• Маркетинг
  • 🔥 Новости
  • ♏ Хороскоп
  • 🌙 Соновник
  • 💬 Форум
  • Новости
  • Категории
    • Убавина и мода
    • Љубов и секс
    • Диети и фитнес
    • Рецепти
    • Здравје
    • Семејство
    • Дом и градина
    • Кариера
    • Забава
    • Колумни
  • Хороскоп
  • Соновник
  • Форум
  • Маркетинг
  • Импресум
  • Услови за користење
  • Приватност
  • RSS
Занимливости

Мачиња за галење, чоколатца за трпение: Како изгледа првото „Cat Cafe“ во Скопје за кое се чека ред и по 40 минути

19 јуни 2026, 12:10
  • cподели
Cat Cafe Скопје

Седум спасени мачиња, стотици насмеани посетители и една идеја која од шега прерасна во најпосетуваното ново катче во градот

Пред само неколку дена, Скопје доби уникатно катче – првото „Cat Cafe“, кафуле во кое мачињата се вистинските домаќини. Додека посетителите уживаат во кафе, мача или освежителен пијалак, околу нив безгрижно шетаат разиграни мачиња, кои бараат галење, внимание и нови пријатели.
Необичниот концепт, кој со години е хит во светските метрополи, за кратко време стана хит во главниот град. Пред вратите секојдневно се создаваат редици, а љубителите на животни трпеливо чекаат можност да поминат време во друштво на овие мили крзнени миленици.

Зад неодоливата приказна, стојат момче и девојка кои пред четири години за првпат го посетиле своето прво „Cat Cafe“ во Рејкјавик, Исланд. Она што тогаш изгледало како далечен сон, денес е реалност.

Cat Cafe Скопје
Cat Cafe Скопје

Од случајна посета во Исланд до отворање на првото „Cat Cafe“ во Скопје

За Фемина, сопствениците раскажуваат дека толку многу биле воодушевени од концептот што си ветиле дека ќе посетат што е можно повеќе вакви места низ светот. Со текот на времето, шегата дека еден ден некој можеби ќе отвори вакво кафуле и кај нас, полека прераснала во сериозна идеја.

„Толку многу се заљубивме во идејата што си дадовме збор дека ќе ги посетиме сите вакви кафулиња во светот (ова беше само изговор за да патуваме). Долги години ова беше само сон за да го отвориме кај нас, меѓусебна шега дека 'Ај еден ден можеби на некој ќе му текне да отвори вакво кафуле кај нас, па ќе одиме да пиеме кафе таму'.

Долго време сме разговарале на темата, ама искрено не мислевме дека сме спремни да го направиме тој чекор. Еден ден се вративме од патување на Исланд (често одиме) и после два откажани летови, укочени од седење по авиони, решаваме да пешачиме низ град. Цел пат зборуваме околу идејата за да отвориме вакво кафуле кај нас и завршува муабетот со некој заклучок од типот на 'А бе види, ако треба да биде, ќе биде.. во право време и право место'.

Уморни од пешачење, седнуваме на една клупа кај Рекорд, пред нас гледаме огромна статуетка на мачка ставена од општината, јас се шалам „Еј, види еве знак хахахах“ , кога гледаме позади нејзе – локал што се издава од некоја агенција за недвижнини. Се смееме во неверување, викаме мора да ѕвониме, ова е тоа – а веќе беше доцна околу 22:00 часот. Среќа човекот ни крена телефон, договоривме другиот ден да го видиме локалот, бевме, се договоривме - и така почна 'Cat Cafe' 😆.“

Cat Cafe Скопје
Cat Cafe Скопје

Сон подготвуван со години, а реализиран за само еден месец

Иако отворањето траело само еден месец, подготовките всушност започнале многу порано. Низ годините, посетувале вакви кафулиња во различни земји, од Исланд и Португалија до Виетнам и Кина, и собирале идеи и инспирација за тоа како би изгледало нивното совршено катче.

