Луѓето не веруваат дека ова го правам бесплатно“: Андреј (Градинарот.мк) го разубавува Скопје без денар надомест
Додека повеќето од нас брзаат низ градскиот метеж, ретко забележувајќи ги запуштените тревници и заборавените „агли“ на Скопје, Андреј Рајатоски е редок пример кој докажува дека секој поединец има моќ да го промени ликот на околината.
Скопјанецот, кој стои зад псевдонимот Гардинарот.мк, а чија приказна за многу кратко време се прошири низ социјалните мрежи, без финансиски надомест уредува запоставени јавни површини, претворајќи ги во простори кои му даваат поубава димензија на главниот град.
Во разговор за Фемина, Андреј зборува за почетниот скептицизам на околината, за моментите кога случајните минувачи ги засукуваат ракавите за да му помогнат, како и за неговата крајна цел: будење на колективната свест. Неговата иницијатива докажува дека за позитивна промена не се потребни огромни буџети или дозволи, доволно е само желба да се биде дел од решението.
Што најмногу те изненади во реакциите на луѓето кога те гледаат како бесплатно уредуваш јавен простор?
Најмногу ме изненади тоа што луѓето прво не веруваат дека е бесплатно. Често мислат дека има некој скриен интерес или проект позади.
Дали некогаш некој минувач ти се придружил спонтано откако те видел како работиш?
Да, и тоа ми е еден од најубавите моменти. Имало луѓе што прво само гледаат, па после неколку минути сами доаѓаат и прашуваат „Да помогнам нешто?“. Тоа покажува дека само треба некој да почне.
Дали некогаш некој ти рекол „Зошто го правиш тоа бесплатно?“ – и што им одговараш?
Многу пати. Им одговарам дека не сè мора да има финансиска причина. Некои работи ги правиш затоа што сакаш да оставиш нешто подобро зад себе и затоа што те исполнува.
Кое место што си го уредил ти е најдраго и зошто баш тоа?
Најдраги ми се тие што биле целосно запоставени, а после станале место каде што луѓето застануваат, седнуваат или се сликаат. Не е само до изгледот, туку до тоа што просторот почнува да живее.
Што мислиш, зошто луѓето често чекаат некој друг да ја направи првата промена?
Мислам дека е комбинација од навика и чувство дека „не е мое“. Луѓето се навикнати некој друг да биде одговорен. А всушност, просторот е на сите нас.
Ако утре станеш министер за животна средина и просторно планирање, која би била првата одлука што би ја донел?
Би вовел конкретни акции со вклучување на заедницата – не само казни, туку и мотивација. Луѓето треба да се почувствуваат дел од промената, не само обврзани.
Што мислиш дека е потешко – да се уреди еден простор или да се промени навиката луѓето да го чуваат?
Дефинитивно навиката е потешка. Просторот можеш да го средиш за ден-два, ама свеста се гради многу подолго. Ако луѓето не го чуваат, целата работа брзо се враќа на старо.
Ако можеше да испратиш една кратка порака до сите граѓани во градот, што би им кажал за грижата кон јавните површини?
Градот е наш заеднички дом – ако секој направи малку, ќе изгледа како сите да направиле многу.
Кој е Андреј приватно? Мото кое те води низ животот?
Едноставен човек што сака да создава, да средува и да остава нешто убаво зад себе – без многу филозофија.
Мото: „Биди промената која сакаш да ја видиш кај другите.“
Даница Караташова Илиоска / Femina.mk