршката од партнерот во оваа нова животна улога? Каков татко е Александар зад сцената?
Александар е максимално вклучен, и тоа ми помогна да не се изгубам себе си во целиот процес
Поддршката од партнерот во оваа нова животна улога е клучна. Ако партнерот не е вклучен, тогаш целиот товар паѓа на едниот, во овој случај, на мајката, а тоа е премногу тежок товар да се носи сама. Затоа многу жени понекогаш се чувствуваат изгубени или дури паѓаат во депресија, бидејќи целото време мора да го посветат само на бебето.
Јас нескромно можам да кажам дека Александар е максимално вклучен и тоа ми помогна да не се изгубам себе си во целиот процес. Благодарение на неговата поддршка, можам да се вратам на работа, на тренинзи, на кошарката, да продолжам да тренирам деца и да го задржам својот личен и професионална идентитет. Ние многу добро се организираме околу Максим и никогаш не се препуштаме кој колку ќе го чува. Сè правиме заедно, заедно се грижиме и уживаме во тоа. Така родителството не е товар, туку нешто што го делиме, и тоа ја прави целата авантура полесна и многу поубава.
Дали мајчинството ви отвори нови перспективи... можеби нови цели, нови соништа или поинаков однос кон кариерата и животот генерално?
Не е важно само што постигнуваш професионално, туку и како уживаш во моментите со оние кои ги сакаш
Да, мајчинството навистина ми отвори нови перспективи. Со Максим, животот доби сосема нова димензија, се појавија нови цели и нови соништа, но и поинаков однос кон сè околу мене. Претходно, кариерата ми беше многу важна, и сè уште е, но сега многу повеќе ја гледам во контекст на семејството и балансираниот живот. Научив дека не е важно само што постигнуваш професионално, туку и како уживаш во моментите со оние кои ги сакаш. Мајчинството ме научи да ценам секој момент, да бидам присутна и да се радувам на малите работи, а тоа ме направи и како човек и како професионалец, посмирена, посреќна и пофокусирана на вистинските вредности.
Во каква личност сакате да порасне Максим? Кои вредности ви се најважни да му ги пренесете и што би сакале еден ден да каже за вас како мајка?“
Сакаме Максим да биде слободен, автономен и емпатичен човек
На крајот од денот, сакам Максим да порасне како психолошки стабилна и емпатична личност. Сакам да научи да се цени себеси, да биде свесен за сопствените чувства и мисли и истовремено да ги почитува другите. Вредностите кои ни се важни - интегритет, одговорност, емпатија и семејни врски, се темелите на неговиот психолошки развој.
Сакам да развие внатрешна самодоверба и автономија, да верува во своите способности и да знае дека само тој има контрола над своите „крилја“. Учењето како да се соочи со предизвици, да учи од грешките и да се изгради како отпорна личност е исто толку важно, колку и да биде љубезен и социјално адаптиран. На овој начин сакаме да го подготвиме да биде слободен, автономен и емпатичен човек кој може да гради здрави односи и да носи свесни одлуки во животот.
Сакам Максим да ме памети како извор на емоционална безбедност и стабилност. Сакам да знае дека љубовта која ја прима е безусловна и дека во мене секогаш ќе најде прифаќање и разбирање. Важно ми е да разбере дека емоционалната близина не значи контрола, туку присутност и поддршка и дека секогаш ќе има место каде може да биде свој и да се изрази слободно.
Даница Караташова Илиоска / Femina.mk