„Иако мислевме на почеток дека сѐ имаме ‘под конец’, сепак имавме многу непредвидливи фактори. Доброто е што сме типот на луѓе што само чекавме нешто да ни тргне наопаку и очекувавме во секој момент, па затоа и тешките делови ни поминаа на шала. Сепак, неколку години потсвесно ја креиравме идејата, само чекавме точно време. Успеавме да ја изреализираме за само еден месец.“

Cat Cafe Скопје
Cat Cafe Скопје

Седум спасени мачиња се ѕвезди на кафулето

Во моментов во „Cat Cafe“ живеат седум мачиња, а секое од нив има своја приказна. Дел се спасени од улица, а дел се вдомени од луѓе кои повеќе не можеле да се грижат за нив. Сопствениците откриваат дека нивната мисија не завршува тука.

„Нашата цел е кога ќе пораснат мачињата (кога ќе имаат околу 6 месеци) и сите примени вакцини и ветеринарни контроли, да отвориме програма/опција за вдомување на мачињата. На овој начин ќе можеме да вдомиме и дадеме шанса и на други мачиња на кои им е потребна, а истовремено на тие што ги имаме да им пружиме топол дом кај луѓе кои ќе ги чуваат како дел од своето семејство.“

 
 
 
 
View this post on Instagram
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 

A post shared by Cat Cafe Skopje (@catcafeskopje)

Cat Cafe Скопје
Cat Cafe Скопје

Зошто посетителите не можат да ги носат своите миленици?

Иако многумина прашуваат дали можат да дојдат со своите домашни миленици, одговорот засега е негативен.

Сопствениците објаснуваат дека оваа одлука е донесена исклучиво заради безбедноста и здравјето на мачињата кои живеат во кафулето, со цел да се намали ризикот од пренесување болести или други несакани последици.

Редици пред вратата и посетители кои чекаат и по 40 минути

Она што најмногу ги изненадило е реакцијата на јавноста. Иако очекувале интерес, не верувале дека тој ќе биде толку голем уште во првите денови.

„Досега имаме неверојатно добар ‘feedback’, кој искрено не го очекувавме. Последниве денови од кога отворивме, секојдневно имаме редици од луѓе пред локалот кои чекаат дури и по 40 минути за да се ослободи маса. Внатре постојано ни се сите маси зафатени, луѓето уживаат, се дружат со мачињата - си полнат батерии и серотонин. Досега барем кај нас низ град, (ние) не сме виделе вака да се чекаат редици, па малку ни е криво на начин дека луѓето стојат надвор, пробуваме секогаш барем некое столче да им најдеме внатре и да ги услужиме најдобро што можеме. Секојдневно делиме и чоколатца за луѓето кои чекаат ред. Навистина сме неизмерно многу благодарни за поддршката што ја добивме од сите.🧡“

Cat Cafe Скопје
Cat Cafe Скопје
Cat Cafe Скопје
Cat Cafe Скопје

Даница Караташова Илиоска / Femina.mk

Tags
Cat Cafe

Најнови

  • Роман Лескароски

    „Се очекуваше Роман да зачекори во октомври, а тој веќе е на нозе“: Храбриот борец од Охрид е вистинско чудо

    Fri, 06/19/2026 - 13:24
  • Ноле ѝ пееше на микрофон, лудо танцуваа, носеше фустан од 500 евра... Забавата за 40-тиот роденден на Јелена Ѓоковиќ

    Fri, 06/19/2026 - 13:00
  • Cat Cafe Скопје

    Мачиња за галење, чоколатца за трпение: Како изгледа првото „Cat Cafe“ во Скопје за кое се чека ред и по 40 минути

    Fri, 06/19/2026 - 12:10
  • Маркетинг
  • Импресум
  • Услови за користење
  • Приватност
  • RSS

© 2026 Femina.mk. Сите права задржани

Содржините на Femina.mk се заштитени со Законот за авторски права.
За секоја форма на користење на делови од овој веб сајт или цели статии за комерцијални цели, потребна е писмена согласност од Femina.mk.